Почвата во Македонија е плодна, но секојдневно ја униптуваме со отрови
Со неодговорно и неетичко земјоделство ја осиромашуваме почвата, која ни ги дава сите потребни витамини и минерали преку овошјето и зеленчукот. Користењето на вештачките ѓубрива (азотен оксид) во земјоделството придонесува за загадувањето на почвата, водата и на воздухот, односно еден килограм азотен оксид предизвикува штета како 298 килограми јаглероден диоксид
Можеме ли да ставиме крај на гладот и на сиромаштијата, да ги спречиме климатските промени или, пак, да обезбедиме одговорно и одржливо производствово до 2030 година?
Владите во светот мислат дека можеме, но потребни се сериозни мерки за да се оствари тоа. Мајкл Грин, стручњак за социјален напредок, нè повикува сите нас, индивидуалците и компаниите, да размислиме како да ги оствариме целите за одржлив развој на Обединетите нации. Индивидуалната и колективната свест за преземање мерки полека се буди, но, сепак, се чини дека на човештвото му е потребен еден сериозен аларм, кој дополнително ќе го освести за последиците што допрва нѐ чекаат.
Пред извесно време се појави застрашувачка слика, која покажува како со неодговорно и неетичко земјоделство ја уништуваме и осиромашуваме почвата, која ни ги дава сите потребни витамини и минерали преку овошјето и зеленчукот. Воедно, користењето на вештачките ѓубрива (азотен оксид) во земјоделството придонесува за загадувањето на почвата, водата и на воздухот, односно еден килограм азотен оксид предизвикува штета како 298 килограми јаглероден диоксид.
Токму оваа ситуација е алармот што треба да нѐ разбуди бидејќи земјоделството е столбот на човековото постоење, а здравата почва е начин за напредок на една цивилизација. За среќа, одредени индустрии полека го менуваат својот правец со цел да обезбедат одржлив развој и живот за идните генерации. Органското производство на храна се залага за одржлив развој и значајно се развива низ земјите во светот, а делумно и во Македонија. Органско земјоделство води до намалување на користењето на хемиските ѓубрива (пестициди), а со тоа се намалува загадувањето на почвите и на водите, а како целина води до усогласување со добрата земјоделска практика. Ова особено е важно поради влијанието што го има на одржливоста на почвата и на животната средина. Методите и начинот на работа што се користат во органското одгледување овошје и зеленчук придонесуваат за зголемена плодност и за ревитализација на почвата, а истовремено го намалуваат на минимум штетното дејство врз водата и врз воздухот, кое директно влијае на здравјето на луѓето.
Со иновативна нанотехнологија до здрави билки и почва
Природно минерално ѓубриво„ЕcoGrower“ е една од победничките бизнис-идеи на регионален натпревар, дел од проектот „Засилување на меѓународната соработка и врски во Западен Балкан преку контакт на млади претприемачи“, претставена на годинашниот самит „Македонија 2025 година“. Неговата цел е да овозможи здрави растенија и плодови и здрава и одржлива почва. Благодарение на иновативната нанотехнологија, природното ѓубриво се нанесува со прскање на билките (лесно се разредува во вода), а воедно ја храни и почвата. Ова „зелено“ ѓубриво овозможува корисниците да имаат здрави билки и растенија, со тоа што го намалува излезот на водата од лисјата во текот на сушните периоди.
(Авторката е млад бизнис-претприемач, еден од победниците на регионалниот бизнис-натпревар, дел од самитот „Македонија 2025 година“)