Генерација Z, Зелена република, Магазин

Секој дом треба да има катче за селекција на отпад

Селектирањето нѐ тера да размислуваме посериозно за количината ѓубре што ја создаваме и за тоа каде завршува. Нашата крајна цел не е само да поттикнеме селектирање, туку и да ја намалиме на минимум количината отпад што ја создаваме

Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме е правилното управување на комуналниот отпад. Првиот чекор е примарната селекција на отпадот, која треба да почне од местата каде што се создава – нашиот дом, канцеларија… Селектирањето е од есенцијална важност и претставува предуслов за рециклирањето или реупотребата на отпадните материјали.

Увезуваме отпадна пластика затоа што нашата не е селектирана

Иако процесот на селекција е веќе почнат и постои мрежа на контејнери за селектиран отпад, која се надградува, сепак количината собран селектиран отпад е на незавидно ниво во однос на количината ѓубре што го создаваме. Собраната количина селектиран пластичен отпад во државата е минимална, 1,4 процент од вкупниот собран отпад во една година. Во најголем дел е собрана поради вклучување на колективните постапувачи и неформалниот сектор – индивидуални собирачи. Во такви услови, правните лица што вршат третман и преработка (инсталациите за рециклирање), за да обезбедат ефикасно работење, треба да увезуваат отпад.

Значи, и покрај тоа што сме сведоци на безброј диви депонии што ја загрозуваат нашата животна средина, иронично, се јавува потребата од увоз на отпадна пластика од странство затоа што нашата отпадна пластика не е селектирана.

Селектирањето не е за џабе!

Мотивирани од овој проблем, во рамки на програмата за социјално претприемаштво на „Арно“, „RISE Journey“, како млади луѓе решивме да се вклучиме во процесот на примарна селекција на отпад преку создавање локална зелена препознатлива марка, која ќе нуди производи за селекција на отпадот во домот (Cleo – Green solutions), односно ќе им помогне на граѓаните во организирање на просторот за селекција во нивниот дом и во канцеларијата. Дизајниравме торби и канти за селекција на отпад во кои отпадните материјали ќе бидат поделени на начин што одговара на постојната мрежа на контејнери поставена од „Пакомак“ и од локалните комунални претпријатија.  Главната цел на нашиот ангажман е поедноставување на процесот на селекција за да се вклучат што повеќе граѓани. Идејата е дека во секој дом, без разлика на неговата големина, треба да постои организирано катче за селекција на отпад, кое ќе се состои од посебна канта и / или торба во која ќе се складира отпадот. Нашите торби имаат делови за организација на различните отпадни материјали за да можат полесно да се однесат до соодветниот контејнер, со оглед на тоа дека секој од нас за да стигне до различните типови контејнери за селектиран отпад (пластика / метал, стакло, хартија / композит, електронски отпад), треба да помине одредено растојание носејќи го отпадот со себе.

Бидејќи кај нас не е воспоставен систем на регионално управување на отпадот, постои мит дека селектираниот отпад завршува на истото место со мешовитиот отпад и дека селектирањето е за џабе. Но, тоа не е така. Отпадот што е селектиран во соодветните контејнери се собира од оператори со отпад и се транспортира до фабрики за рециклирање. На пример, ПЕТ-пластиката се откупува од компании што се занимаваат со преработка на отпад, каде што во специјални постројки се дели по боја, се сепарираат другите присутни материјали, метали или други типови пластика, потоа се мие, суши, сечка и дроби на многу мали парчиња. Со разни процеси се отстрануваат остатоците од лепак, хартиени етикети, храна и сл. Овие парчиња се топат и од нив се добива ПЕТ (ре)гранулат, кој се пакува и се повторно се користи како суровина за производство на нови предмети или амбалажа.

Линеарната економија е генератор на отпад!

Селектирањето има и една многу значајна нуспојава: нѐ тера да размислуваме посериозно за количината отпад што ја создаваме и каде завршува тој. Нашата крајна цел, всушност, не е само да поттикнеме селектирање, туку и да ја намалиме на минимум на количината што ја создаваме.  Вината за енормните количества отпад што ги создаваме не е само наша, на граѓаните. Се наоѓаме во ситуација каде што речиси не можеме да ги купиме најосновните намирници, храна и производи за хигиена, без да купиме и купишта пластична амбалажа.

Дали, навистина, нештата што се за еднa употреба треба да ги пакуваме во најтрајните материјали што постојат? Светската линеарна економија, која се базира на постојан пораст и квантитет, во спрега со врвно развиените маркетиншки шеми, се стреми да пласира на пазарот што повеќе производи за една сезона – облека, електроника, козметика, па затоа е генератор за создавање огромни количества отпад. Како излез од таа ситуација, сѐ повеќе се популаризира концептот за циркуларна економија, која цели кон елиминирање на отпадот бидејќи го гледа како ресурс што повторно ќе влезе во производствениот процес.

Ни треба порационален пристап кон животната средина!

Ние како поединци не можеме преку ноќ да ја смениме светската економија, но можеме да направиме одредени промени во сопственото однесување, па од безгрижноста на консумеризмот, да транзитираме кон порационален и поодговорен пристап кон животната средина и ограничените природни ресурси. Тоа што можеме да го направиме веднаш е да не купуваме предмети од кои немаме реална потреба, да селектираме отпад, да ги реупотребуваме предметите и нивната амбалажа, да избегнуваме производи и амбалажа за една употреба, да купуваме  производи на мерење – без амбалажа, да купуваме локални производи и да ги поддржиме сите напори и иницијативи за заштита и за зачувување на природата во рамките на нашата локална заедница. 

(Авторката Мила Рориќ е архитектка од Битола,  заинтересирана за односот меѓу изградената средина и природата. Акцијата за поттикнување примарна селекција на отпад е заедничка иницијатива со архитектот Дејан Томски)

Напишете коментар