Воведник

Одговорни патници – важноста на искуствениот туризам и поддршка на локалното

Klimentina Ilijevski Климентина Илијевски
Климентина Илијевски, извршен директор на Паблик и уличното списание Лице в лице

По десетте дена поминати во Барселона, неколку работи ми станаа кристално јасни. Искус­тво­то што го добив во шармантното ресторанче во маалото на работ на ту­ри­стич­ка­та метропола во текот на последните три дена, не можеше да се спореди со искус­тво­то на Ла Рамбла или во која и да е друга „мравја траса“ по која поминувавме со ку­пот други туристи околу нас во текот на целата измината недела.

Ча­шка­та домашно направена ракија што ја порачавме дојде со мало мезе направено од морски плодови, варени цела ноќ во специјална маринада, рецепт на прапрабабата на сопственикот – голем, навидум нервозен, а всушност крајно исполнителен домаќин.

Лу­ѓе­то сакаат кога ќе ги пофалиш за тоа што го добиваш преку нивната работа, им зна­чи кога ќе го видат уживањето од тоа што ти го дале како можност и тогаш се отвора еден топол човечки муабет, кој ти ја пренесува вековната култура и традиција на тоа ма­ло место. А заедно со искуството дојде и една, за мене, сосема нова слика. Нашето при­сус­тво во таа мала меана, нашите оброци таму, чајот наутро што го служеа со цр­пал­ка директно од огромниот лонец од кој ѕиркаа тревки и колачите полни со мастраф и со љубов како во филмот „Како вода за чоколада“. Сето тоа за што плаќавме сума ка­ко за предјадење на Ла Рамбла, одржуваше две генерации на четири семејства со чи­е­што дружење добив најмногу од Шпанија. А токму овде, Шпанија најмногу доби и од ме­не, туристот. Не би си ги ускратила ни Миро ниту Гауди, па ни Ла Рамбла, но без ова, би се вратила со едно релативно плитко искуство.

Тоа што навистина остана со мене, е фактот дека нашата определба да поминеме до­бар дел од времето во „споредното маало“ беше директна инјекција за одржливост на ова мултигенерациско семејство. А со неа, и на деловната практика што ја имаше се­мејс­тво­то. Да набавува чај директно од тие што го набрале од планината, морските пло­до­ви директно од рибарите, а ракијата директно од казанот зад куќа, кој го полнат од сопственото парче земја со лозје што го работи семејството на другиот син.

Отка­ко го видов синџирот врз кој мојот финансиски придонес има ефект, ја разбрав го­ле­ми­на­та на важноста од искуствен туризам и поддршка на локалното, а ја согледав и сво­ја­та туристичка ноншалантност или неодговорност. 

Ста­ве­на во удобноста на класичната понуда на туроператирите, овој дел од понудата, су­штин­ска, за навистина да ја запознаеш земјата во која си отпатувал и во исто време да ѝ помогнеш на микроекономијата на локално ниво, ми остана во „слепата точка“. Ед­но­став­но, не бев свесна за неа, за можноста, за богатството на искуството што лежи та­ка, неискористено, бидејќи не знаеш за таа страна на менито на земјата. И за вли­ја­ни­е­то што сосема несвесно го правиш со своето присуство таму на системот на мали прет­при­е­ма­чи.

Не­ми­нов­но помислив на Македонија.

Се­то тоа што мене ме прави среќна, тоа што ме восхитува на местата на кои растев, или иницијативите на прекрасните луѓе што за првпат ги сретнав токму на страниците на „Лице в лице“, преку нивната одржлива активност, вклучително со таа во ту­риз­мот, се нештата од мојата земја со кои би сакала да се пофалам.

Одрж­ли­ви приказни слични на таа со шпанскиот ресторан, чиешто дејствување е извор на приход за други семејства, кои, можеби, живеат од производството на намирници што се основа на понудата на овој мал бизнис. Тоа се тие луѓе што живеат во сог­лас­ност со природата, која им е извор на егзистенција, и кои дејствуваат на еден поинаков на­чин од менаџерите во туристичките капацитети, кои најчесто имаат единствена цел – да се зголеми профитот. Во ова сценарио нема простор за свесноста за влијанието врз околината, за условите под кои работи келнерот, за можноста да се поддржат ло­кал­ни­те производители… Постои само една стерилна, бездушна слика дека профитот мо­ра да расте.

Топ­ка­та е кај нас, патниците. Искуствата ни ги прават автентичните луѓе, тие што ус­пе­а­ле да го зачуваат шмекот, миризбата и духот на географијата во која живеат со ге­не­ра­ции, тие што успеваат од локалното да направат глобално искуство за посетителот.

Тоа е искуството што патникот ќе си го земе назад во својата земја и ќе зборува за Ма­ке­до­ни­ја низ очите на Нада од Глобочица што стрпливо реди кора по кора под сачот за да направи ѓомлезе, и низ торбата на Богдан од Брчево од која ѕиркаат чаевите од нај­ви­со­ки­те делови на Јабланица, вргањ и полжави собрани по последниот дожд.

Ин­фор­ма­ци­ја­та дека нашиот оброк направен на овој начин и понуден во дворот на ку­ќа­та во која домаќините, всушност, живеат, исплатува цел синџир тешка работа, но до­не­се­на со ќеф и со знаење. И тоа само го зголемува чувството дека, конечно, ста­ну­ва­ме одговорни патници, тие што правејќи си ќеф со нови искуства и доживувања, ја кре­пат основната клетка на економијата, онаа локалната.

Напишете коментар