Доза вести, Лице в лице

Изложба на алтернативни фотографии, како најава за новиот Фестивал „Зрно“

Време на читање: 2 минути

Изложбата на алтернативни фотографии која ќе се одржи вечерва во 20 часот во продажниот салон на Културно Информативниот Центар – Скопје, е најавена како прва активност на првото издание на Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“.

На изложбата се претставуваат неколку алтернативни автор(к)и: Кети Талевска-Бакревска, со своите лумен – принтови, Викторија Мачковска со автентични цијанотипии, Мартина Павлоска, со нејзините весели полароиди и Сашо Алушевски, со цијанотипии од циклусот Пикторијализам. Изложбата ја опреми Владо Димоски.

– Секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината. Повеќе или помалку свесна игра, во зависност од умешноста на танчерите. Неа не смее да ја има премалку, ниту премногу. Страста брзо пламнува но ако не се покаже потребното почитување и танчерот се препушти само на страста, како во случајот на Икар, танцот брзо се претвора во очаен пад во непознатото и бурно море…но, можеби и тоа е патот? – вели фотографот Сашо Алушевски, кој е дел од тимот на „Зрно“.

Организаторите посочуваат дека „Зрно“ изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шароликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографиајта кај нас.
„`Зрно` се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативнта фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. „Зрно“ сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себе. Да дише…  …за да можеме ДА РАСТЕМЕ ЗАЕДНО!“

„Зрно“ ќе се одржи од 6-ти до 8-ми јули  на Матка. Сите податоци за фестивалот се на овој линк.

Прочитајте повеќе за идејата зад фестивалот, во интервјуто кое е објавено на овој линк

Напишете коментар