Лице в лице тема, Магазин

Нова туристичка реалност: пештери, летање, истражување

Знаете ли зошто птиците пеат цело време? Затоа што им е убаво кога летаат, затоа што се слободни. Тоа чувство горе, тие перспективи се поинакви од сѐ што доживуваме секојдневно- вели Љубомир Нетков од „ZeroGravity“,  здружение што нуди летови со параглајдер во тандем низ Македонија. Летовите не се наменети само за зависници од адреналин што сакаат да добијат доза од небото. Тие се можност и за секој турист да се вивне во воздух, да добие адреналинско напојување

Фотографии:Mustseedonia, Scout Camp, SharOutdoors, Бојан Шашевски

Сфаќањето за убавините на земјата се изменија со пандемијата, кога граѓаните беа принудени да тераат одмор во границите на Македонија. Домашни туристи и авантуристи не само што тргнаа  да откриваат нови локации, туку почнаа и да ги реосмислуваат своите навики и планови за патување – активен и авантуристички одмор, место класично лежење на плажа со цел арсенал од кремови и масла против УВ-зрачење. Тоа што домашните организации го нудат како тури, како доживување, веќе е станато туристичка реалност.

Едрење и истражување на дното од Охридско Езеро

Искуствата од изминативе години ми покажаа дека планините нудат велосипедизам, планинарење и јавање коњи, кампување во природа место во бучава, додека езерата – рекреација на вода. Истовремено, автентичните македонски предели се задолжителна станица за тие што сакаат да комбинираат активен и културен туризам.

Можеби, најдобро е да почнам со Охридско Езеро, поим за туристички центар под капата на УНЕСКО. Хотелите и плажите се едно, но кампувањето овде е сосема друга димензија за патниците. Следејќи ги примерите од поразвиените туристички дестинации, факт е дека сѐ повеќе локални жители се ориентираат кон активен туризам, што сега важи и за обновениот „Scout Camp“, кој им нуди на гостите активен одмор.

– Значи, тоа што кај нас сѐ уште важи за некаква практика – доаѓаш на одмор, добиваш соба, лежиш по цел ден, или си на плажа – тоа е веќе надминат концепт во светски рамки – вели Никола Кукунеш, менаџер на „Scout Camp“ од Струга.

Кукунеш некои го знаат како професор по македонски јазик и литература, преведувач и вљубеник во фотографијата. Но, Кукунеш на пролет и во лето ќе го најдете токму во кампот. Тој е растрчан наоколу, ангажиран за планинарски тури по Јабланица, велосипедски тури по охридското крајбрежје, или за кајакарење по Дрим со спортски кајаци.

Сето тоа додека гостите се легнати во шатор под сенка, или во куќичките на дрво, додека птиците од старите борови го усовршуваат репертоарот. Тука сѐ е мирно. Некој чита книга во хамок, друг го паркира изнајмениот велосипед враќајќи се од пазарот на Струга. Има гости од сите делови на Македонија, има и странци. Туристи дојдени за неколку денови активен одмор или за кампување во извиднички амбиент. За сите по нешто.

– Нуркањето е, исто така, забавно. Постојат курсеви за почетници, но и за напредни нуркачи. Организирани со инструктори со сертификат според меѓународни стандарди. Се нурка на неколку убави локации, претежно на струшката страна. Незаборавно искуство! – посочува Кукунеш.

Летото, вели тој, може да се искористи и за едрење по езеро со неколку видови едрилици, во зависност од бројот на пријавени луѓе. Понатаму, за возење со глисер, брод за до 12 луѓе, а може и за летање со параглајдер. Некои бараат и летање со балон.

– Не е поентата само да го доведеш гостинот до објектот и да му изнајмиш легло, туку да му понудиш активност за престојот. Ги едуцираме домашните туристи за тоа како изгледа поинаков вид туризам. Сакате езеро или планина, можностите се огромни – посочува Кукунеш.

