Доза вести, Лице в лице тема, Магазин

Не е важен само квантитетот, туку и квалитетот на работните места

Во Македонија, поради многубројните предизвици на пазарот на труд, фокусот сè уште е на создавање нови работни места, но тоа не е доволно бидејќи кога тие  се неквалитетни придонесуваат луѓето да се затворат во циклуси на сиромаштија, а придонесува и работниците да ја напуштаат земјата. Затоа, фокусот денеска се става и на важноста од создавање инклузивна работна средина, добросостојба на луѓето и нудење можности за нивни професионален раст и развој

Александра Лопарска-Илоска

Функционален и ефикасен пазар на труд е важен елемент на вкупното деловно опкружување и суштински предуслов за вкупниот економски и општествен развој. 

Станува сè појасно дека не е важен само квантитетот, туку и квалитетот на работните места во процесите на создавање инклузивен економски раст.
Во Македонија, поради многубројните предизвици на пазарот на труд, фокусот сè уште е на создавање нови работни места, но тоа не е доволно бидејќи кога тие  се неквалитетни придонесуваат луѓето да се затворат во циклуси на сиромаштија, а придонесуваат и работниците да ја напуштаат земјата. Затоа, предизвикот не е само да се фокусираме на двигателите на исклученоста на пазарот на трудот, туку да се разберат и да се решат причините зошто луѓето се вклучени на работни места со лоши услови за работа и ниски плати, кои не ги задоволуваат основните потреби, истовремено ограничувајќи го и нивниот потенцијал за професионален раст и развој. 

Се почесто слушаме дека вработувањето претставува единствен излез од сиромаштијата. Но, условите на пазарот на трудот во земјава , држат и висок тренд на вработени-сиромашни, односно вкупно 8.3% од сите вработени во 2019 година. Притоа, ова повеќе се однесува на младите работници отколку на повозрасните, на мажите отколку жените, на нискоквалификуваните работници, работниците со привремени договори и поединците што живеат во Југоисточниот и Северноисточниот регион, каде животните стандарди се пониски.

Трудоинтензивна индустрија со ниско платени работни места

Македонската економија се карактеризира со трудоинтензивна индустрија, која создава ниско платени работни места. Во 2020 година од вкупно 488.996 работни места, најголем дел или 21,16 проценти се создадени во преработувачката индустрија, по што е трговијата со 17,97 проценти и јавната администрација со 8,69 проценти. Во преработувачката индустрија најголем дел од платите се во износ на минималната загарантирана плата (вкупно 24 проценти од вработените), споредбено со 2,3 проценти од вработените што имаат месечни нето-примања повисоки од 50.000 денари. Во трговијата, пак, вкупно 32,9 проценти од вработените имаат минимална плата. Очекувано, највисоките плати се во информатичката индустрија, каде што 29 проценти од вработените имаат плата повисока од 50.000 денари.

Во првиот квартал на 2023 година се евидентирани вкупно 9.467 слободни работни места. Од нив најголемиот дел или вкупно 2.568 места се во услужни дејности и продажба, 1.256 ракувачи на машини и постројки и 1.251 елементарни занимања. Гледано по региони, најголемиот дел слободните работни места е во Скопскиот плански регион (4.297), по што е Пелагонискиот (1.527). Најмалку слободни работни места има во Полошкиот плански регион (351). 

Оваа состојба се потврдува и со годишната анкета на Агенцијата за вработување, која врз основа на информациите од самите работодавци заклучува дека во текот на 2023 година најголем дел од вработувањата ќе бидат реализирани во преработувачката индустрија, каде што ќе бидат потребни работници со основно (44,9 проценти) и со средно (44 проценти) образование. Најголема потреба од лица со високи квалификации има во дејностите: информации и комуникации, образование, финансиски дејности и дејности за осигурување. 

Од вкупно 11.476 предвидени вработувања, 30,6 проценти ќе бидат за лица со основно образование, 45,9 проценти ќе бидат за тие со завршено средно образование, а 12,7 проценти за лица со високо образование.

Покрај потребата од технички вештини, пред сè напредни ИТ-вештини, работодавците сè повеќе ја нагласуваат потребата да се имаат комуникациски вештини, кандидатот да биде вреден, исполнителен, одговорен, доверлив да биде отворен за тимска работа и да биде флексибилен. 

Само 16 проценти од компаниите инвестираат во неформално образование и професионален развој на вработените

Генерално, работодавците од земјите на Западен Балкан се соочуваат со многубројни предизвици во пронаоѓањето соодветен кандидат, кој го има потребниот сет вештини. Имено, според истражувањето на Регионалниот совет за соработка, наоѓањето кандидат со потребниот сет вештини е значителен предизвик за работодавците во Западен Балкан. Имено, повеќе од една четвртина од компаниите во регионот пријавиле дека се борат да ги пополнат слободните работни места, а најчесто наведената причина е недостиг од потребните вештини од потенцијалните кандидати. 

Со оглед на тоа што ова прашање веројатно ќе стане сè поважно во блиска иднина, творците на политиката мора да вложат значителен напор во зголемувањето на обемот на работната сила преку активирање, обука и едукација и на неактивните и на невработените. Со оглед на тоа што жените се почесто неактивни поради различни причини, вклучително и социјалните стереотипи и маргинализираните позиции во општествата на Западен Балкан, треба да се дизајнираат и да се применат посебни приспособени програми за да се обезбеди нивно вклучување во отворениот пазар на труд. 

И покрај оваа состојба на пазарот на трудот, во услови на недостиг од вештини што го ограничуваат развојот на деловниот сектор, компаниите на Балканот целосно ја занемаруваат обуката на вработените (дури 69 проценти, според истражувањето на Регионалниот совет за развој). Во Северна Македонија само 16 проценти од компаниите инвестираат во неформално образование и професионален развој на вработените. 

Неусогласеноста на вештините, недостигот од талент и отсуството на стимулации за работниците се најкритичните точки на македонскиот пазар на труд  и клучни за негово унапредување. 

Над  116.000  се водат како невработени

Во земјава, според официјалните податоци на МАКСТАТ, евидентирани се вкупно 656.415 економско неактивни лица. Од нив, вкупно 20.383 се без образование, 40.414 со незавршено основно образование и 273.527 лица кои се без образование. Од нив, вкупно 135.291 се евидентирани како ученици/студенти, а 268.526 како пензионери. Но, 169 258 се водат и како домаќинки, а 83 341 како останато некативно население. 

Според Макстат, евидентирани се вкупно 116.045 лица кои се водат како невработени. Најголемиот дел од нив  се со завршено средно , основно  и високо образование.

Загрижува и бројот на обесхрабрени лица, вкупно 29.441 лице што не бараат работа бидејќи ценат дека нема места на располагање. Сепак, најголемиот предизвик остануваат лицата на возраст од 15 до 19 години, кои не се вработени и не се вклучени во образование и обука. 

Photo: Freepik

(Текстот е објавен во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи темата за решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапна на овој линк .
)

Напишете коментар