Изолација во животозагрозувачка средина
Поголемиот дел од мерките за останување дома влијаеја на интензивно зголемување на стресот, фрустрациите, стравот и на силна загриженост за иднината, кои се поттик за агресивно однесување, насилно решавање на конфликтите и зголемена примена на семејно насилство. Ова директно ги изложува на ризик жените и децата што се принудени да останат во домот со сторителите на насилство
Елена Димушевска
Пандемијата ја затече нашата држава неподготвена, а донесените мерки на владата се однесуваа на повеќе аспекти, но не на заштита на жените што се жртви на различните форми на насилство, вклучувајќи го и семејното насилство, единствено препознаено во нашата национална регулатива.
Мерките имаа цел да ја ублажат здравствената, социјалната и економската криза што беше очекувана да следува, особено по завршување на пандемијата. Вклучуваа помош на различни ранливи категории: стари лица, лица со попреченост, помлади од 18 години…
И покрај тоа што во цел свет беше вклучен алармот за зголемен ризик од семејно насилство, и меѓународните организации упатуваа на зголемено внимание насочено кон семејното насилство во услови на криза и усвојување итни мерки за соочување, сепак нашата влада не го препозна овој ризик.
Посебна ранлива категорија што беше целосно изоставена од мерките и препораките беа жртвите на семејно насилство – жени и деца што се изложени на голем ризик на ова загрозувачко однесување. Освен известувањето на Министерството за труд и социјална политика, упатено до жртвите на родово базирано насилство и на семејно насилство, каде што се наведуваат броеви за пријавување, ниту една итна мерка не беше изречена ниту предложена за оваа посебно ранлива категорија граѓанки.
Соочување со нефункционалниот систем
Што, во суштина, значеше ограничување на движењето и препораките за останување дома? Беа затворени кафулиња, ресторани, трговски центри, спортски обложувалници, не постоеја никакви културни и спортски активности. Децата беа постојано дома, не одеа на училиште, им беше забрането да излегуваат надвор. Единствен облик за социјализација беше со семејството, и тоа во домот. Имаше притисоци и страв за загуба на работното место по завршување на владините мерки за забрана за прекинување работен однос во вонредна состојба. Луѓето што работеа во клучните институции како здравствени установи и полициски станици, поминува многу часови надвор од домот, придружени со стресот од можно заразување.
Сите овие фактори влијаеја на интензивно зголемување на стресот, фрустрациите, стравот и силна загриженост за иднината, кои се поттик за агресивно однесување, изливи на нервоза, зголемена потреба за контрола и за изразување моќ, насилно решавање на конфликтите и зголемена примена на насилство. Ова директно ги изложи на ризик жените и децата, кои беа принудени да останат во домот со сторителите на насилство, да живеат изложени на зголемен ризик од насилство и во животозагрозувачка средина.
Освен овие, има и дополнителни ризици што се однесуваат на пријава на насилството – физичкото присуство на насилниците, жените не беа во можност да се јават на линиите за помош и за поддршка, или да го пријават насилство. Многу жени се плашеа да побараат здравствена грижа и медицинска помош поради опасноста од зараза со корона. Многу жени не сакаат да ја напуштат насилната средина и да бидат сместени во кризни и во шелтер-центри поради страв од зараза со корона. Жените се плашеа да побегнат од насилството поради високите казни за движење во полициски час. Во однос на последново, откако граѓанските организации ги потсетија државата и МВР дека жртвите што бегаат од насилство не смеат да бидат казнети, дури ни во полициски час, тогаш оваа информација беше објавена на веб-страницата на МВР. Жените се плашеа да пријават насилство и да го напуштат домот поради стравот од губење на работното место (доколку се вработени) по прекинувањето на важност на владините мерки, или доколку се невработени, стравот од малата можност за вработување во посткризен период поради очекуваната економска криза. Една од мерките на владата се однесуваше и на одложување на издржување казна затвор до три години, што, всушност, значеше дека сторителите на насилство што се правосилно осудени да бидат на слобода до септември 2020 година.
Жените што преживуваа насилство во овој период и кои покрај сите потенцијални ризици собраа храброст и пријавија, се соочија со нефункционален систем, кој, секако, постоеше од претходно. Но, дополнителни предизвици донесе перидот по прогласување на вонредната состојба и мерката за ограничено движење. Центрите за социјална работа ги затворија своите врати за граѓаните, работеа од дома, преку телефон. На телефоните што беа оставени за контакт не се јавуваше никој. Само во Скопје, поддршка можеше да се добие преку Специјализираниот интервентен тим на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој функционираше 24/7. Но, и тие не излегуваа на терен, туку ја праќаа полицијата да направи увид и процена дали е потребна заштита од семејно насилство. Знаеме за несоодветното функционирање и во вообичаени околности, па можеме да претпоставиме што се случувало за време на вонредната состојба.
Граѓанските организации беа тие што отворија телефонски линии на кои можеше да се добие информација, совет, упатување, ги придружуваа жртвите и обезбедија заштита и поддршка. И покрај тоа што немаа предвидено финансиски средства за опрема за заштита (ракавици, маски, средства за дезинфекција), најдоа начин да ги обезбедат, да се заштитат себеси од пренесување на вирусот, со цел да обезбедат помош и поддршка на жртвите на семејно насилство.
Што пропуштивме да направиме?
Неопходно е, прво и најважно, владата да го препознае ризикот од семејно насилство и да предвиди мерки за превенција и за заштита. Владата требаше да се погрижи информацијата за броеви за пријавување и за достапни сервиси за заштита на жртви да биде дистрибуирана преку националните и локалните медиуми. МТСП требаше да објави броеви за пријава на семејно насилство што ќе бидат функционални 24/7, посебно за секој град во кој има центар за социјална работа. Требаше да се подготват општините каде што нема центар за социјална работа да обезбедуваат информации за пријавување и активно да учествуваат во упатување на жртвите до соодветните институции и во обезбедување поддршка за жртвите. Отстранувањето на сторителот од домот, кое како привремена мерка за заштита постои во Законот за семејно насилство, требаше да биде најискористена во овој период, односно по пријава сторителите да бидат приведени, притворени или сместени на друга локација. Требаше да бидат подготвени и споделени безбедносни насоки и планови за бегство, кои на жртвите ќе им помогнат полесно да ја напуштат насилната средина и да побараат помош, или да се заштитат од идно насилство во домот доколку не можат да го напуштат сторителот. Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Министерство за здравство, требаше најитно да развие протоколи за безбедно сместување жени што се жртви на насилство и на нивните деца, во согласност со препораките за заштита од ковид-19 и да ја извести јавноста дека сместувањето во засолништата е безбедно. Требаше во најкраток рок да бидат изработени плакати и лепенки со броеви и насоки за пријавување насилство, кои требаше да бидат дистрибуирани во маркети и во аптеки на видно место, како и на семафори, бандери, автобуски станици. Требаше да се поттикнат сите граѓани што имаат сознанија дека постои загрозување на нечие здравје и живот, тоа да го пријават, особено укажувајќи на ограничените можности на самите жртви да го направат тоа.
Сето ова ТРЕБАШЕ да се случи, но не се случи. Владата и институциите не одговорија на потребите на жртвите на семејно насилство и не успеаја да го адресираат овој проблем.
Сѐ што требаше тогаш да се направи, може да се направи и сега. Само е потребно владата да посвети внимание и да го стави проблемот со насилство врз жени и со семејното насилство како приоритетен.
(Авторката е извршна директорка на Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство)