Незнаење што раѓа предрасуди
Со помош на антиретровирусната терапија, лицата што живеат со ХИВ можат да живеат сосема нормално, како и сите други, а вирусот не може да се пренесе дури ни по сексуален пат од лица што редовно ја примаат својата терапија. Сепак, обележаноста и стравот сѐ уште остануваат прва асоцијација за ХИВ
Сања Јовановиќ – Панева
Дискриминација врз основа на здравствена состојба. Општествена појава која има многу негативни последици, а се актуелизира и не ги поштеди ниту луѓето кои се инфицираа со новиот корона вирус (заболувањето COVID-19). Пандемијата ги доведе во прашање, не само здравјето на луѓето, туку и нивните работни места, домувањето, социјалниот живот.
Многумина инфицирани наидоа и на обележаност и осуда од околината во која живеат. Огромен број луѓе, поради различни причини, добиваа(т) неправеден третман, за разлика од други луѓе во истата ситуација. Но, што е со луѓето што постојано се наоѓаат во ваква ситуација? Дел од нив се луѓето што живеат со ХИВ.
Нашата земја се вбројува во групата земји со ниска преваленција на инфекцијата со ХИВ, односно мал е бројот на луѓе што живеат со ХИВ во споредба со целото население во државата. Но, тоа не значи дека овие луѓе треба да се занемарат и да останат невидливи. Напротив.
Искуствата од светот ни зборуваат дека единствениот принцип што може да биде успешен во соочувањето со ширењето ХИВ е принципот заснован на почитување на човековите права и на фундаменталните слободи на лицата што живеат со ХИВ. Со години е познато дека лицата што живеат со ХИВ (ЛЖХИВ) со помош на антиретровирусната терапија можат да живеат сосема нормално, како и сите други, дека вирусот не може да се пренесе дури ни по сексуален пат од лица што редовно ја примаат својата терапија. Сепак, обележаноста и стравот сѐ уште остануваат прва асоцијација за ХИВ. Населението речиси нема никакви познавања на оваа тема, како и на повеќето други важни теми поврзани со сексуалното здравје.
Лицата што се соочуваат со дијагностицирање позитивен статус на ХИВ, не само што веднаш си го поставуваат прашањето како да се соочатсо новата здравствена состојба, туку и дали поради неа ќе им бидат скратени најважните човекови права што ги уживале досега и без да размислуваат за тоа.
Искуството на организациите за поддршка на луѓето штоживеат со ХИВ покажува дека поради дискриминација врз основа на здравствената состојба, овие лица се соочуваат со прекршување на многу различни права, како што се правата од здравствена заштита, работни односи, социјална заштита, правото на приватност итн.
Кога резултатот од систематски преглед завршува кај работодавецот
Еден пример за тоа се ситуациите што се јавуваат како резултат на вршењето на задолжителните периодични здравствени прегледи за сите работници на сметка на работодавецот. Тогаш лицата што живеат со ХИВ се соочуваат со ризик резултатите од нивниот здравствен преглед, место ним, како што е законски пропишано, да им бидат испратени директно на работодавците со сите детали за нивните резултати, место само информација дали работникот е работоспособен или не.
На овој начин, работодавците ќе дознаат за нивниот ХИВ-статус. Со ова не само што ќе им биде прекршено правото на приватност, туку ќе се соочат и со можен отказ од страна на работодавецот.
Постојат ситуации во кои информацијата за здравствената состојба на работникот се пренесува и до другите вработени, па поради предрасудите и обележаноста, се создава уште поголем притисок за можен отказ.
Како пример го наведуваме случајот „Кијутин против Русија“, во врска со прекршени права на лице што живее со ХИВ, кога Европскиот суд за човекови права наведе:
„Незнаењето за тоа како се шири болеста предизвика предрасуди, кои, пак, доведуваат до обележаност или маргинализација на тие лица што се носители на вирусот“.
Вредно за споменување за оваа пресуда е и паралелата штоја прави судот меѓу високопреносливите болести со краток инкубациски период како САРС или птичјиот грип. Во пресудата се наведува дека затоа што ХИВ не се пренесува случајно, туку преку конкретно и специфично однесување што не вклучува случаен контакт или пренос преку честици што се шират во воздухот, присуството на лице што е позитивно на ХИВ во земјата не може само по себе да се смета за закана по јавното здравје и затоа не е оправдано воведување исти рестрикции за патување или движење што би се вовеле во случај на лица инфицирани со преносливите болести како САРС или птичји грип.
Во пресудата за И.Б. против Грција, судот пресудил дека отказ на работник поради неговиот позитивен статус со ХИВ претставува дискриминација врз основа на здравствен статус и прекршување на правото на приватен живот на работникот наведувајќи: „Претпоставени или наведени предрасуди од страна на вработените не може да бидат причина за прекин на договор на работник штое ХИВ-позитивен.“
Уште е полоша ситуацијата кога поради отказот, лицето преминува во категорија граѓани што треба да плаќаат партиципација за користење здравствено осигурување или, пак, целосно го губат здравственото осигурување, што за лицата што живеат со ХИВ значи пречка во остварување на континуираниот пристап до антиретровирусна терапија што им го спасува животот.
Ова е само еден пример на многуте прекршувања на човековите права на кои се подложени лицата што живеат со ХИВ. Иако Законот за спречување и за заштита од дискриминација експлицитно го признава ХИВ-статусот како забранета основа за дискриминација, сепак за спречување на дискриминацијата и за промоција на еднаквоста потребно е многу повеќе од правни акти. Луѓето што живеат со ХИВ не се и не смее да се дозволи да бидат исклучок од универзалното право на еднаквост пред законите. Сите заслужуваат достоинствен живот без опасност да бидат дискриминирани. Борбата за еднаков третман мора да продолжи преку образованието, преку поттикнување на јавната свест, но и преку соодветно санкционирање на дискриминаторскиот третман преку институциите.
(Авторката е магистерка по Уставно право – насока Човекови права и демократија и правна советничка во Здружение Заедно посилни Скопје)