Лице в лице интервју, Магазин

Млади жени во Пробиштип креираат решенија за менталното здравје

Во помалите градови и руралните места нема психолози, советници/ментори, младински работници, јога и слични активности кои позитивно влијаат на менталното здравје. Онаму пак, каде што постојат, најчесто се недостапни за поголемиот дел од младите жени бидејќи се скапи. Со „ГРИТ Велнес Ќоше“ токму ова сакаме да го промениме, и да ги направиме овие услуги достапни за сите, вели Мартина Јачевска, коосновачка на овој социјален бизнис

Три млади жени, поведени од сопствените потреби и инспирација, основаа социјален бизнис „ГРИТ Велнес Ќоше чија мисија е да создаде поддржувачка околина во која жените кои имаат можности да вложат во своето (ментално) здравје, ги поддржуваат и оние девојки/жени кои имаат потреба, но не можат да си го дозволат тоа. Насочени се кон унапредување и обезбедување пристап до услуги за ментално здравје и благосостојба кај младите девојки/жени кои се соочуваат со различни економски или други видови на бариери.
За нивната приказна, разговараме со Мартина Јачевска, која заедно со Ивана Петрискова е коосновачка на ГРИТ.

 Како настана „ГРИТ Велнес Ќоше“?

„ГРИТ Велнес Ќоше“е социјално претпријатие кое генерира средства преку продажба на услуги – викенд програми за жени, а профитот го вложува за да овозможи млади жени со помалку можности да добијат исти вакви, но бесплатни услуги.
Интересно е како настана нашиот тим. По завршувањето на студиите, заминав во Словачка на волонтерска програма. Ми беше важно да се пронајдам себеси. Таму ја запознав Ивана, која ми беше координаторка и менторка во овој процес. Со неа станавме пријателки и колешки. По враќањето дома се соочив со потешкотии со моето ментално здравје, па така Александра Милчинска Пановски стана мојот прв психолог (а потоа, се вклучува во одредени активности на организцијата, од самиот почеток). По завршувањето на серијата сесии, станавме пријателки и колешки, а јас продолжив да работам со друг психолог. Низ активностите на ГРИТ се запознаа и Ивана и Александра. Преку нашата заедничка работа ја препознавме важноста на поддршката која доаѓа од жените околу нас. Се залагаме за идејата да си помагаме една на друга и да се поддржуваме во секој момент, и во моментите на предизвици, но и во моментите на споделување на радости.
Ја сфативме и препознавме нашата улога како жени кои би сакале да поддржат и други жени да можат да го имаат она што го креиравме ние. „ГРИТ Велнес Ќоше“ го овозможува токму тоа.
Целата оваа идеја немаше да биде комплетна без нашиот проектен координатор, кој преку вклучувањето во „ГРИТ Велнес Ќоше“  го доби првото вработување како млад човек. Имаме и 6 волонтери кои безрезервно се вложија и се вложуваат секојдневно за оваа идеја да стане реалност. Тие преку нивното вклучување се стекнуваат со практични работни вештини во различни области кои понатаму ќе им ја зголемат вработливоста на пазарот на трудот.

Кој предизвик се обидувате да го решите?

Нашиот фокус се  девојки/жени над 15 – годишна возраст кои се грижат или сакаат да се грижат за своето ментално и физичко здравје.
Започнавме уште пред да аплицираме за поддршка преку проектот на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) „Социјално претприемништво за младинско вработување“. Од работата на ГРИТ како младинска организација, забележувавме голем број предизвици со кои се соочуваат младите девојки/жени во однос на менталното здравје. Повикот на НМСМ беше дополнителен поттик и поддршка сѐ она што го замислувавме да го исполниме.
Претходно, како дел од „Денови на психологија“ организирани од Комората на психолози, а во рамки на активностите на ГРИТ одржавме работилници за младите на различни теми поврзани со менталното здравје. Имавме и бесплатни часови за јога. Забележавме дека голем дел од нив се заинтересирани за овие активности, но и дека најчесто на работилниците се појавуваа девојки. Од нив дознавме дека  имаат потреба од средби со психолог, од подобра грижа за менталното здравје, но често наидуваат на најразлични препреки. Најчесто наведуваа дека постои стигма за менталното здравје. Споделуваа и дека често, луѓето, особено поврозрасните, не им веруваат дека имаат потешкотии со менталното здравје. Кога им веруваат пак, го прескокнуваат психологот и ги праќаат на психијатар. Во помалите и руралните места пак, покрај стигматизацијата, голем дел од овие услуги не се  ниту достапни. Нема психолози, советници/ментори, младински работници, или можности за вклучување во алтернативни активности како јога кои докажано позитивно влијаат на менталното здравје. Онаму пак, каде што постојат, најчесто се недостапни за поголемиот дел бидејќи се скапи или треба да патуваат до некој соседен поголем град каде што ги има.

