Отворен град го засилува гласот на граѓаните
Концептот се очекува да ја поттикне конструктивната соработка на локалната власт со жителите за обезбедување подобри јавни услуги и да го унапреди користењето на отворените податоци со цел решавање на проблемите во локалната заедница
Марија Николоска Арсовска
Објавување податоци што се значајни за граѓаните, како финансиските податоци, податоци за животната средина – загаденост на воздухот, зелени површини, води, урбанистички податоци – за граѓанското учество во донесувањето на урбанистичките планови, реконструкција на улици, велосипедски патеки, за јавниот превоз и други, се обврска што треба да ја имаат градовите. Граѓаните треба да имаат и можност да ги искористат овие податоци за да можат подобро да ги разберат локалните проблеми, соодветно да ги адресираат или да можат да соработуваат за да ги решат. Членовите на заедницата можат да ги користат отворените податоци за да создадат нови информации, производи и услуги што решаваат некој локален проблем, да лобираат кај градоначалникот и советот за донесување нова политика и измени во одредени процеси што ќе го подобрат квалитет на нивното живеење.
Голем број граѓани не можат целосно да учествуваат во градењето локална политика и во донесувањето значајни одлуки. Поради ова, распределбата на јавните ресурси и испораката на јавни услуги често не ги одразува потребите на сите заедници во градовите.
Подобрувањето на транспарентноста, отчетот и партиципативноста во работењето на градовите, пак, е од особена важност за унапредување на доброто владеење на локално ниво. Локалните власти треба да им овозможат на граѓаните поголем пристап до информации, технологија и партиципативно работење со цел демонстрирање култура на одговорност, чесност и на соработка.
Концептот „Отворен град“ се стреми да ги трансформира градовите во потранспарентни, отворени и подостапни организации, кои се во постојан контакт со граѓаните и континуирано работат кон исполнување на нивните потреби.
Секоја земја треба да има општини што тежнеат кон иновативност, инклузивност и ефективно остварување резултати. Градењето вакви општини бара лидерство, планирање и соработка со граѓаните, за развој и испорака на ефикасни јавни програми, услуги и политика.
Австрискиот град Виена е еден од пионерите во Европа во спроведување на овој концепт и уште од 2011 година активно работи на неговото спроведување. Виена и Центарот за истражување во јавната администрација (KDZ) имаат развиено модел на спроведување на иницијативата за отворено владеење на локално ниво и во центарот на иницијативата ги имаат поставено отворените податоци што ги продуцира градот. Транспарентноста, отвореноста и учеството се водечките принципи во спроведување активности во градот. Овие таканаречени „виенски принципи“ се поддржани со употреба на модерна информациска и комуникациска технологија.
Ниско ниво на посветеност на општините на исполнување на стандардите за отвореност
Според мерењето за 2019 година на Индексот на отвореност, кој го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“, општините во земјава исполнуваат 25 проценти од индикаторите за отвореност, што е речиси непроменета состојба од 2018 година, кога мерењето покажа 24 проценти исполнетост. Во споредба со законодавната, извршната и судската власт, локалната власт покажува најниски оценки на отвореност. Во споредба со регионот, општините во земјава се на последното место. Оваа оцена покажува ниско ниво на ангажираност и на посветеност на општините за исполнување на стандардите за отвореност. Според овие резултати, локалните власти мора да преземат сериозни чекори за подобрување на транспарентното работење, кое треба да го темелат на отворени податоци и информации, да имаат јасни процедури за партиципативно донесување одлуки, како и јасни процедури за добивање јавни услуги. Тие треба да работат со давање отчет и да презентираат како ги искористиле јавните пари што им биле на располагање и на кој начин го подобриле животот на граѓаните.
Во општините во нашата земја не недостигаат успешни приказни на отвореност, соработка со граѓанскиот сектор и вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Напротив, кај дел од општините може да се идентификуваат корисни и интересни алатки. Но, недостига нивна одржливост. Ова е голем недостиг бидејќи само нивната континуирана примена може да предизвика суштинско и долгорочно подобрување на животот во локалните заедници.
Концептот „Отворен град“ се очекува да ја поттикне конструктивната соработка на локалната власт со граѓаните за обезбедување подобри јавни услуги и да го унапреди користењето на отворените податоци со цел решавање на проблемите во локалните заедници.
Промовирање култура на отвореност и на партнерство во работењето на општините
Воведувањето на овој концепт би го унапредило работењето на градовите преку создавање подемократска култура на отвореност и на партнерство со сите што имаат придонес во работењето и во создавањето подобра иднина во градовите: жителите, организациите во заедницата, градската администрација, творците на политика и меѓународните партнери.
Отворениот град е град, чиишто цели се усогласени со целите и со потребите на жителите, кои, пак, се партнери што се консултирани во процесот на дефинирање на целите на градот. Вклучувањето на граѓаните и на граѓанските организации во овие процеси е од најголемо значење за сите страни. Кога луѓето учествуваат, тие можат да предложат подобри решенија и да влијаат на позитивните резултати.
Пристапот до информации и до отворени податоци се наоѓа во основата на овој концепт. За да можат граѓаните да ги почувствуваат придобивките од отворените податоци, градовите треба да прават многу повеќе од тоа само да ги отворат податоците што ги имаат. Градските власти треба заеднички да работат со граѓаните и да ги користат отворените податоци за решавање на локалните проблеми и предизвици. Иницијативата „Отворен град“ треба да им ги олесни можностите на членовите на локалните заедници да користат отворени податоци со цел подобрување на квалитетот на живеење. Градењето успешни програми и политика за отворени податоци е невозможно без вклучување на членовите на заедницата во процесот.
Значајни фактори за успешно спроведување на концептот „Отворен град“
Со цел успешно и континуирано спроведување на концептот „Отворен град“, значајно е граѓаните не само да имаат пристап до податоците од отворен карактер, туку и да можат да разберат како овие податоци се поврзани со нивните потреби и проблеми.
Тие треба подобро да ги разберат своите права за пристап и користење на општинските и на владините информации. Програмите и политиката за отворени податоци и законите за слободен пристап до информации мора да бидат придружени со мерки за засилување на капацитетот на граѓаните да ги користат информациите што им се достапни за да може ваквите иницијативи да придонесат во подобрувањето на работењето на градовите и во испораката на услуги.
Додека многу градови сè уште се соочуваат со предизвици во споделувањето отворени податоци што се достапни и корисни, иднината на отворените податоци е во искористувањето на нивниот потенцијал за подобрување на соработката и за засилувањето на гласот на граѓаните.
Исто така, потребно е и унапредување на капацитетите на локалната администрација за подобрување на отвореноста во нивното работење и унапредување на капацитетите на локалните граѓански организации за да работат со општините и со граѓаните за да помогнат во засилувањето на соработката и на давањето услуги.
Спроведувањето на концептот „Отворен град“, како и секој чекор за подобрување на заедницата, не треба да е еднократна работа. Да се направи локалната заедница подобро место за живеење треба време, напор и континуирано внимание.
Развојот на отворена политика и примената на принципите на отвореност ќе обезбеди потребите на жителите да се рефлектираат во одлуките на градовите генерирајќи поинклузивен пристап за подобрување на условите за живот на граѓаните. Ова ќе поттикне иновативни решенија за намалување на трошоците на градот на краток рок и унапредување на довербата и на легитимноста и засилување на доброто управување и на демократијата на долг рок.
(Авторката е координатор на иницијативата „Отворен град“ во рамки на Проектот за граѓанско учество имплементиран од страна на Фондацијата „Метаморгфозис“)