Доза вести

Терапевтската моќ на музиката се гледа на лицата на децата! (разговор со Дамјан Даневски, основачот на првото инклузивно музичко училиште во земјава)

Време на читање: 8 минути
- банер -

Во „Инклузив мјузик“ сите се прифатени да учат музика. Музиката за лицата со попреченост носи многу придобивки. Голем дел од дечињата со атипичен развој се во голема мера музички надарени и брзо успеваат да фатат ритам, да запомнат мелодија и да отсвират нешто и за нив тоа е голем успех кој гради самодоверба, но, и ги учи на вештини кои потенцијално би можеле да бидат нивен професионален избор во иднина.

Анета Ристеска

Македонија од неодамна го има првото инклузивно музичко училиште. Аплаузот оди на адреса на Дамјан Даневски, магистриран џез тапанар, композитор и изведувач, кој активно се занимава со музика повеќе од една деценија.
Вели дека училиштето „Инклузив мјузик“ е идеја која долого време тлеела како можност, но, и дека до конечната реализација претпрпела многу трансформации.
– Најголема мотивација ни беа блиски луѓе кои имаат дечиња со атипичен раст кои постојано нѐ бодреа и поддржуваа, и сега дечињата се меѓу нашите првозапишани ученици, споделува Дамјан.
Идејата на училиштето, додава тој, не е само да понуди „иновативен пристап кон развојот за лицата со посебни потреби, туку да обезбеди реално инклузивно искуство – пристап за сите, опрема која соодветствува на различни потреби на различни ученици“.

– Вложивме многу труд, време и средства во простор кој ги спојува инклузивноста, функционалноста и естетиката за да понудиме високо-квалитетно образование за што е можно попристапни цени, ни вели Даневски, во разговор за „Лице в лице“.

Како дојдовте до идеја за формирање на инклузивното музичко училиште? Кој беше моментот на одлука, и воопшто, кои се работите кои сакате да ги промените во нашето опкружување со ваквата замисла?

„Инклузив Мјузик“ е резултат на идеја градена повеќе од четири години, родена во неформални разговори со искусни лица кои активно работат на развој на деца со атипичен раст. Во својот зачеток беше многу јасна визијата зад идејата да се спои музиката со специјализираната едукација за да се понуди поразличен пристап кон развојот на децата со атипичен развој. Сепак, она што недостигаше беше „бизнис“ моделот. За време на пандемијата, одново и одново се враќаше идејата во дискусиите и се разгледуваа можностите за нејзино реализирање. Првиот обид вклучуваше идеја за воспоставување на граѓанска организација со малку поразлична визија, но, моделот се покажа како неодржлив, па повторно се остави на страна, прегазена од вртоглавите промени во секојдневието. И, веројатно, во екот на тие промени, стоејќи така на страна, идејата „стаса“, и во моментот кога беше вратена на маса на почетокот на 2022 година, некако веќе имавме јасна визија и за модалитетот и формата која треба да ја заземе. Заедно со мојата партнерка започнавме да размислуваме за можностите, слабостите и предностите на еден ваков модел на нашиот пазар, но, најважно од сѐ, на големината и важноста на потенцијалниот импакт. Оваа фаза беше доста интензивна и вклучуваше многу истражување на пазарот, изнаоѓање начини на иницијално финансирање, повторно евалуирање на идејата и одржливоста и најважно, барање на оценка на идејата од страна на блиски дефектолози и родители на деца со посебни потреби. Нивниот фидбек беше клучната алка во одлуката за конечно формирање на претпријатието.
Најголема мотивација ни беа блиски луѓе кои имаат дечиња со атипичен раст кои постојано нѐ бодреа и поддржуваа и сега дечињата се меѓу нашите прво-запишани ученици. Тие ни дадоа и неверојатен увид во своите потреби и секојдневие, што навистина ни помогна да создадеме слика за тоа што точно им треба. Идејата на „Инклузив Мјузик“ не е само да понуди иновативен пристап кон развојот за лицата со посебни потреби, туку да обезбеди реално инклузивно искуство – пристап за сите, опрема која соодветствува на различни потреби на различни ученици. Пример, гитара за доминантна лева рака, електрични тапани за лица со аудио-сензитивност и сл., а, исто така, и да ги помести границите за квалитетот на услуги и естетика во делот на приватното музичко образование. Затоа вложивме многу труд, време и средства во простор кој ги спојува инклузивноста, функционалноста и естетиката – за да понудиме високо-квалитетно образование за што е можно попристапни цени. 

