„Немате шанса како глуви луѓе да се занимавате со бизнис!“ ПОГРЕШНО
Интервју: Мартин Ангелов, косопственик на „О2 MR Coffee Bar“
Државата нѐ гледа само како бравари или шнајдери. Што ако не сакате да бидете бравар. Сте се родиле глув, ама не сакате да сте бравар… Таа тортура што ја наметнува државата преку старомодните образовни профили веќе не одговара за младата генерација. Велиме ни требаат демократски процеси, сакаме да бидеме демократско општество, ама тапкаме во место со старите навики и со старите постапки, вели претприемачот Мартин Ангелов
Анета Ристеска
Видео интервјуто е направено со превод на знаковен јазик
Толкувач на македонски знаковен јазик: Марија Башеска Стојановска
Кафетерија, фарма за животни или нешто трето. Победила првата идеја во дилемата на двојката Мартин Ангелов и Радмила Периќ за тоа каква претприемачка приказна да почнат.
Оштетениот слух не е и не треба да биде пречка за да развиваме одредена бизнис-идеја, и покрај скепсата што често ја чувствуваме од опкружувањето, како и слабата поддршка од системот во обезбедување одговори на нашите потреби, велат тие.
– „Немате шанса како глуви луѓе да се занимавате со бизнис“, беше пораката што речиси едногласно стигнуваше до нас на почетокот. Но, тоа не ме натера да се предадам. Напротив. Ме мотивираше уште повеќе – вели битолчанецот Мартин, кој за заедницата на „Лице в лице“ ја раскажа својата претприемачка сага и отворено зборува за условите што ги обезбедува нашето општество за лицата со оштетен слух, во предизвикот наречен бизнис, но и за тоа што треба да менуваме како јавност за да ја подобриме целосната клима за живот и за работа на овие наши сограѓани.
Но, и не само за тоа. Овој млад човек храбро ги идентификува точките од кои може да почне менувањето на перцепцијата и надминувањето на предрасудите за вештините и за потенцијалите на лицата со оштетен слух. Образованието е, вели тој, стартното скалило за создавање општество што ќе обезбедува еднакви можности за сите.
1. „О2 MR Coffee Bar“ е првото знаковно кафуле во Скопје, но и пошироко во регионот. Неодамна го прослави првиот роденден. Како би ги дефинирале впечатоците од овој период? Колку нашата земја е подготвена, респонсивна за потребите на лицата со оштетен слух во поглед на стартување и одржување една претприемачка приказна? Раскажете ни како почна сѐ.
Пред една година влегов во сферата на бизнисот, заедно со мојата девојка. Мислев дека преку тоа ќе може да се отвориме, не само како луѓе, туку и како партнери, со сите други. Имавме повеќе идеи пред да се решиме за сегашната, за кафе-бар. Опсежно правевме анализи, детално следевме сѐ, и ова не беше случајно… Со Радмила патувавме многу по светот и имавме можност да видиме дека глувите луѓе како нас имаат многу отворени можности во општеството за да се занимаваат со бизнис. Потоа, кога се вративме во Македонија, мој близок другар ме информираше дека УНДП имаат конкурс што стимулира ваква активност. Немав дилема да се пријавиме.
Ја поминавме обуката, но, првото нешто со што се соочивме беше како нѐ перципираа луѓето од страна. Ме гледаа не со сомнеж, ама со некакво двоумење, дали, навистина, можеме да го правиме ова. Можеби и институциите не беа сигурни колку ние, лицата со ваква попреченост, можеме да се носиме со ова, па при потпишувањето на документите се чувствуваше некоја стега дали, всушност, ќе бидеме добри играчи во бизнис-водите.
Бидејќи сум битолчанец, ова го реализирав преку битолската Агенцијата за вработување, од која добивме многу голем поттик. Мојата девојка е од Богданци. Во нејзиното место, пак, имаше повеќе прашaња од типот: Зошто сакате да бидете бизнисмени?
За среќа, има поединци што прават големи поместувања. Социјалниот работник Лиле од битолската агенција, која е и голем стручњак, но, и голем човек, нѐ бодреше низ целиот пат.
