„Аква“ од Струга слави полнолетство
Најголема гордост за нас е трајното влијание кое „Аква“ го остава врз младите во заедницата. Многу млади кои биле дел од „Аква“, сега се успешни лидери, активисти и професионалци, кои продолжуваат да ги промовираат вредностите на кои се учеле во организацијата, споделува претседателката на здружението, Славица Јовческа
Со мотото 18 години – мост помеѓу младите, заедницата и иднината, Здружението за развој и активизам „Аква“ од Струга ќе ја одбележи прославата за 18 години постоење. Оваа сабота, 19-ти октомври, тие организираат настан на кој ќе го прослават 18-годишното делување и влијание во заедницата.
– Најголема гордост за нас е трајното влијание кое „Аква“ го остава врз младите во заедницата. Многу млади кои биле дел од „Аква“, сега се успешни лидери, активисти и професионалци, кои продолжуваат да ги промовираат вредностите на кои се учеле во организацијата. Покрај тоа, гордост е и фактот дека организацијата успеа да остане релевантна и по 18 години, приспособувајќи ги своите активности на новите предизвици и потреби на младите – вели претседателката на здружението, Славица Јовческа.
Трајно влијание врз младите во заедницата
Таа објаснува дека делувањето на организацијата низ годиниве, донело бројни позитивни резултати за средината, во неколку клучни области.
– Многу е важно што преку нашите програми, младите се здобија со вештини кои не се дел од формалното образование, но се неопходни за нивниот личен и професионален развој. „Аква“ е позната по тоа што создаде платформа за млади во Струга и поширокиот регион, која им овозможи активно вклучување во решавањето на проблемите во заедницата и застапување на младинските политики. Исто така, промовиравме дијалог и заедничко разбирање во мултиетничка средина како што е Струга – вели Јовческа.
Освен тоа, организацијата е насочена и кон градење партнерства.
– Работиме и на долгорочни партнерства и соработка со што ја прошируваме својата мрежа на влијание и обезбедуваме ресурси за реализација на своите иницијативи. Долги години трае соработката со МОФ и сме регионален центар на МОФ, како и регионална канцеларија на Националниот младински совет на Македонија – додава Јовческа.
Исполнување визија за создавање на позитивни промени преку младински активизам
Околу значењето на делувањата на организацијата, за оние кои ја започнаа приказната пред 18 години, „Аква“претставува исполнување на визија за создавање на позитивни промени преку младински активизам.
– За основачите, успехот на организацијата е доказ дека страста и посветеноста можат да создадат долготрајно влијание врз заедницата. За младите волонтери пак, „Аква“ е простор за личен развој, учење, и активен придонес во заедницата. За нив, оваа организација е повеќе од НВО. Тоа е место каде што се стекнуваат пријателства, вештини и се создаваат спомени кои ги обликуваат како личности – споделува Јовческа.
„Лице в лице“ летово имаше соработка со „Аква“, кога организираше настан на тема Ментално здравје во Струга. Дел од содржините кои ги кокреиравме се наоѓаат и во актуелното издание, кое е достапно кај продавачите на „Лице в лице“, како и онлајн, на овој линк.
Прочитајте и за други теми
- Една трансплантација чини колку една годишна дијализа
- Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
- Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
- Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
- Хуманитарен настан во организација на ХЕРА: Промоција на креативноста на младите девојки и поттикнување на општествена солидарност