Калина, не ми е добро! Се задушувам!
Паничните напади се ненадејни и интензивни епизоди на страв и анксиозност, кои често се придружени со физички симптоми како забрзано биење на срцето, потење и тешкотии со дишењето. Може да бидат многу застрашувачки и да предизвикаат чувство на губење контрола, што значително влијае на квалитетот на животот на засегнатите лица. Менталната поддршка и разбирањето од околината се клучни за соочување со оваа состојба
Калина Чакареска
Час по биологија.
„Калина, не ми е добро!“ – викна Јана, мојата најдобра другарка, која седеше до мене.
Бев задлабочена во предавањето на професорот за градбата на срцето и промени на срцето, кога наеднаш се стресов. Јана силно ме стегна за раката и почна да се тресе. Не знаев што да правам, но побарав од професорот да излеземе надвор бидејќи Јана пребледи. Само што излеговме од училницата, таа почна да се стега околу вратот и да плаче:
„Калина, ќе умрам. Не ми е добро!“
Мислев дека ѝ паднал шеќерот или притисокот, па ја одведов до училишниот тоалет за да се измие. Нејзината боја на лицето се врати малку, но не сакав да се вратиме на часот за да ѝ оставам време да се смири. Ѝ предложив да одиме на кафе и таа прифати. По две кафиња, Јана се смири и се почувствува подобро. Се чинеше дека е сè во ред.
Непредвидливоста на паничните напади
Со Јана сме пријателки од мали. Го познавам секое нејзино движење, таа ги знае сите мои расположенија и потези. Врската ни е нераскинлива. Но, не можев да предвидам што ќе се случи таа ноќ. Околу 2 часот по полноќ sвонеше телефонот. Јана! Што не ми докажа? Само што се разделивме пред еден час.
„Ало! Што не успеа да ми докажеш? Што пропуштивме?“
Молк.
„Јанаааааааааааа! Зборувај!“
Повторно се јави:
„Калина, не ми е добро!“ – врескаше од другата страна на телефонот.
„Разбуди ги твоите, Јана!“ – реков.
„Никој не ме разбира, Калина! Помогни ми!“
Срцето ми застана. Јана не е добро, си помислив. Што да правам? Немав воздух. Како да излезам во ниедно време? Никому ништо не реков и полека се протнав низ врата и летнав по скалите. Јана беше на клупата пред нејзината зграда. Со трчање стигнав таму, но… Јана повторно беше како пред некој ден. Бледа, го држи вратот, целата се тресе. Ме фати паника.
„Калинаааааааааааааа! Ќе умрам!“ – ме држеше за рака, целата се тресеше и паѓаше на земја. Не велев ништо, само ја држев. Сфаќав дека Јана има проблем. Ја кренав и се обидов да ја смирам, но таа повторно ми се лизгаше од рацете прегрнувајќи се сама со себе и говорејќи нешто неповрзано: „Зошто јас?“
Пат кон оздравување
Медицината е моја страст. Сакам да студирам медицина за да можам да ги лекувам луѓето. Но, сега, немав збор што може да допре до Јана. Таа сè уште врескаше и ја губеше свеста. Не знаев што да правам. Наеднаш се свестив дека морам да реагирам. Ја кренав цврсто на нозе и ја тресев за да видам дали може да стои.
„Јана престани, те молам! Јана, што е проблемот?“
Јана беше изгубена. Стресот достигна кулминација и сакав да се јавам кај нејзината мајка или кај мојата. Таа ми го грабна телефонот.
„Калина, не јавувај се кај никого! Никој не знае!“
А што треба да знае? – си викав во себе.
„Јана. Што е проблемот? Што не знае никој? Ќе ја повикам Бети (исто така, наша најдобра другарка).“
„Те молам, никого не викај! Ќе умрам, немам воздух! Калина, однеси ме некаде, те молам!“
Тоа „те молам“ ме уби. Ми ѕвонеше и минатиот пат кога на училиште ми рече „те молам“. Јана има проблем, а не знам како да го решам. Отидовме до чешмата покрај нејзината зграда. Ја измив, ја масирав околу вратот и бојата на лицето малку ѝ се врати. Тргнавме накај плажата. Јана почна да трча напред во паника дека куќата ќе нè убие. Стигнавме до брегот и почна да повраќа. Снагата ѝ падна над мене. Почнав да плачам зашто не знаев што со себе, а и со неа. Плачеше долго време, а потоа се смири.
Свесност и прифаќање
„Калина, мене не ми е добро“ – рече Јана.
Овој пат беше смирена.
„Долго време чувствувам како нешто ме задушува. Балконот се тресе, се распаѓа и јас паѓам долу. Не знам што ми е, Калина! Еднаш се обидов да му кажам на татко ми, ми се изнасмеа в лице и тогаш се повлеков. Те молам, вети ми дека нема никому да кажеш.“
Ја гледав и почнав да ја галам по косата со очи полни со солзи! Ме прегрна силно и двете плачевме долго време. Веќе се разденуваше… Моравме да се вратиме дома додека не се разбудат нашите блиски за да не дознаат за нашиот проблем. Си ветивме дека ќе го решиме сами… јас и таа!
Помош и поддршка
Цел ден го поминав во мојата соба мислејќи на Јана и на нејзиниот очај. Во главата ми ѕвонеше нејзиното „те молам“. На Јана ѝ беше потребна стручна помош. Предложив да посети психолог, но таа прво сакаше да разговара со своите родители. По три месеци терапија, Јана почна да работи на работилници во нашето училиште подигајќи ја свеста кај младите за менталните нарушувања. Таа ни покажа дека менталните проблеми можат да се надминат и дека е важно да зборуваме за нив јавно. Само така ќе ги натераме луѓето да ги надминат предрасудите и се соочат со предизвиците што ни ги дарува животот тогаш кога сме најмалку подготвени за тоа.
(Дел од ликовите се измислени, а настаните се вистинити. Авторката е средношколка и младинска активистка).