Со „ГРИТ Велнес Ќоше“ токму ова сакаме да го промениме, и да ги направиме овие услуги достапни за сите. Се разбира, благодарение на корисниците на викенд програмите.
Програмата „Враќање кон себе“ е наменета за жени кои сакаат да ги истражат и подобро да ги разберат своите различни улоги и да изнајдат нови начини како да се грижат и да ги негуваат истите. Другата програма, која цели кон воспоставување баланс работа – личен живот, е наменета за жените кои имаат свои бизниси, како и за бизниси кои вработуваат жени. Пакетите – целосна програма, сместување од петок до недела и храна се достапни по цени од 6500 – 9000 денари.
Генерираните средства се вложуваат во програма за поддршка која обезбедува најмалку 5 девојки/жени од 15-29 години, со помалку можности и/или кои се соочуваат со економски препреки, да добијат по 5 бесплатни сесии. Сесиите ги одбираат тие, а може да биде терапија со психолог/психотерапевт, менторство (на пример доколку не се сигурни или не знаат што да одберат да студираат) или како да ја продолжат својата кариера, како и јога, техники на дишење или медитација.

Раскажете ни повеќе за улогата и поместувањата кои ги прави ГРИТ на локално ниво.

Организацијата се роди благодарение на соработката и заедничката желба и стремеж да направиме промена, пред сѐ на локално ниво. ГРИТ е и првата младинска организација која функционира и активно се залага за подобрувањето на животот и условите кои ги имаат младите во Пробиштип, но и пошироко во помалите/руралните средини во Источниот регион на државата. Нема да бидем скромна и ќе кажам дека активностите на ГРИТ направија вистинско поместување и размрдување на целокупната слика на младинскиот живот и учество во нашата општина.
Еден од нашите најголеми успеси засега е мобилизацијата на младите луѓе на локално ниво да се застапуваат за потребата од младинскиот центар во Пробиштип и неговото отворање во соработка со општината од јануари оваа година. Следниве три години, ГРИТ ќе управува со младинскиот центар. Ова место значи многу за младите од Пробиштип. Тие конечно добија свој простор кој можат да го користат за учество во најразлични активности од неформалното и информалното образование, но и за дружба, простор кој е безбеден и достапен за секој млад човек.

Забележувате ли промена кај младите, по вклучувањето во ваши активности?
Промената е видлива и огромна! Низ активностите кои ги организиравме поминаа повеќе од 500 млади од нашата општина, но и од Источниот и Североисточниот регион. Успешна практика е што  во нашите проекти вклучуваме што повеќе млади кои за прв пат учествуваат во вакви активности и млади кои не се со одличен успех во училиште. Тие се дел од работилници, обуки, настани, Еразмус + младински размени или други активности. Голем број од нив често се враќаат повторно и на други активности и се активни во различни области. Волонтерите кои се ангажирани преку „ГРИТ Велнес Ќоше“ се активни и работат на свои проекти во Пробиштип и преку нив вклучуваат и други млади луѓе. Поради нивната посветеност беа формирани книжевен, театарски, компјутерски клуб, креирана веб страна, изработка на промотивни видеа и содржини за социјалните медиуми. Волонтерите исто така работеа и напорно на ентериерното уредување на младинскиот центар пред неговото отворање.