Кафулето го отворивме во Скопје. Но, процесот кога се обидував да најдам локација, одеше, навистина, мачно. Немавме толкувач и беше, навистина, тешко со луѓето што изнајмуваат простор да се договориме за условите на издавање. Тука повторно силно се издига тој психолошки ѕид…. Се сретнувате со луѓе на кои им кажувате дека сакате да го изнајмите просторот и повторно ве дочекуваат со недоверба. Сите нѐ гледаа со некакви други очила на реалност.
2. Кои се главните предизвици со кои се соочивте на стартот, но и со какви пречки, пак, се соочувате сега, тековно?
Мое омилено место каде што планирав да отворам бизнис беше Дебар маало, но прифатив дека не сум моќен да отворам таму локал поради високите кирии, кои за нас како почетници беа невозможни. Сепак, лоцирани сме во центарот на Скопје, кај плоштадот „Јадран“ и имаме опкружување што ни дава убави услови за работа. Со средствата што ги добивме, набавивме речиси сѐ што имаме во кафетеријата, маси, столови, шанк, техника, фрижидер, шпорет, машини за кафе… Бевме поддржани со по 5.000 евра, значи заедно со мојата девојка добивме 10.000 евра финансиска поддршка, но имавме и свои средства. Единствен проблем ни беше комуникацијата. Тоа е тешко и за нас, и за тие наспроти нас. На пример, кога отидовме да набавуваме шанк, столови, маси… одевме по продавници, требаше да кажеме начин, како ќе плаќаме, како ќе биде фактурирано, кому, и, навистина, тоа е ситуација низ која тешко се поминува.
Ме допира вашето прашање, ме враќате на почетокот што не беше толку одамна, но, психички не се чувствувам убаво кога налетувам на комуникациски ѕид. Да е еднаш, човек ќе подголтне, но, кога секогаш треба да ја јадете истата порција, тешко… Има глуви луѓе, кои поради вакви комуникациски тешкотии се откажаа од факултет, се откажаа од студирање, се откажаа од сите свои добри намери да чекорат и да се развиваат. Но, јас сум во другата категорија млади, не се плашам, не се разгневувам, продолжувам.
Благодарен сум му на архитектот што го дизајнираше нашето кафуле и, навистина, го уреди така како што сакавме да изгледа. Задоволни сме со изгледот на ова мало место, кое е мошне симпатично за престој. Железаријата, заварувањето, столарските работи, сѐ што правевме овде како дизајн и како амбиент го работеа глуви мајстори. Можеме да се пофалиме дека во системот на изразување имаме една азбука што ја користиме сите глуви, и Македонци, и Албанци, и Роми, глуви од сите етнички заедници. Во нашиот свет нема разлика.
Главен предизвик и на стартот, а и сега, е немањето толкувачи. Тоа ги одолжуваше сите подготовки за почеток на бизнисот. Би било добро кога државата би ни овозможила услови, толкувачи, во најважните сегменти од водењето бизнис. Не кога одам по набавка на продукти, но, кога имаме потреба од услуги на Управата за јавни приходи, или во Министерство за финансии, или во Инспекторатот за храна (сакавме да ја прошириме дејноста), тогаш имаме проблем како да ги примиме информациите, како да разбереме, тука сме тенки со можностите. Само што почнавме со работа, се случи пандемијата со ковид-19 што повторно наметна нови правила на функционирање. Нашето место е многу привлечно, иако сѐ уште скромно посетено. Но, како што ми велат, и покрај големата конкуренција на локали во центарот, во овој простор има парче тишина. Кај нас, навистина, е многу тивко, мирно и првично на човек му е чудно. Но, укажуваме дека имаме „самопослужување со музика“. Ние не го слушаме музичкиот систем, не можеме да го управуваме, но, гостите можат сами по свој избор да си најдат станица и да си го направат амбиентот по свој мерак.
