Циркуларната економија – приоритет за чиста животна средина
Климатските промени се најголемиот проблем на денешнината и предизвик за тие што донесуваат одлуки. И нашата земја ги трпи последиците од екстремните временски услови што ги загрозуваат нашето здравје и безбедноста на нашите домови. Ова е глобален проблем, меѓутоа причините што го предизвикуваат се многу локални.
Луѓето што донесуваат одлуки се соочени со сериозен предизвик, но и со можност за комплетна промена на начинот на кој сите сфери на општеството функционирале досега. Во свет во кој климата се менува забрзано, временските услови стануваат хаотични и непредвидливи, начинот на кој ги планираме и градиме нашите живеалишта и градови станува исклучително важен.
Во исто време сѐ повеќе луѓе ги населуваат урбаните средини и поголемите градови создавајќи мегаградови и зголемувајќи ја потребата од простор, енергија и од транспорт – кога ни е најмногу потребно зачувување на обработливите површини почва, намалување на потребите за енергија и за транспорт. Одржливо живеење во градовите e возможно само ако урбаните средини се планираат и градат имајќи го предвид здравјето на луѓето (физичко и психичко) како приоритет.
Загадувањето на животната средина што е предизвикано на начинот на кој нашите општества моментно функционираат е директна причина за намалениот квалитет на живот, намалениот квалитет на воздух и придонесува за влошување на климатските промени. На последната конференција за климатски промени во Мадрид, Шпанија, сите истражувања и анализи укажаа на потребата од доследно спроведување на принципите на циркуларна економија во борбата со климатските промени.
Циркуларната економија значи намалување на потребата од нови ресурси, воспоставување функционален систем за селектирање на отпадот и 100 проценти реупотреба и рециклирање на веќе создадени производи за да се намали потребата од нови ресурси. Ваквиот пристап ќе значи и намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина од индустријата за речиси 50 проценти до 2050 година.
Доследна и навремена примена на принципите на циркуларната економија во моментов е од исклучителна важност за нашата земја бидејќи најсериозниот проблем на целата територија е токму загадување на животната средина поради несоодветен третман на отпадот. Ова загадување влијае директно на нарушување на здравјето на граѓаните преку загадување на водите, воздухот и на почвата.
Воспоставување на темелите на циркуларна економија сега и што побрзо е еден од приоритетите на кои мора да работиме. Потребна е институционална соработка, а уште повеќе едукација и информирање на општините, кои ќе бидат тие што ќе мора да ги спроведат сите мерки и активности кон воспоставување систем за селектирање на отпадот. И на крај, ќе биде потребно менување на начинот на кој самите ние сме научени да функционираме секојдневно и, пред сѐ, на свеста дека ние како краен потрошувач ја имаме моќта да ги придвижиме сите овие општествено-економски промени и да си го заштитиме здравјето.
(Авторката е еко-активистка)
Илустрација: Ивана Марковска