Возење електричен велосипед и јавање коњ на Шара 

Дека времето поминато во природа е време на ментално отпуштање и телесна релаксација покажуваат искуствата на „SharOutdoors“. Ова е тим луѓе со идеја за еколошко и одржливо користење на природните ресурси. Независно дали се тоа зимски тури, или летни доживувања, желбата е да им се покаже на туристите да пробаат и истражат нешто поинакво. Луѓето првично се концентрирани на Шар Планина, иако работат на територија на цела Македонија. Како оригинална летна туристички услуга се посочува возењето електрични велосипеди на Шапка. Најпопуларна е турата во Долна Лешница.

-Тоа е планински пат, кој поминува низ најубавите предели низ Шар Планина. Попатно се посетува бачило, се дегустира традиционално овчо сирење, се оди до Долна Лешница, каде што има кратка пауза. Си правиме кафенце, и потоа до кадите на реката Кривошија. Таму има убав водопад, кој паѓа во карпа внатре во пештера – раскажува Методи Чилиманов, менаџер на „SharOutdoors“.

Оваа велосипедска тура поминува низ селата Бозовце, Вешала, Бродец… Долга е околу 40 километри, со траење од шест часа. Е-велосипедите може да ги вози кој било човек, без разлика дали е физички подготвен.

-Можеме да комбинираме и семејства. На пример, можеби само мајката е фит, а децата и таткото не се толку фит. Понатаму, поголеми друштва, кои се делумно спортски активни. Буквално ги изедначуваме разликите меѓу луѓето, за заедно да бидат активни – објаснува Чилиманов. 
Има можност и за комбинации на е-велосипеди со планинарење. Може и со јавање коњи, во соработка со бачилото и со биофармата „1 Мај“. Овде еден од објектите е изграден со забетонирани дрвени трупци, а шумската летна идила ја даваат дрвените клупи и маси со поглед кон стотици зелени елки и борови на пределот Јелак. Домаќините ќе понудат препознатливи млечни производи, изразено жолт качамак и домашно меко лепче со крцкава кора.


Турата со коњи се прави во зависност од тоа колку луѓето сакаат да јаваат. Два-три часа, најчесто околу Попова Шапка, во правец до шипковички бачила и, генерално, низ планински предел. Малку шума, повеќе отворена планина. Едноставен терен за јавање.

-Се јава во група со водичи напред и одзади бидејќи треба да се контролира движењето на коњите, сепак се живи суштества што реагираат на различни дразби. Има разлика меѓу коњи и велосипеди. На велосипедот му кажуваш „оди лево“, но коњот некогаш решава сам каде да оди – низ смеа раскажува Чилиманов.

Има можност и за тури во Охридскиот регион и заедно со партнерите нудат одмор за еден ден или викенд. Да возиш е-велосипед околу Велестово, да стигнеш до плажата „Куба либре“, па потоа попладнето да пробаш вејвборд и вејвсурф.
-Глисер може да влече човек по вода, може и да прави бран. Односно, да сурфаш на бран зад глисерот – објаснува Чилиманов.

Искачување по карпи во Демир Капија или во Бислимска Клисура

Искачувањето по карпи не е само за професионалци. Напротив. Таканареченото „топ роуп качување“ значи дека јажето е веќе поставено горе, на специјални „котви“. Водич или инструктор само го собира јажето, со што помага секој да се симне или искачи. Така е безбедно од евентуален пад.

-Ова сме го правеле како активност на Матка и во Демир Капија. Најчесто за странски клиенти, ама сме организирале и тимбилдинг од овој тип. На пример, се поставуваат три насоки за качување, еднадодруга, ги делиме луѓето на различни тимови, па водиме евиденција и мериме време – вели Чилиманов.

Можеби најдобар локалитет за искачување е тој во Демир Капија. Клисурата е долга 19 километри, со карпи што се извишуваат до 1.000 метри надморска височина, па е вистински рај за планинарска рекреација. Тие што нудат тури, нудат доживување за луѓе што сакаат брз адреналински шок, без или со претходно искуство. На пример, качување горе со „топ роуп“ и потоа до пештера, за на крајот, ако имате среќа, да видите и некој од ретките белоглави орли. На крајот на денот, може и да се дегустираат македонски вина во прочуените демиркаписки винарии.

