Одговорно претставување

Богат биодиверзитет за здрав екосистем!

ЕВН како одговорна компанија ги презема сите неопходни активности за заштита на ретките и загрозени видови птици што се гнездат или ја прелетуваат електродистрибутивната мрежа и со тоа го намалуваат на минимум ризикот од нивно гинење, но и обезбедуваат стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија за корисниците

Со напредокот на технологијата, индустријализацијата, експлоатацијата на шумите, голем број различни видови птици, за жал, се загрозени, а дел од нив се и во процес на изумирање.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Биодиверзитетот е клучна и основна компонента за одржување на животот и на природата на земјата. Сите видови живи организми и сите екосистеми се испреплетени во една мрежа на глобален екосистем и секоја мала промена и загуба на животински вид или уништување на некој екосистем може целосно да ја наруши оваа глобална мрежа.
Уништувањето на биодиверзитетот носи промени што се речиси неповратни и затоа, место обновување на биодиверзитетот, ние треба да работиме на негово зачувување.

ЕВН Македонија – заштита на биодиверзитетот како стратегиска определба

Заштитата на биолошката разновидност е стратегиска цел на политиката на ЕВН Македонија за заштита на животна средина и претставува составен дел од политиката за животна средина на групацијата ЕВН. ЕВН соработува со локални и со специјализирани граѓански организации во реализација на проекти за заштита на ретките видови птици во нашата држава.

Електрични столбови – добра алтернатива за гнездење на птиците грабливки

Смртноста на птиците на електричните водови предизвикана од електрокуција и колизија е идентификувана како еден од главните причини за загрозеност на птиците дефинирани во директивите за птици на ЕУ и во локалното законодавство. Од друга страна, електрокуцијата на птиците може да предизвика прекин во преносот на електрична енергија и на тој начин да има негативни економски последици, кои на крајот ги плаќаат потрошувачите.

Овој проблем може да се избегне доколку се применуваат низа мерки што спречуваат електрокуција и колизија на птици што претставуваат и мерки за заштита на птиците, ја зголемуваат ефикасноста на енергетските мрежи и се во корист на потрошувачите. Во многу земји, електрокуцијата е решена со изолирање на опасните делови на столбовите и напонските елементи. Многу акциски планови за заштита на птици вклучуваат енергетски оператори и граѓански организации за заштита на птици и на природата, кои заедно преземаат мерки што имаат заемна корист.

Колизијата и електрокуцијата на птиците е глобален проблем при постоење на надземна дистрибутивна мрежа, особено во предели каде што нема дрвја и столбовите служат како места за слетување на птиците. Колизијата (судир) и електрокуцијата се причина за страдањето на десетици милиони птици годишно.

Користењето на столбовите им ја олеснува потрагата по храна на птиците и во тој случај предност имаат птиците грабливки на кои столбовите им претставуваат добра алтернатива за дрвја или други повисоки објекти што би им служеле во природата.

Најголем ризик од електрокуција се случува во текот на изградбата на гнездото

Добар пример претставува белиот штрк, кој за процесот на гнездење и на хранење на младите, во недостиг на природни структури, неретко избира антропогени (вештачки) структури. Со ширење на електроенергетската мрежа, се зголемува и бројот на достапни места за гнездење. Најчесто, најголем ризик од електрокуција се случува во текот на изградбата на гнездото, а подоцна, кога гнездото е веќе изградено и опасните делови се изолирани со него, фреквенцијата на страдање е помала. Староста на штрковите е, исто така, еден од главните причинители за електрокуција. Младите, неискусни птици се едни од главните жртви. Исто така, столбовите секојдневно им служат на штрковите како место за одмор, или при миграција на големи јата, кога опасноста е поголема. Повеќе птици застануваат на столбовите и во зависност од нивната оддалеченост може да го затворат струјното коло, да предизвикаат појава на пренапон (секое повишување на напонот над највисокиот напон на опремата) и во тој случај сите присутни птици ќе настрадаат.

Заштита на потенцијално загрозените гнезда на штркови

Сѐ повеќе штркови ги градат своите гнезда на електричните столбови. Со тоа се изложуваат себеси, како и своите млади, на смртна опасност. Делови од гнездото често ги допираат спроводниците на столбот и во услови на дожд, допрените гранчиња може да предизвикаат краток спој и како резултат на тоа, гнездото и неговите жители би можеле да настрадаат од електричен удар.

Затоа, пред десетина години ЕВН почна да работи на заштита на потенцијално загрозените гнезда на штркови со преземање превентивни активности.

Прво, во области населени со заштитени видови птици се почнува со прелиминарна идентификација на столбовите, кои, според својот дизајн, претставуваат потенцијално место за електрокуција. Понатаму, се преземаат конкретни мерки за спречување електрокуција. Техничкото решение е едноставно – под гнездото се инсталира платформа. Таа го издигнува гнездото и го спречува идниот контакт меѓу висечките гранчиња и каблите.

Платформата мора да биде со иста големина колку и гнездото, а изработена е од цврст, издржлив материјал. Според искуството, цинкуваното железо се покажа како најдобра солуција. На почетокот, се идентификуваа ризични гнезда што се наоѓаа во регионот на Овче Поле и првите платформи се поставија на оваа локација. Монтажата на платформите ја прават вработените од ЕВН. Тие се искачуваат на столбовите со гнезда и првично ги отстрануваат. Потоа, на врвот на столбот се монтира платформата и на крај гнездото повторно се враќа на платформата.

Прелиминарна идентификација на високоризичните столбови

Заменувањето на гнездата на електричните водови, исто така, помага да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија. Врз основа на досегашното искуство од инсталирање платформи за штркови, придобивката е заемна, и во насока на заштита на штрковите и во насока на намалување на дефекти на мрежата предизвикани од гнездата на електричните водови.

Дрвени куќарки за модрите врани

ЕВН го реализираше проектот за поставување дрвени куќарки за редок вид птици модри врани (Coracias garrulus) во регионот на Овче Поле.

Исто така, за овој редок вид птица се поставени дрвени куќарки и на неколку средно и нисконапонски далноводи на потегот Ново Село и село Брест, населба Дамјан, потегот полиња во село Дамјан кон регионален пат Штип – Струмица, како идентификувани локации содржани во акцискиот план на рудникот Боров Дол.

Ваквиот чекор ќе помогне да се надминат основните причини за загуба на биолошката разновидност или евентуалните промени во гнездечките територии на птиците.
ЕВН Македонија го реализира и проектот за заштита на египетскиот мршојадец и за заштита и намалување на смртноста на ретките видови птици од струен удар (царскиот орел, египетскиот мршојадец, степската ветрушка, модрата врана, штрковите и други), кој ги опфаќа јадранските прелетни патишта. Проектите опфаќаат: мониторинг, идентификување и поставување изолатори за заштита од електрокуција на потенцијално опасни сегменти од ниско напонската и од среднонапонската мрежа.

Проектите се реализираат во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД).

Заштита на царскиот орел

Во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД) и граѓанската организација АКВИЛА се спроведе проект за заштита на царски орел во регионот Овче Поле, кој во последните години покажува загрижувачки висок степен на морталитет.

Заштитната изолација е специјален пластичен производ инсталирани на врвот на електричниот столб, кој ги покрива деловите на спроводниците од двете страни на столбот. Овој уред е направен од изолациски материјал со цел да се заштитат птиците од напонот што може да настане како резултат на истовремениот контакт на птиците со спроводниците и со заземјениот дел на столбот.

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар