Климатските промени не чекаат „следни избори“
НАУЧЕНИ СМЕ ДА ЧЕКАМЕ НА ВЛАСТИТЕ ДА ПРЕЗЕМАТ ПОТРЕБНИ МЕРКИ, АМА НЕ САКАМЕ ДА СИ ПРИЗНАЕМЕ ДЕКА КАКО ПОТРОШУВАЧИ ИМАМЕ ОГРОМНА МОЌ САМИ ДА ГИ ПРОМЕНИМЕ РАБОТИТЕ
Климатските промени, во наредните 10 години, може да претставуваат сериозна глобална закана за светскиот мир, за човечкото здравје, за енергетиката, земјоделството, здравството, туризмот, транспортот, шумарството, спомениците на културата… Накусо, закана за губење и за нестабилност на цели екосистеми и на биодиверзитетот на планетата Земја.
Во Годишниот извештај за мир, објавен од страна на Институтот за економија и за мир (IEP) со седиште во Австрија, се нагласува дека природните извори, кои поради климатските промени постојано се намалуваат, како и масовните миграции – би можеле да станат сериозна причина за нови спорови и конфликти меѓу земјите.
Со потпишување на историскиот Париски договор за климатски промени, (2015 година), државите се обврзаа глобалното затоплување да не биде поголемо од 2 Целзиусови степена во споредба со прединдустриската температура, а истовремено да се обидат да го ограничат затоплувањето на 1,5 Целзиусов степен.
Но, секоја деценија е потопла од претходната, а секоја генерација, пропорционално, има поголем товар на одговорност и на дејствување во насока на ублажување на разорувачките последици од климатските промени.
На прашања врзани за тоа: до каде е нашата земја со создавање политика што треба да ги дефинира долгорочните приоритети, планови и цели што се однесуваат на климатските промени – за „Лице в лице“ одговори дава Елена Николовска, активистка од невладината организација „Екосвест“, која работи на програмата за енергетика и клима.
Итно ни требаат мерки за заштита на водните ресурси и на храната
- Кои се итните чекори што Македонија треба да ги направи во поглед на соочувањето со климатските промени? Какви се прогнозите од стручњаците, во кои сегменти нашата земја би била најпогодена? Во што би била најранлива?
– Соочени сме со драматични промени на временските услови и на климата, предизвикани од големото количество гасови во атмосферата што предизвикуваат ефект на стаклена градина, кои, таму, се насобирале од почетокот на индустриското доба до денес. Последните процени на Меѓувладиниот панел на научници за климатските промени покажуваат дека доколку светот продолжи да троши ресурси и да согорува фосилни горива како досега – сценариото за нашата земја предвидува: екстремно висока температура и значително намалување на дождовната сезона. Намалувањето на облачните денови би довело и до зголемена сончева радијација, а помалку дожд, секако, ќе значи одолжени сушни периоди.
Според овие процени, најранливи сектори на климатските промени во нашата земја се водните ресурси, земјоделството, здравството, биолошката разновидност, шумарството, туризмот и ризиците од катастрофи, по тој редослед.
Најитно, според мене, би било воведувањето мерки за заштита на водните ресурси и на храната бидејќи директно влијаат на здравјето на луѓето. Иако, би рекла дека пред спроведувањето какви било мерки, потребна ни е силна стратегија за климатските промени, која сега ја немаме и која во наредниот период би била системски и приоритетен документ, кој би го следеле сите национални стратегии и планови и би помагале во неговото спроведување. Велам, приоритетен, бидејќи на органите што донесуваат одлуки им е многу тешко да ја стават во прв план заштита на здравјето на луѓето и на животната средина, и тоа не е така само кај нас.
- Со каква динамика спроведуваме мерки што значат спас од климатските промени? Преземаме ли конкретни акции, кои даваат резултат?
– Работите се придвижуваат во насока на подобро приспособување на земјата на климатските промени, но многу бавно. Ние самите, секако, нема да ги ублажиме климатските промени – потребни се напори од сите земји во светот. Но, и ние треба да си ја завршиме работата. Потребно е да се направи план за праведна транзиција на регионите во кои имаме термоцентрали на јаглен и рудници за јаглен, за да преминеме кон затворање на овие капацитети, но отворање нови капацитети во кои овие луѓе би биле вработени. Потоа, децентрализација на производството на електрична енергија и поттикнување производство на електрична енергија од сонце – се работи што требало да ги направиме уште пред 10 години. Неопходно е и планирање на искористувањето на земјиштето за да го зголемиме производството на храна за луѓето, и тоа посеви што се поотпорни на сушни периоди, а би го намалиле производството на сточна храна. Тука е и чувањето животни за храна бидејќи, во екстремна температура, животните во големите сточни фарми нема да можат да преживеат. Поголемата стока, пак, е причина за големо количество метан во атмосферата, гас што предизвикува ефект на стаклена градина со огромно влијание врз климатските промени. Треба да размислуваме како ќе обезбедиме вода за наводнување на тие посеви во услови на подолги сушни периоди.
