Доза вести

Филмот „Приказната за Силјан“ бележи нов пробив – поддржете го со вашиот глас до 16 декември

Силјан, награди од публика гласање Тамара Котевска

Македонскиот документарен филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој доби бројни меѓународни признанија, деновиве засилено бележи нови големи успеси што дополнително ја зајакнуваат неговата позиција во тековната оскаровска трка.

Во тек е финалното гласање за престижната награда „Cinema Eye Honors – Audience Choice Prize“. Од вчера започна вториот, завршен круг на гласањето за оваа значајна светска награда за документарен филм, чиј добитник го определува публиката.

„Приказната за Силјан“ се натпреварува со филмови од Бразил, Палестина, Гана, Нов Зеланд, Украина и други земји.

Гласањето трае до 16 декември 2025 до 02.00 часот, а поддршката од македонската публика може да биде клучна за патот на филмот кон нови успеси и евентуален продор во најтесниот избор за Оскар.
Гласањето е на овој линк.

Нова голема номинација: PGA Awards за Исклучителен продуцент на документарен филм

Само еден ден по почетокот на гласањето, „Приказната за Силјан“ доби уште едно значајно признание, номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures. Ова е едно од највлијателните признанија во филмската индустрија, особено затоа што PGA ги вреднува авторите кои лично ја носат тежината на продукцијата.

Филмот на Котевска и директорот на фотографија и копродуцент Жан Дакар е резултат на три години снимање во екстремни теренски услови, живот на депонии, долги миграциски чекања по штрковите и работа без класичен продукциски буџет.

Нивниот пристап, потполн теренски ангажман, комбинирање на режија, продукција, камера и истражување, беше препознаен како пример за т.н. total filmmaking, каде авторите се вистински носители на целокупниот процес.

Номинацијата доаѓа веднаш по големиот успех на филмот на IDA Documentary Awards, каде филмот ја освои наградата за Најдобар документарен филм и Најдобра камера, како и по премиерите во Венеција, Торонто и бројни проекции низ САД и Канада. Откупот од National Geographic Documentary Films дополнително ја зацврсти неговата меѓународна видливост.

И Cinema Eye Honors и PGA Awards се меѓу најзначајните индикатори за тоа кои филмови ќе се најдат во финалната оскаровска трка. Историјата покажува дека филмовите препознаени од овие институции многу често завршуваат со Оскар-номинации, а понекогаш и со статуетка.

Американската филмска академија ќе го објави потесниот избор за „Оскари“ на 16 декември во 22.00 часот.

Напишете коментар