Зошто бизнисите треба да ве ангажираат за нивниот следен ритрит?
Родовиот јаз е видлив и нашиот фокус е ставен на жените во бизнисите. Во голем број бизниси, сѐ уште на раководните функции се мажи. И покрај ова, не ретко жените се тие кои ја организираат целата работа и се грижат процесот да се одвива глатко. Ова подразбира комуникација со голем број различни актери и ускладување на сите страни за да се постигне одредена цел, но најчесто нивната работа е во позадина и не е толку видлива. Голем број жени, по излегувањето од оваа улога – брзаат дома за да ја подготват вечерата, да се грижат за децата и да ги спремат за градинка или училиште и ретко кога имаат време за одмор или да се посветат на некое хоби. Жените се најчесто на чело на бизниси или институции кои работат некоја од „женските професии“. На пример, во Пробиштип градинките, училиштата и домот на култура имаат директорки, додека останатите бизниси/институции од другите сектори доминираат мажи на таа раководна функција.
Ние сме најдобриот избор за жените во бизнисите бидејќи  нудиме целосно уживање преку себе – истражување и алатки кои се корисни за жените да воспостават здрави граници и да си посветат време на себе. Освен тоа, бизнисите преку нас имаат можност да ја покажат и докажат својата грижа за заедницата и да поддржат млада девојка/жена која има потреба од вакви услуги.
По учеството во програмата бизнисите ќе добијат беџ за општествена одговорност со кој ќе бидат препознаени како бизнис која придонесува за доброто на заедницата и се грижи за своите вработени.

Како гледате на иднината на социјалната економија во земјава? Која е вашата визија, и кој е следниот прв чекор?

Социјалното претприемништво има огромен неискористен потенцијал во нашата држава, но и пошироко. Го гледам како единствен начин преку кој би можеле да се спротивставиме на капитализмот. Граѓанските организации се обидуваат да ја одржат главата над вода, да не потонат. Зависат од донатори и од грантови, кои најчесто имаат свои агенди кои сакаат да ги исполнат. Често се среќаваме со „загрозување“ на интегритетот и целите на организацијата која се обидува да ја прилагоди својата работа и на желбите на донаторите и на реалните потреби на нивните корисници. Социјалното претприемништво е алатка која ќе придонесе до одржливост на организациите и поголема независност од донаторите. Вака организациите ќе можат да се посветат на реалните потреби на нивните корисници, а донаторите ќе имаат можност да вложат во оние организации кои поддржуваат вредности кои се на иста линија со нивните. Во нашиот случај – на младите кои имаат потреба од ваква поддршка, наместо на исполнувањето на агенда и постигнување на предвидени бројки.
Нашиот следен чекор е да најдеме начин на кој би го промовирале овој принцип на работа во пошироката јавност и да ја усовршиме нашата понуда.

 Интервјуто го правиме додека сте во САД. Раскажете ни повеќе за оваа посета.

 Здраво од Денвер, Колорадо!
 Моментално сум на програмата за лидери од граѓанскиот сектор „Community Engagement Exchange“ во САД на која има 142 млади лидери од цел свет кои се истакнале во нивните заедници. Ова е висококомпетитивна програма, на која во истиот циклус кога бев одбрана учествувале повеќе од 6500 лидери од цел свет. Поддржана е од Бирото за образование и култура при Владата на САД, а ја спроведува организацијата ИРЕКС.
Покрај тоа што сум дел од „Академијата за лидери“, како дел од оваа програма, имам можност и директно да работам со организацијата „Млади лидери Колорадо“, која има многу слична цел и активности како и ГРИТ. На крај од програмата моја задача ќе биде да организирам и проект за граѓанско учество по моето враќање дома. Ова искуство е од огромно значење за мене и за ГРИТ. Тука учам многу за работата на организацијата. Веќе имав можност да научам добри практики и се надевам дека барем дел од нив ќе успеам да ги применам дома. Работам на следење на влијанието на програмите кои ги имплементираат врз развојот на младите со кои работат, за начините на диверзификација на изворите на финансирање, комуникација со засегнати страни и многу други теми. Се надевам дека ќе имаме можност повторно да зборуваме за ова откако ќе се вратам. Топло ја препорачувам програмава за сите истакнати лидери од граѓанскиот сектор од нашата земја кои сакаат да ги усовршат своите знаења и да ги прошират своите перспективи за да бидат уште подобри во својата работа.

