Човековите права – лика и прилика на бизнисот
„Модерното ропство“ и профитирањето со штетно влијание не е бизнис. Компанија откажа соработка со нашите текстилни фабрики не само поради солидарноста со нашите работнички, туку најмногу поради бизнис и правен ризик. Ќе се откажат и ќе проговорат и други. Одговорниот бизнис влијае на својот терен и прави промени, но државата и другите фактори имаат придонес
Автор на текстот: Виктор Мирчевски
Фотографија што не бледнее: Толку ѝ зрачи изразот на лицето на онаа фотографија од 1949 година. Елеонор Рузвелт му ја прикажува на светот Универзалната декларација за човековите права на Обединетите нации. Постерот на кој е напишан документот го држи како в прегратка. Некои велат дека ова е парче хартија и се чита само со розови очила. Но, сепак, тоа е аманетот што ни го оставија претходните генерации што ја вкусија војната и решија да постават правила на игра за похумано општество базирано на неотуѓиви права и слободи. Се договорија сите нации, за ние да препрочитуваме и да осигуриме дека одиме на вистинската страна. Од „Магна карта либертатум“ до четвртата генерација човекови права поврзани со генетското инженерство, ова препрочитување, толкување и ново дефинирање е живо и динамично.
Бизнисот во една од главните улоги: Како е бизнисот поврзан со човековите права? Нели е тоа работа на државата? Изгледа апстрактно и како да недостига насока. На пример, лице во некоја земја е платено многу помалку од потребите за живот. Така цела низа права се загрозени и прекршени. Не може да си дозволи дополнителна медицинска услуга, едукација на своите деца или, ако ги нема, не може ни да основа семејство. Тука се поставува основното прашање, кој е одговорен за тоа? Дали работодавецот, кој исплатил таков надомест, или, пак, државата што го поставила минималниот праг на плата пониско од потребното за живот? Одговорни се еднакво.
Од 2011 година патоказ за ваквите ситуации се Водечките принципи за бизнисот и за човековите права на ОН (ВПОН). Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека главните улоги се поделени меѓу државите, бизнисот и правниот лек. На тој начин се гради урамнотежен механизам на превенција, заштита и на надоместување штета. Покрај улогите на државите, компаниите имаат еднакво одговорност да ги почитуваат човековите права во сите аспекти на работењето. Тие се одговорни за правата на своите вработени, на потрошувачите, дејствуваат преку синџирите на снабдување и во заедниците во кои работат или влијаат.
За жал, во нашата земја рамката за бизнис и за човекови права е многу малку позната. Истражувањето што го спроведовме, „Човековите права во бизнис-секторот“, покажа дека почитувањето на човековите права кај нашите претпријатија е повеќе декларација, отколку практика. Мал број компании имаат суштински приод кон заштитата на човековите права, односно само триесетина отсто од вклучените компании прават процена на ризиците поврзани со човековите права, а тринаесет отсто потоа преземаат некаков осмислен пристап во оваа насока.
Огледало за добар или лош бизнис
Бизнисот може клучно да ги унапреди или прекрши човековите права. Со самото свое дејствување тие имаат влијание. На пример, компании градат инфраструктура и ја унапредуваат слободата на движење, а подобрата здравствена заштита е водена од бизнис-иновациите во фармацевтската индустрија. Но притоа, едно унапредување не може да е замена за друго кршење. Одлично е ако се измисли лек за ракот, но тоа само по себе не надоместува за тоа ако тој биде произведен нееколошки или, пак, ако е достапен само на затворен круг пациенти.
Постојат едно чудо примери. Еден од нив потресно го разбуди светот. Фабриката „Рана плаза“ во Бангладеш, која произведуваше облека за модни марки, кои сите ги знаеме, се урна. Загинаа 1.132 работнички и работници, а 2.500 беа повредени. По многу претходни предупредувања за пукнатини во ѕидовите, тој ден, раководството на сила ги терало работниците да влезат во објектот. Во судските процеси физички и правни лица се обвинуваат за убиство со умисла. Како поука, се сменија меѓународните стандарди за условите, платите, правилата за здравје и за безбедност при работа и станаа построги, се отворија обврски за надомест на штета, механизми за пријави, следење итн. Модната индустрија создаде и ново движење соочена со своето влијание. Се покажа и дека правните лекови е потребно да се ефективни и да бидат достапни пред да стане предоцна.
Одговорноста се протега низ целиот синџир снабдувачи
Бизнисот не е одговорен само до својата ограда. Одговорноста се протега низ целиот синџир снабдувачи. Компании ги раскинуваат договорите со снабдувачите што не ги исполнуваат обврските за почитување на човековите права. „Епл“, престана да работи со неколку компании што го снабдуваат со ретки минерали или што произведуваат за него. Сега компанијата троши милиони за независни ревизии и инспекции да објаснат зошто имало обиди за самоубиство на работниците во кинеските фабрики, а американскиот систем го обвинува за правна одговорност на раководството за постапките на компаниите во нивниот глобален синџир на снабдување. Неопходни се механизми за интерен надзор на снабдувачите.