3. На што се должи скепсата кај институциите, кај системот, или, поточно, нивната тромавост во приспособување на условите за бизнис и за лицата со оштетен слух? Дали можеме да зборуваме за пречки што многу јасно може да се адресираат кај нив и што е тоа што треба да се менува?
Институциите треба да ја променат сликата за нас. Веројатно и тие нѐ гледаат како глуви лица со некакви ограничени способности или можности. Јас велам дека само комуникацијата е единствениот проблем за да може да се почне бизнис. Ништо друго. Само комуникацискиот момент, и институциите мора да го разберат тоа. Македонија сѐ уште не го приспособила својот систем или изградила на темели на едно модерно време, 21 век сме, да потсетиме. Во Европа, бидејќи тежнееме да одиме во Европската унија, тамошните системи, по европските правила, обезбедуваат сѐ на тој пат. Значи системот ве слуша и ви помага вие да бидете успешни во тоа што го правите, а овде системот ве тера да одите од врата на врата. Не на оваа, одете на следната, и така на 10, само се препраќа, односно се посочува со прстот дека некој друг треба да ви помогне, друг да ви го реши проблемот, што не е во ред.
4. Кои би биле вашите главни препораки за подобрување на сликата кај нас во поглед на правата на лицата со оштетен слух и на можноста да се лидери во одредена претприемачка идеја?
Еве еден пример… Имаме мобилен телефон и преку него можеме да побараме некој од толкувачите. Го замолуваме шалтерскиот работник, на пример во некоја институција, подавајќи го телефонот, да ја испратам пораката што ја имам преку толкувачот, но не прифаќаат таква комуникација. Тешко оди одоброволувањето кај нив. Во системот недостига сериозно решавање на потребата од толкувачи во институции. Неопходно е да вработат барем по еден толкувач. Таа работа треба што побрзо да биде променета. Оти, ако велиме дека тежнееме да бидеме рамноправни, како што сме во Уставот, во практиката не сме. Практиката го покажува тоа, и ангажирањето толкувачи е прашање што државата може да го реши ако сака…
Ние живееме од клиентите, дел од нив се охрабрени, ќе влезат, ќе се снајдат, имаме мени приспособено на знаковен јазик, но, некои нема да се снајдат на менито, ќе ни напишат со ливче. Но, има и луѓе што не сакаат да влезат, со самото тоа што гледаат дека сме глуви, некако се премислуваат. Не се многу на број, но ги има. Сакам луѓето да имаат отворен ум, да не гледаат со предрасуди, ниту на глувите, ниту на кои било други различности што ги имаме меѓу себе, туку да имаат отворен ум што ги придвижува.
5. Што велат вашите искуства, во споредба со некои други европски земји, за правата што ги имаат лицата со оштетен слух на друго поднебје, особено кога се во прашање бизнис-приказните? Што може и треба да научиме од успешниот пристап и од услови надвор? Кои искуства би ги одвоиле како посебно инспиративни? И во поглед на свеста на општеството, но, и на јавноста, како главни подджувачи? Како да стигнеме до таква фаза на меѓусебно разбирање?
Една и пол година престојував во Холандија, заедно со мојата девојка. Сите работи ми поминаа низ процес на анализа и на размислување. Тоа општество го оценувам со висока десетка за сѐ! Значи, таму, освен што секоја институција има обезбедено толкувач во кое било време, секогаш кога ви треба да ве придружи, има и поддршка за глуви туристи. Значи, ако дојдат во Холандија луѓе од која било страна на светот имаат 30 часа подарок од државата – на странци им обезбедува превод на знаковен јазик. Ова за мене беше фасцинантно. Глувите луѓе во холандското општество ги има во сите сфери на бизнисот, како забни протетичари, уметници, модни креатори, шминкери, извонредни дизајнери, кои прават модели за кралското семејство, за ВИП-личности… Таму државата ја отворила вратата за секој успешен поединец со оштетен слух. Сега да ве вратам каде сме ние. Ние сѐ уште имаме профили занимања во училиштето за глуви, кога треба да решиме како средношколци со што ќе се занимаваме. Мажите може да бидат бравари, механичари, а жените шивачки. Нас државата нѐ гледа само како бравари или шнајдери. Јас прашувам, што ако, на пример, не сакате да бидете бравар. Сте се родиле глув, ама не сакате да сте бравар… Таа тортура што ја наметнува државата преку старомодните образовни профили веќе не одговара за младата генерација. Велиме ни требаат демократски процеси, сакаме да бидеме демократско општество, ама тапкаме во место со старите навики и со старите постапки.
