Актуелно, Час по родови прашања

Институционален молк во Македонија: Родовата еднаквост и родовите дезинформации како табу 

Родови дезинформации родова еднаквост - Мрежа Стела РДН

Пишува: Ивана Јовановска
Илустрации: Freepik.com

Кога станува збор за прашањата поврзани со родовата еднаквост и родовите дезинформации, како никогаш досега се сведочи зголемен бран на штетни наративи. Она што подразбира јасна политичка реакција околу овие теми и заштита на маргинализираните групи, не е само недостаток од механизми и јасно спроведени стратеги, туку и институционален молк.

Третирањето на клучните пунктови поврзани со родовата еднаквост и дезинформации како табу, значително придонесува за нормализација на дискриминацијата и поткопувањето на еднаквостa и системот на праведност  во длабоко поларизирано општество кое на дневна основа се соочува со предизвици поврзано со човековите права и слободи.

Од сексуално вознемирување и јавната безбедност на жените,  до градската инфраструктура и она што таа го нуди за женската сигурност, борбата со родово базираното насилство во домовите и неговото препознавање и санкционирање во образовните иституции – прашањата за родовата еднаквост и дезинформациите пласирани во јавноста се темелна битка за градењето на современо демократско општество кое го препознава прогресот и потребата од заштита на најранливите. Во таа смисла, целта на овој текст е да се осврне на разговор со две пратенички и сојузнички во борбата за родова еднаквост, со цел да истражи како одвнатре, системски се перцепира родовата еднаквост и прашањата поврзани со борбата со родовите дезинформации.

 Родовата еднаквост денес и нејзиното позиционирање околу демократската вредност за еднакво општество и предмет на занимавање на десничарски организации и групи, која се отсликува преку собраниските заложби за следење на овие општествени текови и пред сè, постапување со цел унапредување на родовите прашања и борба со дезинформациите.

Во фокусот на овој текст се ставовите на пратеничките Даниела Николова и Моника Зајкова, кои низ годините сојузнички пристапуваат на родовите прашања и маргинализираните заедници и ги актуелизираат низ собраниските дебати и заложби за суштински промени. Потребата за текстот се наметна пред сè поради интересот за дополнително следење на институционалните потези и реакции на третманот на родовите прашања, отсликани преку неколку нивни изјави.

Пратеничката Даниела Николова од Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, низ нашиот разговор со фокус на родовите дезинформации ја истакна важноста од темелна борба за родовите прашања токму преку нивно осознавање и префлање од полето на релативизација во доменот на нивно јасно препознавање и третирање како опасност:

– Родовите дезинформации за мене не се појава што настанува случајно во јавниот и политичкиот простор. Не ги доживувам како погрешни или неточни информации произлезени од недостиг на знаење или информации, туку како тврдења што намерно се пласираат во јавноста со јасна цел –вели таа.

Николова додава дека овие наративи често се претставуваат како грижа за децата или како заштита на традиционалните вредности, но всушност потекнуваат од добро организирани  структури.

Особено проблематично е навлегувањето на овие структури во политиката:
– Кога ваквите ставови ќе се преточат во политички одлуки, институциите и системот, наместо да штитат, стануваат поттикнувачи на дискриминација – додава Николова.

Ова е значајно бидејќи истражувањата потврдуваат дека кога дискриминаторските наративи се нормализираат – паралелното се случува и со институционалното насилство каде се забележани за 3 години 250 случаи.      

-ЛГБТИК+ лицата во Северна Македонија често се соочуваат со страв, недоверба и чувство на осуда од страна на институциите, особено полицијата, што води кон автоцензура, непријавување на насилството и изолација. Ова однесување произлегува од историската и тековната непрофесионалност на институциите кон ЛГБТИК+ луѓето, кои очекуваат дека нивните искуства ќе бидат тривијализирани или игнорирани, принудувајќи ги да избегнуваат контакт со полицијата или да го нормализираат насилството. тика која подоцна се јавува од институциите и нивното непостапување – се вели во истражувањето „Опасност од (не)постоење)“ на авторките Драгана Дрндаревска и Мања Величковска.

Пратеничката Николова додава дека наместо сигурна животна средина, се создаваат услови за несигурност на граѓаните. Таа се осврнува и на неформирањето на интерпарламентарната група за ЛГБТИ прашања оваа година како суштински механизам за заштита на ранливите заедници и родовите прашања во оваа смисла:
– Уредно поднесовме иницијатива и ургентно писмо до претседателот на Собрание на кое не добивме одговор. Без негово одобрување не може да се формираат  интерпарламентарни групи – вели таа.

Како пример, пратеничката го наведува бришењето на термините род, родова еднаквост и родов идентитет од законодавството без политичка реакција и додава дека пратениците имаат обврска да обезбедуваат достоинствен живот за граѓаните, односно да ги штитат нивните животи. Николова смета дека мора реално да се придонесе за запирање на штетните манипулации, родовите дезинформации и дискриминацијата, не само преку декларативни заложби.

– Гледајќи наназад, не може да се каже дека овие прашања воопшто не биле отворани во институциите и во Собранието. Секако, можело и требало да се направи многу повеќе. Но, ако се осврнам на последната година и пол, по промената на власта, јасно е дека сведочиме на уназадување на родовите политики, а со тоа и на пораст на родовите дезинформации – вели Николова.