Што значи инклузивен музички час? Како треба да биде дизајниран, и технички и едукативно? Кого вклучува? На каков начин?

Инклузивноста произлегува од можноста секој да добие еднаков пристап до простор, опрема и соодветна едукација. Учениците или нивните родители може да изберат помеѓу четири инструменти – тапани, гитара, бас и клавијатури, и три модели на работа – редовна групна настава, редовна индивидуална настава и специјализирана индивидуална настава, односно настава во придружба на дефектолог. Конкретната програма зависи од тоа за кој инструмент и за кој модел на работа станува збор, додека пак кај специјализираната настава пристапот се прилагодува и според специфичните потреби на учениците. Во редовната настава програмите се дизајнирани да ги научат учениците како да учат, односно да им дадат силна основа на инструментот кој го избрале, да ги научат да бидат доследни и дисциплинирани во изучувањето преку вежби и нивна практична примена, но и да бидат теоретски потковани за да можат самостојно да учат, истражуваат и експериментираат на својот инструмент, да создадат сопствен стил и да ги комуницираат своите визии преку музиката. На специјализираните часови, целите се дефинираат според потребите на ученикот, неговите капацитети за одржување на внимание и учење на вештини, некогаш се работи на оспособување на ситната моторика, некогаш на задржување на вниманието. Секако, повторно идејата е учениците да изградат цврста музичка основа за да станат што посамостојни во музичкото изразување. На нашите специјализирани часови гледаме многу ученици со исклучителна дарба за музика кои со големо разбирање ги следат часовите и покрај одредени други потешкотии со кои се соочуваат, а кои ги надминуваме преку директна работа и/или консултации со дефектолог.

- банер -


Можете ли да ни го опишете искуството на еден млад човек од тој час?
Кои се придобивките за децата и младите со попреченост од посета на инклузивно музичко училиште кое работи под слоганот „Музиката е за сите“?

Искуството на секој ученик е посебно, пред сè, поради тоа што секој музиката ја доживува на свој начин, но, и како што напоменав, бидејќи секој одбира да следи различен тип на настава. За оние кои тоа го прават во групи, постои поразлична динамика и е доста интерактивна. Тие комуницираат поединечно со професорот, но и меѓу себе. За оние кои следат специјализирана настава, пак, комуникацијата се одвива помеѓу ученикот, наставникот и дефектологот каде се работи на повеќе развојни аспекти отколку само музички вештини, додека индивидуалните часови ја следат динамиката на ученикот и секогаш се отворени за теми кои ги предлагаат учениците во зависност од своите интереси. 

Музиката за лицата со попреченост носи многу придобивки. Голем дел од дечињата со атипичен развој се во голема мера музички надарени и брзо успеваат да фатат ритам, да запомнат мелодија и да отсвират нешто и за нив тоа е голем успех кој гради самодоверба, но, и ги учи на вештини кои потенцијално би можеле да бидат нивен професионален избор во иднина. За дел од учениците со попреченост музиката низ работата со дефектолог им помага да развијат поголемо внимание, да ја подобрат крупната и фината моторика и координацијата на екстремитети. Но, она што го гледам како најголема придобивка и кај учениците и кај родителите е чувството на прифатеност – кај нас сите се добредојдени да учат музика и мислам дека најголемиот бенефит за лицата со попреченост е тоа, да знаат дека постои место каде што можат да следат воншколски активности, а тоа да не е во средини и со активности специјализирани само за лица со попреченост.

Дали нашата средина нуди услови и можности за развој на инклузивно музичко училиште? Дали различни ентитети ја препознаваат важноста од неговото формирање? Дали чувствувате поддршка? Што вели искуството досега?