Во последно време и Бислимска Клисура станува атрактивна. Клисурата е во карпи и на некои места личи на кањон. Локалитетот се наоѓа на девет километри од Куманово на крајот од селото Пчиња. Направени се многу нови насоки за качување. Посетителите можат да се запознаат со потенцијалот во спортско-качувачка смисла, но и тандем кајак, велосипедизам и алпинизам. Пределот отвора потенцијал за различен  вид туризам и поради големиот број пештери, ендемски видови растенија и животински свет.

Авантури на кањон Камник

Оние авантуристи што сакаат карпи во уметнички извајана природа, треба да отидат на еднодневна посета на кањонот Камник, близу до Штип. Некои го нарекуваат и „македонскиот Колорадо“, неоткриено богатство во подножјето на Плачковица. На пет километри од селото Радање, во утробата на кањонот, забележувате уникатни форми на тесни премини и високи камени ѕидови. Камник е, можеби, еден од најпретставителните мали, релативно плитки кањони, создаден во долината на Радањска Река, поточно притоката Кошевска Река. Самата долина на Радањска Река е специфична поради огромното количество наносен материјал, многубројните плавини, камења и блокови натрупани кон дното на долината. 

Екскурзијата се претвора во авантури како тие на Индијана Џонс. Прескокнувате од камен на камен, преку река, од една на друга страна. Најважно од сѐ, наоколу се одушевувате од недопрена и неискомерцијализирана природа. Попатно ќе сретнете и мини-водопади! Адреналинското доживување за најистрајните ќе потрае и неколку часови, 1,5 километар. 

Доживувањето може да продолжи и преку кањонот до врвот Камник (876 м) од кој се протега одличен видик, особено кон север и кон запад. Во близина се наоѓа и археолошкиот локалитет Баргала.

Лесновски вулкански приказни

Вулкански бомби-топки, воденични пештерски камења, Лесновскиот манастир и разни геоморфолошки структури се обележје за регионот на село Лесново. Активноста на тамошниот вулкан згаснала пред 20-ина милиони години, но лесновскиот кратер е еден од најсочуваните во регионот. Вулканот и неговите остатоци сѐ уште живеат во симбиоза со локалното население. Функционираат заедно. Оттука и идејата што кружи изминативе години да се оформи првиот геопарк во Македонија – спој на геовредности и на културна уникатност.

Главниот центар на вулканската активност бил Илински Врв, висок 1.140 метри. Таму се исфрлало најголемо количество лава. Функционирал со фази на мирување околу 10 милиони години. И околу целата структура се создадени помали вулкански жаришта. Волујак, Драч, па сѐ до патот што води западно од Злетово. Злетовска Река, од другата страна, е всечена во тие карпи, па формирала клисура. Долу има и своевидно кањонче. Горе сино небо и свеж воздух. Сето тоа е уникатно и како појава, и како забава за туристите. 

– Тоа што е важно за овој простор е соживотот со вулканските структури, обработката на камењата. Се ваделе од карпите, се носеле и до Солун и подалеку. Работата била макотрпна, но луѓе долго време опстојувале и живееле на тој начин – ќе каже професорот Ивица Милевски, доктор по географски науки при Институтот за географија.

Тоа за што ќе ве поучи Милевски се пештерите. Во клисурата се издлабени 30-40 пештери. Дел се навистина големи. Некои од карпите се кршени од луѓето низ стотици години, други имаат специфични формации, па се сметале и за свети места.

Во Лесново живеат 15-20 луѓе. Тоа може да се препознае по малиот број оџаци што чадат низ селото. Повеќе луѓе ќе забележите за време на викенди, за екскурзии, колонии или кога поминуваат и преспиваат разни туристи, авантуристи, светски патници… Селото е отворено за сите. Дава позитивно напојување и за викендаши и за тие што барем еден ден ќе избегаат од затруен бетонски град. Секако, посетителите би се зголемувале со отворање повеќе места за преспивање.