6. Колку ни недостига да се приближиме до некоја фаза што би ја окарактеризирале како солидна во поглед на рамноправност во општеството на лицата со оштетен слух? Дали работата со барот ви носи некаква надеж дека нашата јавност станува посвесна за тоа дека комуникацијата е нешто во кое сите треба да имаме влог, да го учиме знаковниот јазик, можеби треба да биде училиштен императив за сите нас? Кои други чекори би биле следни? Како да се движиме кон промените?
Сѐ тргнува од образованието. Јас потекнувам од семејство во кое сите се глуви, и тоа не е едноставна работа. Мајка, татко, брат, сите глуви. Но, и наназад, чичковци, стрини, моето семејство има 27 лица со оштетен слух. И ние, никој од нас не се чувствува хендикепирано, сите се вработени, сите трчаат, имаме раце, зборуваме со раце, и тоа е тоа. Но, чекорите почнуваат од моментот кога го учите своето дете да се чувствува автономно, писмено, да се образува на својот јазик, на мајчиниот, на знаковен јазик. Да има нагледни средства во образованието, да гледа телевизија, да работи на компјутер, преку видеосодржини да се чувствува како живо дете и покрај тоа што не слуша. Да го прима светот со сите информации, на начин што ќе биде приспособен. Образованието е алката број еден за успешен млад човек понатаму. Нема да бидете несигурен. Многу сум благодарен на битолското училиште за глуви деца бидејќи таму нѐ научија дека во животот треба да се бориме. Јас сум роден со нормален слух и говор, но, на осум-деветмесечна возраст сум добил висока температура и преку примена инјекција сум го изгубил слухот. Тоа е случајот кај мене, но, моите родители не го сфатиле тоа како трагедија бидејќи и самите се глуви. И имавме проблеми, од градинка, па на сите следни нивоа, но сега темата ни е друга.
7. Кризата со пандемијата измести многу од плановите што постоеја во бизнис-сферата. Какви се вашите проекции за периодот пред нас, вашите следни чекори со „02 MR Coffee Bar“?
Пандемијата ја доживеав како шок-момент во процесот на работа. Имаме нова ситуација под која функционираме, мора да се носат маски, но како глув човек, мене тоа ми е двојно поголем проблем бидејќи ние глувите луѓе и така имаме комуникациски пречки, а сега преку маската, кога гледате само очи, не можете да разберете апсолутно ништо. Во европските земји ова е убаво решено. Државите најдоа решение и за глувите. Се носат проѕирни маски и вие можете да читате од устата на соговорникот, или да го гледате изразот на неговото лице, што зборува многу во даден момент. Франција е само една од државите што реагираат веднаш во моментот за тоа што е потребно за лицата со попреченост. Не да врват месеци, години, туку веднаш, за секој глув граѓанин подготвиле пакет со комплет елементи за заштита во услови на ковид за глувите лица. Условите за работа во кафетеријата, во услови на пандемија, се, навистина, тешки. Генерално, условите за стопанисување се тешки. Но, храбар сум, и надежта е тоа што ме влече да издржам. И ги повикувам сите луѓе добрнонамерници, нека повелат, нека ѕирнат во нашиот, како што го нарекуваат „свет на тишината“, па некако да ги прелееме тие два света. Така се раѓаат и пријателства, ги поздравуваме нашите клиенти на знаковен јазик, имаме, навистина, многу работи со кои можеме да се пофалиме.
8. Дали сега до вас стигнуваат повеќе реакции на поддршка токму од тие што на почетокот покажуваа повеќе сомнеж? И дали граѓаните се трудат да го побараат тоа што го сакаат на знаковен јазик? Што е најнарачувано во кафе-барот?
