Блог, Лице в лице, Лице в лице тема

Кој го управува вашиот живот – вие или стравот?

Време на читање: 3 минути

Интересно е што нашата перцепција за опасност може да биде реална или замислена. Можеби сме навистина нападнати и се наоѓаме во опасност, но, можеби, опасноста е само мисла во нашата глава

Викторија Јордановска

Лето е. Претопло. Испотено, а суво. Не само што имаме чувство дека сме влегле во пеколот, туку и навистина пламени јазици ја голтаат природата околу нас. 

Социјалните медиуми се преплавени со фотографии од патувања, дестинации и доживувања, разголени тела, плажа, вода, забава и коктели. Бегството на друга локација, барем за кратко, на некои од нас им дозволува да заборават на секојдневието.  Но, само еден миг внимание на домашните, а и светските вести, нè потресува до најмалата клетка. Војни, инвазии, пожари, жртви, страдање, бегство, осуда, болка, неправда…. Тоа се сè зборови и слики што ги слушаме и гледаме во медиумите. Тие ја опишуваат моментната ситуација околу нас и ни предизвикуваат чувства на беспомошност, несигурност и немоќ. Поттикнуваат манифестирање трауми, наши или трансгенерациски, свесни или несвесни. Како резултат на тоа, внатрешно доживуваме страв. 

Стравот нè парализира 

„Стравот се користи како средство за да ве контролира, тоа е тоа што го направија религиите, тоа што го прави општеството преку својот морален код“ – Кришнамурти

Секој од нас не е свесен за стравот и како влијае на нашиот човечки организам, но секој од нас има оформено механизам за соочување со оваа емоција. Некој се бори, некој се повлекува, некој игнорира. Сепак, неминовно е дека тоа чувство масовно се шири, влегува и се вгнездува во секоја наша пора и влијае на секој дел од нашиот живот. 

Стравот е состојба на контракција, состојба на парализа. 

За да доживеете свесно состојбата на страв, за момент направете цврста тупаница со рацете. Ова е контракција! Стегање. Сите мускули се напнати, алармирани сте и подготвени за акција. Но, не можете да направите многу со рацете кога ви се стегнати во тупаница, освен да се борите, нели?

„Тоа е единствениот вистински противник на животот, само стравот може да го победи животот“ – Јан Мартел, „Животот на Пи“.

Искуството на страв доаѓа од одговорот на нашиот примитивен мозок кога мисли дека е во опасност, а кога бегството, на некој начин, е спречено или компромитирано. Интересно е што нашата перцепција за опасност може да биде реална или замислена. Можеби сме навистина нападнати и се наоѓаме во опасност, но можеби опасноста е само мисла во нашата глава. Питер Левин, трауматерапевт и истражувач, вели дека спротивно на тоа што може мислиме дека е очигледно, стравот не се појавува кога нашите првични одговори на некоја закана: борба или бегство, се извршуваат слободно. Тоа што се случува тогаш е движење во телото. Но, кога сме спречени или имаме перцепција дека сме спречени да се придвижиме, чувствуваме парализа во телото. Тоа е состојба на контракција.

Природен процес на отпорност

Дали сте слушнале за пендулација – нашиот природен ритам на резилиентност (еластичност или отпорност)?

Целото наше тело и целиот наш универзум функционираат во пендулација, што е природниот ритам на пулсирање меѓу состојбите на контракција и проширување. На пример, земете го дишењето, нашите бели дробови се шират со секое вдишување и се стегаат со секое издишување. Овој примарен ритам е целосно вроден и неволен. Ако ја стиснете повторно тупаницата и следно ја ослободите, вашите раце ќе можат да се движат слободно и можете да почнете да ги користите. Откако ќе станете свесни дека се во тупаница, можете да ги ослободите и да почувствувате состојби на отворање, олеснување и проток. Ова е нашиот природен процес на отпорност, кој „нè повикува на повторно поврзување со вродената мудрост на нашето тело: искуството на пендулација, природниот ресторативен ритам на контракција и проширување на телото, кој ни кажува дека сè што чувствуваме е временски ограничено, дека страдањето нема да трае вечно“, Питер А. Левин, „Во неискажан глас“.

Кое е најдоброто сценарио? 

Еластичен или отпорен нервен систем е тој што може да се движи напред-назад меѓу будност и акција, и смиреност и релаксација, и притоа да не се заглави во ниту една крајност. Да, можно е најлошото сценарио, но што друго е можно? Кое е најдоброто сценарио? Има толку многу можни сценарија колку што има различни нијанси во спектарот на бои. 
Ве канам да ја забележите состојбата на вашето тело сега, во овој момент. Доколку се наоѓате во состојба на контракција, ослободете се свесно со неколку длабоки и бавни вдишувања и издишувања. Особено забавете го издишувањето бидејќи долгото издишување го смирува нашиот парасимпатичен нервен систем, што веднаш влијае на целиот организам.  Најлесен начин да го најдеме патот назад кон состојба на рамнотежа е преку здивот. 
Колку помалку ги перципираме светот и случувањата околу нас како опасност, толку повеќе нашите врати на перцепција се отвораат кон можности и задоволства.


Авторката е сертифициран НЛП тренер, менторка за развој на човечкиот потенцијал и бизнис-консултантка.
Линк до нејзин профил на LinkedIN и до нејзиниот њузлетер на оваа мрежа.

Напишете коментар