Тетка Весна е моторот на угостителството во селото. Има неверојатна енергија. Како навиена е со муабети. Ако седнете во „Етно Лесново“ ќе ви каже за производство на зелка со капка по капка. Од овошје има шипка, трнинка, дива јаболка. Тука ништо не е прскано. Подготвува слатко од тиква, дива смоква од пештерите, рибизла, капина…

– Некои прават ракија, други сокови. Храната е чиста бидејќи и надморската височина е 888 метри. Зимите се прекрасни. Луѓето што се враќаат тука си произведуваат и грашок, исто и компири. Од сѐ по малку. Тука малку е родот. Ние немаме поле, но имаме пештери. Секоја фамилија се знае од каде ќе го вади воденичниот камен – вели таа.

Параглајдерство – лет во слобода

Можеби митскиот летач Икар со сите варијанти на крилја не успеа докрај во потфатот да се ослободи од стегите на ропството. Сепак, човековата битка против мистериозните гравитациски сили е добиена пред стотици години. Летовите на балоните, змејовите, хеликоптерите, авионите го означија почетокот на крајот на цивилизациските напори, конечно, да се одвоиме од постојаното чмаење на земја. На сигурна почва.  Ако e посигурно да стоиш во место, отколку да се обидеш да полеташ, да се придвижиш, тогаш си станал имун кон природната потреба за опстанок. Оттука и параглајдерството е продолжение на таа тенденција на човекот да биде слободен.

-Знаете ли зошто птиците пеат цело време? Затоа што им е убаво кога летаат, затоа што се слободни. Тоа чувство горе, тие перспективи се поинакви од сѐ што доживуваме секојдневно – вели Љубомир Нетков од „ZeroGravity“, кои нудат летови со параглајдер во тандем низ Македонија. 

Летовите не се наменети само за зависници од адреналин што сакаат да добијат доза од небото. Тие се можност и за секој турист да се вивне во воздух, да добие адреналинско напојување. Патување како низ сон, додека под нозете целиот предел станува минијатура. Вашите чевли се високо над шумите, или колективните објекти, покриви и градски транспортни текови.

Ако летате, за спомен, ќе си добиете фотографии или видео од камера „гоу про“. На пример, од Водно како летате од кај крстот, а има уште едно место што е малку накај исток, кое летачите го викаат Кота. Од Скопска Црна Гора е повеќе лет на јужна страна.

-Во Крушево од Мечкин Камен, а Охрид за тандеми се лета од Галичица. Најдостапно место е превалецот од кај Трпејца кон Отешево. Тоа е најлесен, најдостапен старт на самиот асфалт. Додека надвор oд патот со џипови има едно место над Велестово, не кон Охрид, туку кон Преспа. И, имаме уште едно место кое е на Јабланица, од спроти, Тришилка. Таму се лета од Јабланица кон хотелот „Изгрев“ – објаснува Нетков, дел и од аероклубот „Скопје“.

Самоводечки тури во Мариово

Регионот Мариово не е познат само по Итар Пејо, селанецот со извонредна снаодливост и со духовит начин за соочување со незнаењето, мрзливоста и ароганцијата на луѓето. Мариово е избор и за полнење на батериите и за прошетка во природа. Со густина на население од помалку од четири жители на еден квадратен километар, Мариово за пандемијата беше идеално за физичко дистанцирање и, уште поважно, подобрување на имунитетот и на менталното здравјe. 

Неодамна се запознав со проектот „Рурална авантура“ на здружението „Off Road Macedonia“. Преку самоводечки тури, сега имате можност да поминете еден-два дена со своите најблиски во Мариово, со мобилниот во рака како ваш водич.

Јове Парковски од „Off Road Macedonia“ објаснува дека се направени содржини за 35 локации во битолскиот дел на Мариово, под Општина Новаци. Апликацијата што се користи за самоводечките тури е преведена на македонски, англиски, француски, германски, како и на знаковен јазик.

-Следен чекор беше создавање аудионарации, кои збогатени со квалитетни фотографии, 360 степени виртуелни прошетки и видеа, ќе послужат за подобра промоција на регионот и за обезбедување повеќе информации за посетителите – објаснува тој.

Четири од ваквите тури се пешачки, а две велосипедски, што водат во селата Будимирци, Градешница, Градешка Река, до тврдината Пешка, до манастири и цркви… Ако застанеш со велосипедот покрај црквата „Св. Димитрие“, ќе дознаеш дека потекнува од 14 век, нејзината приказна. Потоа, што се случило со локалниот мост, зошто е важно Добро Поле…

„Off Road Macedonia“, меѓу другото, нуди и т.н. „guided tours“. Најмногу се бара токму Добро Поле. Со тамошната битка, вели Парговски, практично завршила Првата светска војна. Друга локација е реката Белица, каде што можеш да пиеш вода како Индијанец. Недопрена природа, нема никакво загадување, можеби поминува само еден човек месечно.

Комбинации од културни тури и активен туризам

„Не слушај приказни, раскажи ги“ е мотото на организацијата „Еxplorer“ што моментно е впуштена во проектот „Cross border biking“. На територијата на Националниот парк „Маврово“ работат на прекугранична соработка со Албанија за да овозможат лесен пристап од една на друга страна со велосипеди по уредени патеки.

Тие работат и тури за едрење, кајакарење, јавање коњи, со џипови, брод… Главно се фокусирани на охридскиот регион, но Димитри Димитров од „Еxplorer“ посочува и дека низ цела Македонија се развива потребата за комбинација од ваков активен туризам и културни тури. Можеби во комбинација со посета на беровскиот крај или Малешевијата. Потоа посета на галеријата на Мартиноски во Крушево, на куќата на Петре М.Андреевски во Слоештица, или на музејот „Д-р Никола Незлобински“, Спомен-куќата на браќата Миладиновци…

Според Димитров, веќе се развиваат и сместувачките капацитети во селата. Веќе и луѓето гледаат дека постои начин за заработка и за добар живот доколку се посветат на тие активности, а вие истовремено добивате убаво доживување.

-Би го издвоил како искуство – посетата на семејните куќи. Гостите имаат можност да си разговараат, вечераат, да споделат искуство за животот, традицијата, економијата, на различни теми со домаќините. Не сум противник на хотели, меѓутоа сметам дека тоа е доживеано. Семејните куќи го надградуваат целиот туристички продукт, a гостите си одат дома задоволни. Бројот на вакви семејни куќи треба да расте. Не само во мавровскиот, шарпланинскиот и во централниот дел на Македонија, туку и во истокот на Македонија во скоро време да размислуваат на вакви капацитети – вели Димитров.

Додека разговараме по телефон, тој со семејството е во наколното живеалиште во Охрид – Заливот на Коските.

-Ова е вистински магнет за туристи. Со вакви идеи, со вакви примери може дополнително да се развиваат сите продукти, било да се од културен или од активниот туризам – вели тој.

Александар Донев од „Mustseedonia“, пак, потсетува на Виа Динарика. Овој авантуристички коридор ги поврзува сите земји од западен Балкан, од Словенија до Македонија. Овој дел почнува од Косово, преку Љуботен и завршува во Охрид, што е македонската западна трансверзала. Целта е да се привлече платформа што работи на промоција и на развој на авантуристички туризам со акцент на локалните заедници. -Во зависност од местото, некаде е поразвиен, некаде не. Кај нас, пример во НП „Маврово“ е поразвиен бидејќи постојат села како Лазарополе, Галичник, Гари. Постојат места каде што можеш да престојуваш, во фамилијарни сместувачки капацитети, независно дали се тоа хостели, апартмани што се издаваат, места со убава традиционална храна. Може да молзеш кози, да научиш како се прави сирење, да видиш нешто од традициите што ги имаат локалните заедници – посочува Донев.
Информации за сместувачки капацитети  и активности на одредени локации нуди и платформата Kajak.mk.

Споделете со нас кои се вашите омилени активности во текот на оваа сезона. Пишете ни за интересно место, активност, искуство, а ние ќе објавиме на социјалните мрежи

Напишете коментар