Гледаме дека нашите власти во исто време се трудат да ги спроведат обврските наметнати од Енергетската заедница, Европската унија и Договорот од Париз и се обидуваат да создадат некакви системи за приспособување на земјата на климатските промени. Ова воопшто не е лесна задача бидејќи во исто време треба да воспоставите системи за мониторинг, мерење и за известување за штетните гасови и да планирате мерки за приспособување на сите сектори. Меѓутоа, често гледаме и избор на комплетно погрешни мерки за исполнување на овие обврски – изградбата на мали хидроцентрали на нашите реки во услови кога се соочуваме со суша, на пример, е целосно неразумно.
За нас, во секторот животна средина, особено е забележливо дека политиката и политичките случувања ги парализираат овие итни и приоритетни работи, кои никако не може да чекаат до следните избори, до следната промена на министри, градоначалници, до следната смена во администрацијата.
Донесуваме куп стратегии, а ја немаме најважната – за климатските промени
- На кој начин да ги подготвиме капацитетите што се најповикани за одговори во оваа област кај нас? Имаме ли соодветни стратегии за различни области што треба да излезат на крај со климатските промени?
– Во моментов се спроведува проект токму за засилување на капацитетите на институциите што имаат некакви обврски и надлежности за соочување со климатските промени. Македонија од лани доби свој национален ентитет за користење на парите од Зелениот климатски фонд, преку канцеларијата на вицепремиерот. Овие средства се наменети токму за да им помогнат на земјите во развој да ги ублажат и да се приспособат на климатските промени. Се надеваме дека изборот на приоритетни проекти ќе се прави транспарентно, со оглед на важноста што ја носат за безбедноста на луѓето и на живеалиштата.
Стратегии имаме, ама проблематично е што се донесуваат куп стратегии за да се исполнат обврски од меѓународни договори пред да се донесе најважната – стратегија за климатските промени. Од оваа причина имаме документи што обработуваат иста тема ама не се поддржуваат или се во колизија. Стратегијата за климатските промени треба да ја даде насоката во која ќе се движиме, а стратегиите за енергија, земјоделство, здравство, одржлив развој, води, шуми да ја следат со соодветни мерки и шеми за субвенции. Приоритетите во моментов не ни се поставени правилно.
- Кои се случувањата на локално (регионално) и на глобално ниво што би ги посочиле како аларм за прогнозите за моќта на климатските промени?
– Сите се вознемиривме кога ова лето гледавме фотографии и снимки од огромни површини шума што гори на Арктикот и во Сибир, и сѐ тоа во еден месец. Чадот од овие огнови дополнително однесе во атмосферата огромни количества јаглероден диоксид. Ова лето температурата во земјите од Северна Европа се искачи над 30 степени и се задржа подолг период. Многу од земјите во регионот беа зафатени со пожари што беше невозможно да се изгаснат за брзо време – во екот на туристичката сезона. Нашата земја летово имаше денови кога температурата беше екстремно висока со висока соларна радијација. Ова не е случајност, ова се состојби на кои ќе мора да најдеме начин како да се приспособиме, а, во исто време, да работиме на политика што би ги ублажила.
- Што може секој од нас да направи?
– Научени сме да чекаме на властите да преземат потребни мерки, ама не сакаме да си признаеме дека како потрошувачи имаме огромна моќ сами да ги промениме работите. Можеме да побараме поволни субвенции за фотоволтаици во домаќинствата, средства за топлинска изолација на домовите, да штедиме електрична енергија, да консумираме помалку месо, да не купуваме храна во амбалажа, да си носиме торба за пазарање со нас, реупотребливо шише за вода, повеќе пеш и со велосипед, помалку автомобил. Да купуваме само локално произведена храна и тоа директно од производителот. И, на крај, активно да се вклучиме во процесот на донесување одлуки.
Грета се бори за да имаме утре
- Колку „ефектот Грета Тунберг“ е важен за соочување со климатските промени? Колку нејзините заложби ја менуваат глобалната свест и се притисок за светските лидери да дејствуваат во насока на спречување на глобалното затоплување?
– Младите луѓе се носители на најголемите промени во општеството, така било отсекогаш. Некој, можеби, ќе рече дека паниката што ја создава климатската „криза“ на Грета не придонесува за решавање на проблемот, ама многу климатски активисти ќе ви кажат дека пред Грета климатските промени не беа сфатени доволно сериозно од тие што донесуваат одлуки, а борбата на климатските активисти со лобистите од индустријата на фосилни горива одеше многу потешко. Грета го прави тоа што треба да го прават сите млади луѓе – се бори за подобро утре или, во случајов, се бори за да имаме утре.