Од пасивни приматели до активни граѓани: силата на социјалното менторство во животите на корисниците на социјална помош
Недостигот од работна сила станува сѐ поголем предизвик за македонската економија. Компаниите алармираат дека нема доволно работници, додека повеќе од 90.000 лица сѐ уште се евидентирани како невработени, а уште стотици илјади се неактивни на пазарот на трудот. Истовремено, државата преку реформата на социјалната заштита и воведувањето на Гарантираната минимална помош (ГМП) во 2019 година, најави дека ќе создаде систем кој ќе ги поддржи сиромашните, но и ќе ги активира – ќе им помогне да се вклучат на пазарот на трудот и да излезат од кругот на сиромаштијата.
Шест години подоцна, прашањата остануваат отворени: дали социјалната помош навистина им помага на луѓето да станат економски независни, или ги држи заробени во систем кој ги демотивира да работат? Дали помошта е доволна за достоинствен живот? И што треба да се промени за реформата да стане двигател на вистинска активација, а не на социјална зависност?
Она што е суштинско е јасно да се направи разлика: таму каде што социјалната помош е навистина потребна – да се даде, особено за оние кои се неработоспособни; но таму каде што примателите се работоспособни – да се создадат реални можности, поддршка и стимулации за нивна активација и вклучување во економијата.
Таму каде што е потребна социјалната помош, таа треба да обезбеди сигурност. Но каде што е утврдено дека примателите се работоспособни – фокусот треба да биде на поддршка, мотивирање и вклучување. Во овој процес, социјалното менторство се покажува како клучен механизам. Станува збор за услуга која овозможува индивидуален пристап кон секој корисник и им помага на луѓето не само да ја добијат потребната поддршка, туку и да изградат капацитети за трајно излегување од сиромаштијата.
– Секоја личност има потенцијал. Понекогаш, сè што е потребно е некој да го препознае и да помогне да излезе на површина – вели социјалната менторка од „МКЦ Битола“, Ирена Туфекчиева, која работи со различни категории ранливи лица, активирајќи ги и насочувајќи ги кон пазарот на трудот.
Ова е суштината на ангажманот на социјалните ментори кои работат со лица што се приматели на социјална помош (корисници на ГМП). Социјалното менторство, како дел од пошироките напори за активација на примателите, покажува дека инвестирањето во луѓето е најсилната алатка за одржлива промена. Кога системот не само што обезбедува финансиска помош, туку и создава услови за работа, развој и личен напредок, тогаш социјалната помош станува вистински мост од социјална сигурност кон активен и достоинствен живот.
– Мојата цел е да ги поддржам луѓето да преминат од зависност од системот на социјална заштита кон поголема економска и социјална автономија – вели таа.
Туфекчиева е искусна социјална менторка која во моментов работи токму со оваа група граѓани, со цел тие да преминат од пасивна зависност од системот на социјална заштита кон активна економска и социјална улога во заедницата.
– Кај корисниците на гарантирана минимална помош, социјалното менторство оди многу подалеку од финансиската поддршка. Тоа е процес којшто им помага да ја вратат самодовербата, да ги препознаат сопствените способности и да веруваат дека можат да направат промена за себе и своето семејство – додава таа.
Менторите работат индивидуално со секој корисник, преку проценка на силните и слабите страни, поставување реални цели и обезбедување континуирана мотивациска и практична поддршка. Често, во тие процеси се препознаваат вештини што луѓето ги стекнале низ годините на преживување во сиромаштија – адаптација, снаодливост, одговорност.
– Тоа понатаму придонесува да развијат различни неформални вештини (градежништво, шиење, земјоделие, грижа за деца или стари лица), кои можеби не се формално препознаени, но имаат пазарна вредност – објаснува Туфекчиева.
За жал, вели Туфекчиева, слабите страни и предизвиците кај поголемиот дел од корисниците преовладуваат.
– Нискиот степен на образование, недостатокот на формални вештини и комуникациски вештини ги довело до долготрајна невработеност, губење на работни навики, ниска самодоверба, демотивација за вклучување на пазарот на труд и тоа дополнително придонесува кон тоа корисниците да покажуваат пасивност и зависност од системот – вели социјалната менторка.
Според искуството на Туфекчиева, отсуството на поддржувачка околина ја намалува мотивацијата кај овие луѓе и делува обесхрабрувачки. Тоа води кон пасивност и зависност од системот. Но, затоа пак, менторскиот процес кој го применува, поставување реални, конкретни, достижни и временски ограничени цели.
– Континуираната поддршка која ја добиваат од моја страна им прави чувство дека се почитувани, слушнати и разбрани и тоа им е клучен мотивирачки фактор. Од друга страна, јасно видлива придобивка од вработувањето (подобар приход, подобри услови за живот, можност за образование на децата…) исто така позитивно влијае на нивната мотивација и истрајност во вклучувањето и задржувањето на пазарот на труд.
Таа додава дека најголем предизвик останува недостатокот на самодоверба и чувството на безизлезност кај многу од овие лица:
– Мотивацијата е една од клучните сегменти на кои работам. Корисниците многу често имаат чувство дека немаат излез од својата состојба и односот којшто го градиме заснован на доверба и отвореност за нив претставува еден модел на позитивна промена која што им дава волја да веруваат дека можат да направат промена за себе и за нивните семејства. На овој начин индиректно влијаеме и врз децата, придонесуваме да се зголемуваат шансите тие да се образуваат, социјализираат и да го прекинат циклусот на сиромаштија (меѓугенерациска системска зависност).
За многу од нејзините корисници, социјалното менторство е првиот чекор кон промена.
– Низ разговори, практични совети и заеднички поставени цели, ја обновуваме нивната самодоверба и мотивација – што е клучен предуслов за активирање на пазарот на трудот- објаснува менторката.

Повеќе за успесите во активација на приматели на социјална помош кои работат со социјалната менторка Туфекчиева, на овој линк.
Доколку знаете сограѓани кои се приматели на социјална помош, споделете го прашалникот подолу со нив.

- Вертикални форми на населување на градот Велес
- Извидничкиот одред „Еквинокс Скаут“ – Штип доби општинска награда „8-ми Ноември“
- Одржливиот избор е кул – „Yes for less“ организира саем на еколошки бизниси во рамки на Skopje Design Week
- Секое утро излегувам со насмевка – оваа работа ми е егзистенција
- Ако сакаш брзо, оди сам, ако сакаш далеку – оди со некого