Лице в лице со продавачите на уличното списание, Магазин

Би сакал луѓето да имаат повеќе разбирање за нас

Откако почнав да работам, запознав и многу пријатели. Јас, всушност, и немав пријатели пред да почнам да продавам „Лице в лице“. Поддршката од Дамјан од кафе-барот „Синатра“ ми го промени животот. Првпат почувствував како е да имаш пријател, брат и најдобар другар. Секогаш е расположен да ми даде добар совет, да ме искритикува кога ќе погрешам и да ме пофали кога ќе направам нешто убаво, вели продавачот на уличното списание, Кристијан Пешевски – Кико.

Доколку се движите во реонот на Дебар Маало, плоштад или „Лептокарија“, сте имале можност да го сретнете нашиот продавач Кристијан Пешевски-Кико. И покрај тоа што е релативно нов, со постојаната поддршка што ја добива од неговата околина, успеа да стане еден од најдобрите продавачи. За да ужива во овој успех сега, Кико бил исправен пред многу големи животни предизвици, а денес гордо може да каже дека сите лоши работи се далеку зад него.
Прочитајте како од социјална изолација во која живеел неколку години, успеал да се интегрира и да живее еден поинаков живот. Приказната на Кико е потврда дека со соодветна поддршка и желба, сè е возможно.

Кажи ни нешто за себе.  Како би сакал да им се претставиш на читателите?
Имам 18 години и завршив средно угостителско училиште. И покрај тоа што доаѓам од ранливо семејство, изложено на низа предизвици низ животот, сепак сум многу позитивно настроен и сум борец. Мене животот уште од мали нозе не ме мазеше и имам искусено низа непријатни ситуации. Сепак, благодарение на блиското семејство и на многу луѓе што ми беа поддршка низ животот, успеав да го пребродам тој период и да излезам како победник.
Многу сакам музика, свирам гитара, спортувам и сакам сè што сакаат сите млади на моја возраст.

Како се вклучи во продажбата на „Лице в лице“?
Tоа е многу интересна приказна. Живеев во Пунктот за бездомници при Црвениот крст. Таму имав можност да ја запознаам мојата координаторка Драгана Лазаревска, која е заслужна за многу убави работи што ми се случија во животот, и, секако, најзаслужна за мојата приказна со „Лице в лице“. Одамна имав желба да се вклучам во продажба на списанието и постојано прашував кога ќе почнам. Еден ден ми се јави Драгана со многу убави вести – дека ме чека социјалната менторка Магдалена во канцелариите на „Лице в лице“ за да поразговараме за можностите за вклучување на работа. Многу бев возбуден и среќен. Заедно со мајка ми, која ми е, исто така, голема поддршка, се упативме таму. Магдалена ми ги објасни обврските и можностите со ваквиот начин на работен ангажман, а Драгана ми овозможи обука за побрзо вклучување. Многу сум им благодарен за шансата и за поддршката.

Што ти се допаѓа најмногу во работата при продажба на „Лице в лице“?
Искрено, сè ми се допаѓа! Ако мора да издвојам нешто тоа е што сам си го планирам работното време и местата каде ќе се движам. Откако почнав да работам, запознав и многу пријатели. Јас, всушност, и немав пријатели пред да почнам да продавам „Лице в лице“. Поддршката од Дамјан од кафе-барот „Синатра“ ми го промени животот. Првпат почувствував како е да имаш пријател, брат и најдобар другар. Секогаш е расположен да ми даде добар совет, да ме искритикува кога ќе погрешам и да ме пофали кога ќе направам нешто убаво. Често кога правам пауза или кога сакам да одморам од продажба, одам во „Синатра“ и разговарам со Дамјан и со другите гости. Ми станаа пријатели и ми го разубавија животот. Знаете, ние децата што доаѓаме од ранливи семејства малку бараме од нашите сограѓани, односно само да бидеме прифатени и вреднувани. Јас го доживеав тоа со „Лице в лице“.

Со кои сè предизвици се соочуваш при уличната продажба?
Уличната продажба не е лесна. Налетувате на секакви луѓе. Некои од нив не се расположени ниту да те поздрават, се случило и да ме навредат, но јас не се откажувам, ќе се заблагодарам и ќе си продолжам по патот. Би сакал луѓето да имаат повеќе разбирање за нас и дури и доколку не сакаат да купат списание, барем да си помуабетиме малку, мене и тоа ми значи. 

Каде најмногу сакаш да продаваш, и кој дел од денот?
Најчесто продавам во Дебар Маало, на плоштад и во „Лептокарија“. Но, знам да поминам и низ други населби. Посветен сум на оваа работа, и сакам да сум сѐ подобар. Свесен сум дека повеќе продадени списанија значи и поголема заработка.

Колку и како ти се промени животот откако стана продавач на „Лице в лице“?
Многу ми се промени животот на подобро. Најчесто бев дома и немав пријатели. Продажбата за мене не значи само финансиска добивка, туку и социјална. Јас денес излегувам, се дружам, заработувам. Токму поради тешкиот живот што го живеев, имам и здравствен предизвик за кој е потребна постојана и скапа терапија. Сега покрај тоа што помагам во семејството за намирување на сметките, преку продажбата на списанието, си ја купувам и потребната терапија. Секако дека ми помага и семејството, но сепак драго ми е што во голем дел и јас самиот придонесувам. 

Сподели ни некоја интересна приказна поврзана со твојата работа што ти оставила најголем впечаток досега?
Можам да ја издвојам случката со Слаткар. Продавајќи „Лице в лице“, го сретнав во едно скопско кафуле. Воопшто не се двоумев и веднаш му пријдов. Му кажав колку многу сакам да свирам гитара, ама дека во моментов не можам да си дозволам некоја поквалитетна. Ми купија списанија, долго муабетевме и си заминав. По неколку дена ми се јави неговиот брат, со најубавата вест. Ми купиле гитара. Не бараше ништо од мене, само да му ветам дека ќе вежбам и дека еден ден ќе одржам концерт. Ова нема да го заборавам додека сум жив. 

Кој ти е најголема поддршка во оваа работа? 
Морам да признаам дека имам голема поддршка од многу луѓе околу мене. Мојата мајка и сестра се секогаш до мене и ме мотивираат да не се откажам. Исто така, Драгана од Црвен крст, која ме води низ целиот овој процес и, секако, тимот на „Лице в лице“ од кој, исто така, добивам голема поддршка. Живеам поинаков живот поради сите овие луѓе! 

Ова интервју е објавено во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи темата за решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапно е на овој линк .


Напишете коментар