„Модерното ропство“ и профитирањето со штетно влијание не е бизнис. Компанија откажа соработка со нашите текстилни фабрики, не само поради солидарност со нашите работнички, туку најмногу поради бизнис и правен ризик. Ќе се откажат и ќе проговорат и други. Одговорниот бизнис влијае на својот терен и прави промени, но државата и другите фактори имаат придонес. Дури и кога механизмите за надзор нема да забележат, случаите излегуваат на виделина. Новинарите ги обелоденуваат примерите како тој на граѓаните во Чешиново – Облешево, кои немаат мир и им е загрозено правото на домување затоа што никнала компанија што ископува песок до нивните куќи. Случаите ќе се истражуваат. Инспекторатите треба да ги градат капацитетите и да го следат примерот на нивната колешка од Велес, која гласно алармира пред општинскиот совет за можни пропусти во маслодајната индустрија. Потребна е искрена отвореност како пред огледало, па заедничка работа за надминување на пропустите за бизнисот да служи и на следните генерации. Потребно е бизнисот да ги анализира ризиците и да развие механизми на превенција. Превенцијата е драгоцена бидејќи им штеди ресурси на сите. Во целиот систем механизмите за пријави и за добивање правен лек и отштета се важна и не ретко послаба алка. Како што покажа #MeToo, треба и храброст за да се пријави мобинг, дискриминација и слично. Секој со својата улога и парче во мозаикот зашто е потребна подобра слика.
Тука е и убавиот одраз во огледалото. Приватна градинка во Букурешт ги отвори вратите и по работното време за да ги згрижи децата на тие што сакаа да протестираат против штетен законски предлог што можеше да ги амнестира политичарите од корупција. Наша фабрика 24/7 ги мониторира и јавно ги објавува емисиите, а има поставено праг, кој е многу понизок од локалната регулатива. Најпознатиот пијалак храбро ја поддржа парадата на гордоста во Скопје испраќајќи јасна порака со која се застапува за интеграција и еднаквост на лицата од ЛГБТКИ+ заедницата. Има и компании што прават анализа на ризиците, претходни проверки и имаат мери.
Компаниите сѐ повеќе имаат интерес за спроведување на стандардот за родова рамноправност и за урамнотеженост меѓу приватниот и професионалниот живот „Мамфорс“ што кај нас го спроведува „Конект“. По првата компанија, уште пет се во процес што ќе им овозможи да го засилат спроведувањето на нивната политика и практика. Стандардот на вработените (со посебен акцент на жените) им овозможува рамнотежа меѓу работата и приватниот живот за да може непречено да напредуваат на сите полиња. Дека не е утопија покажува практиката на компаниите што се носители на стандардот. Тие немаат јаз во платите, на своите вработени им овозможуваат флексибилни работни ангажмани, скратено работно време, работа во смени, работа од дома и слично. Нивните одговорни лица за човечки ресурси при регрутација не прашуваат за семејните планови, а ги охрабруваат жените да прифатат повисока позиција кога е понудена. Исто така, не се помалку важни и специјализираните активности за намален товар за грижа за семејството на вработените: основање градинки за децата на вработените, финансиска помош за едукација на децата, како и менторство за урамнотежена родова застапеност. Стандардот „Maмфорс“ ја менува корпоративната култура дејствувајќи превентивно на искоренување на сексизмот и на родовата дискриминација.
Можност за унапредување на системскиот приод
Наша можност: Водечките принципи за бизнис и за човекови права на ОН се одлична можност за унапредување на сликата во која сите институции, организации, сопственици на бизнис, менаџери и вработени ќе ја разбереме својата обврска и улога во заштитата на човековите права.
Нашата држава има можност да го унапреди системскиот приод низ процесот на создавање национален акциски план за ВПОН, кој ќе овозможи воведување на овие принципи на национално ниво. Во овој план, кој има прецизна методологија, преку дијалог и идентификување на празнините би се дефинирала улогата на државата и на компаниите со што имаме можност да станеме една од првите земји во регионот. Еден од механизмите на влијание се и јавните набавки преку кои државата може да им даде предност на компаниите што прават анализа на ризици и имаат мерки за заштита на човековите права.
Нашата економија цели да се интегрира на меѓународниот пазар. Нашите компании ќе треба да разберат дека како снабдувачи на компаниите од развиените земји стануваат директно одговорни не само за сопствената усогласеност со човековите права, туку и за усогласеноста на компаниите во рамките на нивниот синџир на снабдување. Компаниите што само декларативно се придржуваат кон своите обврски за почитување на човековите права ризикуваат да го загубат бизнисот. Тие, пак, што ја прифаќаат одговорноста за нивното почитување и ги интегрираат во сопственото работење, имаат вистинска конкурентска предност.
Во „Конект“ сме задоволни што можеме да им обезбедиме помош на компаниите во едукација, процена на ризиците што ги имаат за прекршување на човековите права, создавање интерни механизми (меѓу кои и процес на претходна проверка), конкретни мерки како „Мамфорс“ и слично.
(Авторот е програмски раководител на „Конект“)