Таа посочува и на конкретни примери за тоа.
– Во законите од областа на образованието, владејачкото мнозинство го прифати предлогот на Владата, односно Министерството за образование и наука, со кој беа избришани термините род, родова еднаквост и родов идентитет како можни дискриминаторски основи. Иако како опозиција реагиравме со амандмани на овие измени, не наидовме на политичка волја кај мнозинството. Така, институционалната реакција наиде на бариера и беше овозможено законско уредување што отвора простор за дискриминација – заклучува таа.

Проследувањето на родовите прашања само преку декларативни заложби, наместо конкретни и јасни акции го илустрира и актуелната пратеничка Моника Зајкова од Либерално-демократската партија. Таа е фокусирана на теми поврзани со млади, човекови права, борба против насилство и дискриминација, европска интеграција, правосудство. За „Мрежа Стела, Зајкова го анализира контекстот на две нивоа: преку третманот на родовите дезинформации и нивниот ефект, но и конкретни родови прашања за заштита на жените.

-Критиките кои доаѓаат од антиродови движења често се базирани на погрешни информации или страв од промени. Тие постојат со цел да спинуваат информации и да создаваат страв во јавноста. Родова еднаквост не значи да се одземаат права од било кого, туку да се обезбедат права за сите. Тоа не значи дека ги учите помладите на погрешни вредности напротив на тоа да знаат дека и двајцата нивни родители може еднакво да придонесуваат и да им овозможите едукација врз основа на која понатаму самостојно ќе формираат свои ставови- вели Зајкова и додава дека мора да продолжиме со рационална дебата, заснована на факти, човечки права и меѓународни стандарди.

Во поглед на конкретни мерки во Собранието со цел подиректна заштита на жртвите на семејно насилство, таа го споменува предлогот за воведување на електронски нараквици:
– Беше неаргументирано отфрлена идејата со молчење од страна на парламентарното мнозинство – вели Зајкова.

Станува збор за тема која иако е присутна во јавниот дискурс, не се имплементира или размислува за нејзино воведување во пракса, додека пак за примери за употреба, може да погледнеме во соседните земји како Косово, каде веќе се користи како алатка, но и други европски земји.

Предлагам воведување на електронски нараквици како дел од системот за заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство. Овие уреди би служеле како превентивна мерка за физичка дистанца помеѓу насилникот и жртвата, но и како инструмент за институциите да реагираат побрзо и поефикасно. Ова не е „технолошки гест“,туку конкретно решение што може да спасува животи и да ги заштити најранливите – вели таа.

Зајкова преку овој пример истакнува дека правото на безбедност и достоинство мора да важи за секого, без исклучок и жали што голем број од нејзините колешки не се одважиле да ја поддржат или да ја подобрат. Таа додава дека оваа мерка може да е навистина превентивна и е веќе прифатена од некои земји во регионот. Како што појаснува и пратеничката, родовата еднаквост не е само декларативна цел  туку мора да биде суштински дел од секоја јавна политика. Зајкова изрази подготвеност и спремност за работа со невладините организации, експерти и граѓани со цел креирање решенија кои можат да помогнат во насока на актуелизирање и поддршка на родовите прашања. Додава дека нејзината партија ќе продолжи да иницира закони, дебати и расправи во насока на подобрување на статусот на жените и нивните услови.

Дискриминацијата говори гласно токму онаму каде се јавува институционалниот молк за потребата од реагирање, препознавање и справување со штетните наративи. Собранието, со неговата надзорна улога има исклучително важна позиција токму во контролата на дезинформациите, но и превентивни акции во однос на порастот на стапката на семејно насилство и заштитата на жените преку јасен политички став.

Во спротивно, најопасната политика за жените и борбата за родова еднаквост станува институционалниот молк. Николова и Зајкова преку различни примери низ пратеничката пракса укажуваат на потребата од суштинско унапредување на родовите политики и ја истакнуваат потребата од јасни политички реакции во поглед на препознавање на родовите дезинформации и потребата за родова права, без кои зборуваме за значително уназадување на човековите права и слободи во демократски свет чиј стремеж е интегриран и системски напредок.

Сепак, останува впечатокот дека во Македонија недостасува системска и здружена политичка реакција на овие теми, која ќе произлезе од пратеничките групи како целини, односно дека овие треми не се само парцијален предмет на интерес од одредени пратеници кои ги застапуваат. Јасна политичка заложба на партиите во поглед на оваа борба како стратегија е она што длабоко недостасува за институционалната поддршка на родовата еднаквост и борбата против штетните наративи, а пратеничките како Николова и Зајкова се важни примери за континуирана и доследна работа на овие прашања во Собранието која би требало да поттикне овие прашања да добијат поголем интерес кај политичките партии како ентитети.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Оваа содржина на Јовановска е оригинално објавена на „Кајгана.мк“

Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.

Читајте ги и останатите стори од оваа соработка

Кога дезинформацијата станува оружје – Социјалните мрежи стануваат алатка за предизвикување страв и стигма

Напишете коментар