Нашата средина нуди многу можности, но, чека на нас да го направиме првиот чекор. Бидејќи ние ја создаваме и обликуваме својата средина, па како ќе се однесуваме, таква и ќе ни биде. Патот до формирањето на „Инклузив Мјузик“ беше и тежок и страшен, дури и после толку години развивање на идеја и модел на работа, секогаш имаме страв од неуспех, бидејќи во теорија отворање и водење на приватно училиште е едно, а сосема друго е спроведувањето. На тој пат имавме и многу пречки кои ги надминувавме ден за ден, и секако откажувањето беше полесниот пат. Но,  имаше луѓе на кои им верувавме кога ни велеа дека имаат реална потреба од ваква услуга и тоа беше доволна мотивација да се продолжи напред. За тоа дали е препознаена важноста, може да ви кажам мала анегдота за отворањето на училиштето. Имено, со цел да го промовираме училиштето и да им дадеме можност на заинтересираните да го видат просторот и да се запознаат со наставниците пред да се одлучат да се запишат на часови, решивме да го отвориме училиштето за слободна посета во текот на четири дена во дадени периоди. Првиот отворен ден беше на 17 јануари годинава, во 16 часот, а веќе во 16.20 имавме четворица новозапишани ученици, од кои дел беа за специјализираните програми, што покажува дека потребата навистина постоела. Во првите два месеци веќе ги постигнавме проектираните бројки на запишани и значително го унапредивме просторот со грантовата поддршка која ја добивме од НМСМ во рамки на проектот за социјално претприемништво. Имаме уште многу планирани активности и идеи кои ќе ги спроведуваме во претстојниот период. 

Колку музиката има терапевтско дејство на младите кои се соочуваат со некоја попреченост? Што вели вашето искуство? Како им влијае?

На едно од претходните прашања ги наведов физичките бенефити кои произлегуваат од изучувањето на кој било инструмент и тоа секако важи за сите, не само за лицата со попреченост, а тоа е развој на крупна и фина моторика, подобрена координација на екстремитети, поизострен слух, подобрување на менталните и когнитивните способности низ основна музичка теорија, зголемено внимание и интерес. Сепак, тоа се бенефити кои се развиваат на долг рок. Од друга страна, за мене терапевтското дејство на музиката се гледа по насмеаните лица кои доаѓаат на часови и си одат еднакво расположени. 

Дали сметате дека нашиот образовен систем нуди инклузивна музичка средина? Доколку не, во кој дел би требало да се влијае? Што треба да менуваме? 

За жал нашиот образовен систем каска светлосни години зад западните трендови и не знам дали и какви промени се направени од времето кога јас сум бил ученик, но можам да се сетам дека во ниту едно училиште немаше инлузивен пристап до училниците, за почеток, а верувам дека тоа е сѐ уште така. Потоа, програмите се менуваа често и значително, така што не би знаел да кажам дали се прилагодени, не само на потребите на децата со атипичен развој, туку и на возраста и општествените трендови во целина. Често гледавме и случки кои вклучуваа изолирање на ученици со попреченост поради нетолеранција од страна на родителите на соучениците. Така што, мојата проценка е дека имаме уште многу да менуваме за да стигнеме до целосна и правична инклузија во целина, а за инклузивна музичка средина, треба да обезбедиме и реално музичко образование. Кај нас имаме наставници кои навистина се трудат да го пренесат музичкото знаење, но колку можат да направат без никакви инструменти или само со блок-флејти кои учениците сами ги купуваат. Некаде се наоѓа и некое раштимано пијанино, колку за да се даде интонација при хорските проби. За промени потребно е суштинско менување со холистички пристап на сите нивоа – покревање на свест, подобрување на едукативниот систем на национално ниво, подобрување на образовната инфраструктура на локално ниво, оплеменување на наставните програми, вклучување на родителите и дефектолозите, но и на експертите од различни области во формирањето и спроведувањето на програмите итн. 

Како може да ве пронајдат сите кои се заинтерсирани да бидат дел од вашето музичко училиште?
И, кои се вашите планови за блиска иднина?

Моментално сме достапни на социјалните мрежи Фејсбук како Inclusive Music и на Инстаграм како @InclusiveMusicSkopje. Таму има детални информации за училиштето, фотографии и контакт детали. Училиштето се наоѓа на приземје во ТЦ Стар Капиштец. Во претстојниот период очекуваме изработка на веб страница каде ќе има поинтересни содржини поврзани со работата на училиштето. Тоа е една од претстојните активности. Плановите се големи, а времето е кратко, но, имаме доста интересни активности кои нè очекуваат. Особено ќе се посветиме на малку поголема видливост и воспоставување на соработки со партнерски организации сега кога веќе успешно го поминуваме пробниот период. Идејата е училиштето да се шири и да нуди уште повеќе можности на друг вид маргинализирани и ранливи категории на лица, но, тоа е доста обемен проект кој би следел малку подалеку во иднина. 

Ова интервју е објавено во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи темата за решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапно е на овој линк .

Напишете коментар