Од сомнеж преку дилеми, со упорност и трудољубивост, дојдовме до ситуација да нѐ гледаат како луѓе способни да го работиме ова што го избравме. Дури и стануваме некаков пример меѓу други млади што имаат желба да почнат со некој бизнис, па сме како модел на идентификација. Нѐ гледаат нас, и почнуваат да размислуваат дека е возможно да се биде во бизнис-секторот. Кога сте првата птица што се обидува да донесе некоја друга светлина, се разбиструваат тие дилеми. Јас лично сум многу задоволен дека по малку работите се менуваат. Инаку, најмногу луѓето доаѓаат да се напијат по едно еспресо, макијато, нескафе, најчесто се кафеџии. Правиме и вкусни цедени сокови, еве ова нека биде како некоја реклама… Сакам да изразам и благодарност до менторот Јован Сталески, кој ни беше голема поддршка, а имаше и важна улога во изборот на името на барот.
Луѓето со оштетен слух може да дејствуваат во различни дејности
Колку сте запознати со претприемачки приказни во регионот што ги иницирале и ги водат луѓе со оштетен слух?
Кафетерии не, но, друг тип дејности да, како хотелиерство, потоа сервис / сервис за миење автомобили, заботехничар, уметници (сликари)…
Во Македонија не сме единствени како глуви луѓе во бизнис-секторот. Братот на мојата девојка е глув, и тој има фризерско студио. Потоа, во Тетово има магистер по мода и дизајн, врвен дизајнер. Таму има и брачна двојка со оштетен слух што држи цвеќарница, во Прилеп таква двојка држи самопослуга… Сигурно има десетина луѓе што се во бизнис-секторот. Има и човек што има фирма за заварување и подготовка на метални конструкции, браварски елементи, за соларни панели и сл.
Дали постои комуникација меѓу овие претприемачи во поглед на поцврста артикулација на барањата што ги имате и до системот?
Не. Точно е дека заедно би биле посилни да ги артикулираме нашите потреби, но сите сме врзани со дневно испорачување услуги на различен терен, па тоа ја отежнува ситуацијата. Во иднина размислуваме за таа идеја…
Медиумите за нас се затворен прозорец
Каде ја гледате улогата на медиумите во борбата за подобри права на луѓето со оштетен слух? Колку прашањата за нивните предизвици се актуализираат? Колку тие може да имаат импакт врз поместувањата во оваа сфера? Освен МРТ, која има редовни содржини, и со една до две емисии месечно, сѐ друго е куп телевизиска програма, која ниту е титлувана, ниту е приспособена. Да не бидеме нескромни, не дека очекуваме сѐ да биде на знаковен јазик, но, навистина, ако телевизорот за сите е прозорец кон светот, кој нуди многу содржини, тој за нас е затворен. На пример, луѓето за една секунда ќе се информираат за многу работи, а ние ги примаме информациите со задоцнување од три дена. Со таква брзина стигнуваат…
Еве, на пример, владата донесла некаква законска измена, можеби врзана за привилегии во однос на пандемијата, сите го слушаат тоа, сега и веднаш, јас немам начин како да го примам тоа како информација, и ќе го разберам од еден на друг човек и, можеби, некоја десета ситуација ќе допре како информација до мене. Или, пак, ќе ги молите ближните да ви кажат што пренеле на телевизија за да можеме да споредиме, тешко е… Треба медиумите да бидат поблиски до лицата со попреченост. Да ги афирмираат нашите состојби, да пишуваат за нашите проблеми, да информираат за нас.
Зошто името „02 MR Coffee Bar“?
За љубов се потребни двајца, О2 е парен број, оти убавите нешта одат во пар. О2 може да биде очи и раце, основата на знаковниот јазик, како симболи… Ако е 0 толеранција за дискриминација, двојката нека биде симбол за пар и заедништво. Потоа, 02 е повикувачкиот број за Скопје, 02 е мост од светот во кој слушате кон еден друг свет…