Уживам во медитативната музика на природата

 Која серија/филм, би ја препорачале на нашите читатели? Зошто?
„Sex Life“ е последната серија која ја изгледав на „Нетфликс“. Отсекогаш сум била заинтересирана за женската сексуалност и нејзината поврзаност со целокупното здравје на жената. Оваа серија ми остави впечаток поради тоа што ги поттиснуваме нашите желби и потреби со цел да ги оствариме нашите фантазии за тоа како нешто треба да биде и која би била идеалната слика која би сакале да ја отсликаме во општеството. Серијава за мене отвори многу прашања за тоа кои и какви сѐ улоги има жената, како дисбалансот на овие улоги влијае на менталното здравје на жената, но и на тие околу неа, како средината во која се наоѓа и луѓето влијаат во балансирањето или дебалансирањето на овие улоги, кога правиме отстапка за наше добро, а кога за доброто на нашата репутација во околината. Не би коментирала на овие прашања, оставам да ја погледнете серијата.

Која е вашата препорака за книга?
Дали мора една? Извинете, не можам. Хахаха. Би препорачала многу книги, но можеби две кои одговараат на темава и кои мене лично ми го променија драстично животот и разбирањето за животот (и смртта) се:
„Моќта на цврстиот карактер“ од Анџела Дакворт – затоа што конечно ме натера да сфатам дека не мора да си талентиран во нешто за да ги оствариш своите сонови. Остварувањето на нашите цели зависи од талентот, но некогаш и многу повеќе од континуираната работа, дисциплината и силната волја.
„Тибетска книга на животот и смртта“ од Согјал Ринпоче – затоа што прави да размислуваме за тука и сега. Во книгата се зборува за тоа како цел живот се подготвуваме за смртта, и не живееме во моментот за на крај кога таа ќе дојде сепак не сме подготвени за неа.

Што слушате додека пешачите/возите велосипед?
Додека пешачам или возам велосипед, искрено, јас никогаш не слушам музика. Скоро секогаш одбирам да уживам во звуците на природата или на средината која ме опкружува, без оглед на тоа какви се тие во моментот. Дури мислам дека е и малку некултурно да излезам во парк, на прошетка и да не им обрнам внимание на листовите кои шушкаат нишани од ветрот, на птиците кои секоја пеат различна песна, на водата која се бранува и удира во брегот или брза низ камењата, на зуењето на инсектите.
 Кога сум во поголем град како Скопје кога низ улиците има метеж, знам да се препуштам на буката и да си направам забава во глава од сите автомобили кои брмчат, нервозните свирежи на оние кои се брзаат, луѓето кои зборуваат додека се разминуваме, ѕвончињата на велосипедите, реконструкцијата на некоја зграда. Би му препорачала на секого да го проба ова. Се разбира, не кога итате низ градот или шумата, туку кога сте навистина излезени на прошетка. На почеток може изгледа чудно, но многу брзо, во зависност од средината, може да стане релаксирачко и/или забавно. Овој тип на медитативна „музика од природата“ дефинитивно го препорачувам. Исто така е и најбезбеден, особено ако сте во сообраќај.
 Инаку, обожавам да слушам музика и да танцувам, само мислам дека тоа повеќе одговара на затворени простори. Од музика слушам речиси сѐ. Ги препорачувам плејлистите на Beth Hart, Lauryn Hill – MTV Unplugged и често го слушам Bob Seger додека возам автомобил или кога одам на roadtrip. Од македонски изведувачи, најчесто ја слушам и сум воодушевена од Каролина Гочева. Додека медитирам не слушам музика. Но, откако почнав да вежбам јога забележав дека пеењето ОМ или едноставно слушањето ми буди многу позитивни вибрации, ме смирува, но истовремено и ми дава енергија. Најчесто ги пуштам овие видеа на јутуб.

Ова интервју е објавено во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапно е на овој линк .

Напишете коментар