Дурбин, Тема на месецот

Излезе 43.издание на „Лице в лице“, посветено на тема: „Иднината на човековите права“

Новиот број ја носи темата за иднината на правата на човекот

Во чии раце се алатките за „поправање“ на расипаниот механизам за заштита на работничките и на човековите права, кој, очигледно, откажува во услови на поголема глобална криза, како што е актуелнава? Кај работодавците, кај работниците, кај владата, кај граѓанскиот сектор или во соработката, дијалогот што сите тие треба да го развијат? Како здравствената криза ќе го промени начинот на кој работиме и живееме?
Ова се само дел од предизвиците што „Лице в лице“ ги отвора во најновиот број на списанието посветено на тема: човекови права, што денес излегува од печат.
Одговори, низ различни содржини, нудат претставници на клучните засегнати страни од екосистемот на работничките права – бизнис-секторот, синдикалните организации, граѓанскиот сектор, како и футуристот од Вашингтон, САД, Џером Глен.
– Само една иновација може да избрише цели индустрии. Биолошки растен синтетички организам, кој се храни со прав, оставен во аголот на соба навечер, ја работи работата на продавачот на правосмукалки, на човекот што ви помага дома и на целата индустрија зад уредот што денес го користиме за оваа намена. Вистинското прашање е дали фактот што овие работни места, можеби, ќе бидат нефункционални наскоро, е податок за паника или податок во кој ќе видиме можност? Дали оваа трансформација ќе овозможи човекот да се загледа во своите креативни, крајно индивидуални капацитети, да го насочи вниманието, времето и соодветно енергијата во нив, место на фабричката лента, во повторливи процеси и, соодветно, да го постигне својот максимален потенцијал во сферите во кои вештачката интелигенција и другите технолошки достигнувања не се компетитивни?- прашува Глен.

Посреќна 2021 година! ЗА СИТЕ

Ова е една од најтешките години и за списанието „Лице в лице“, кое, пак, им пркоси на ковид предизвиците со бројни решенија на кои како поддршка им се приклучија важни партнери. Но, најважниот, кој е константна низ години, е публиката.
– Во годината што следува „Лице в лице“, заедно со граѓаните, членови на дигиталната заедница, ќе вложува во продавачите, но и во нивните ментори, кои е важно да бидат исклучително подготвени, силни, отворени и вешти за да можат да водат успешен процес на работна интеграција, на социјално менторство. Програма што веруваме дека ќе овозможи 2021 година да биде посреќна за сите, вклучувајќи ги и најзаборавените во општеството – вели Климентина Илијевски, главна уредничка на „Лице в лице“ и извршна директорка на Асоцијацијата за истражуање, комуникации и развој, „Паблик“, издавач на „Лице в лице“.
„Лице в лице“ направи чекор поблизу до публиката, стартувајќи кампања преку која ги повикува поддржувачите да станат членови на дигиталната „Лице в лице“ заедница и заедно да се движат кон промените во 2021 година.
„Посреќна 2021 година! ЗА СИТЕ“ е иницијативата која обединува и бројни јавни личности, а првичниот импулс дојде од актерите во ситкомот „Преспав“.
„Лице в лице“, преку веб платформата ja активира заедницата одговорни граѓани, институции, компании, кои станувајќи членови, придонесуваат во инвестицијата за подобро општество: социјална инклузија, социјална економија, независно и „solution“ новинарство, кое има за цел да посочи на успешни решенија и алтернативи кои значат унапредување на целокупната општествена клима.
Со новата веб платформа, овозможено е да  се поддржи продавач, но, и да се влијае продавачите на „Лице в лице“ да бидат дел од програма која ќе ги однесе неколку чекори поблиску до пазарот на труд, да се даде поддршка на процесот на работна интеграција преку социјално менторство кое ќе се погрижи да се подобрат дигиталните вештини на продавачите и развојот на нивните индивидуални потреби и таленти. Описменување, курсеви за различни професии и занаети, поддршка во надминување на потешкотиите кои ќе произлезат од микро и макро средината и константно насочување кон активности за професионално усовршување.
Од друга страна, пак, членовите на заедницата ќе имаат можност да следат видео интервјуа и да се дел од ексклузивни вебинари и настани со еминентни гости од целиот свет (ТЕД говорници, футуристи, експерти од различни области), да читаат визионерски размисли и конкретни задвижувања кон подобро општество.
Во кампањата „Посреќна 2021! ЗА СИТЕ“ на „Лице в лице“ се приклучија бројни познати личности од јавниот живот, меѓу кои Јелена Јованова, Васил Зафирчев, Емра Куртишова, Дарја Ризова, Каролина Гочева, Тони Зен, Катерина Ангеловска и многу други.

Со ексклузивно видео интервју со нобеловецот Мохамед Јунус, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ го промовира своето ново, 43. издание,  посветено на човековите права.
Премиерата е закажана за вечерва од 19 часот, на каналот на „Јутуб“ на „Лице в лице“, а ќе биде споделено и на официјалниот настан на фејсбук.
– Најдобрата одлука во моментов е да не се вратиме назад, како што беше пред пандемијата. Ако човештвото се врати на истиот стар начин, никој не може да нè спаси. Ни треба свет со три нули- нула емисија на јаглерод, нула концентрација на богатство за да се создаде нула сиромаштија и нула невработеност- вели Јунус во интервјуто чија целосна содржина ќе биде објавена и во новиот број на „Лице в лице“.
Освен новото издание, видео интервјуто со Јунус ја промовира и веб платформата на „Лице в лице“ која функционира на принцип на членства.

Напишете коментар