Премостување на јазот на различностите со методот „Bubble-hopping”
Менување на начинот на размислување е клучен во разбирањето и комуникацијата со луѓе со различни вредности, искуства и верувања. Шведски експериментален модел ги истражува начините на кој се прави ова, креирајќи вештини кај учениците кои понатаму се корисни за целокупното функционирање како единка.
Што добиваш ти од ова? На пример, ќе можеш конечно да сфатиш зошто чичко ти има националистички трајбализам, но, и како тоа е поврзано со твоето страствено навивање за некој фудбалски клуб. Ќе успееш да прелеташ над „јас и ти” и „ние и вие”. Повеќе нема да се обидуваш да го оправдуваш својот меур и нема да ти е толку важно да успееш да го пукнеш меурот на „бумерот“ што ти е дома. Најголемо постигнување нека ти биде тој да го испроба оваој метод.
„The comfort zone is a beautiful place, but nothing ever grows there“
Доста за тебе. Зошто е ова важно за општеството? Затоа што поделбите не престануваат и општеството постојано кокетира со распад и уште поголеми поделби. Ема Стенстром нè учи како да го примениме „скокањето во туѓи меурчиња” и како на Стокхолмската економска школa за бизнис што се наоѓа на крајниот дел на Северна Европа, се обидуваат да најдат методи за надминување на овие поделби.
Текст: Ема Стенстром
Многумина од нас се загрижени за сè поголемите поделби во општеството. Едноставно, сакаме подобро да ги искористиме придобивките од излегувањето надвор од нашите „меурчиња“, од нашата комфорна зона и од запознавањето луѓе со поинакви гледишта.
На Стокхолмската економска школа, школа за бизнис што се наоѓа на крајниот дел на Северна Европа, се обидуваме да најдеме методи за надминување на овие поделби. Пред сè затоа што веруваме дека тоа е корисно, ако сакаме општеството да остане како една целина и да не се распадне. Но, исто така, и затоа што знаеме дека тоа е корисно и им овозможува и на поединците да ги прошират своите перспективи.
На учесниците им нудиме вештини коишто ќе ги научат како да се извлечат од нивните меурчиња и, на начин што се одликува со почит, да се среќаваат и да комуницираат со луѓе од други меурчиња, луѓе со различни вредности, искуства и верувања. На пример, некој што гласа за левицата може да се сретне со некој што гласа за десницата, климатски активист може да се сретне со лице што ги оспорува климатските промени, муслиман може да се сретне со евреин, итн. Скокањето во други меурчиња е нешто што и вие можете да го пробате уште денес. За да се подготвите, добро е да размислите во какви меурчиња живеете и каде би сакале да „отскокате“. Потоа, посветете време за да испитате што е тоа што ве предизвикува и како можете да се смирите и да имате отворен ум. По ова, подгответе се максимално да го искористите разговорот со тоа што ќе ги земете предвид следниве совети за тоа како да комуницирате со некој што има спротивставени ставови.
Пред да почнете со чекорите, можете да го погледнете ова видео направено за Presensing institute. Исто така, може и да прочитате што кажа Стенстром за „Лице в лице“, на овој линк.
Прашувајте
Истражете го мотивот. Обидете се да ги разберете мотивите што стојат зад гледиштето на соговорникот. Зошто нешто станало толку важно за него?
Споделете ги и променете ги перспективите. Споделете ја вашата лична ранливост и меѓусебно поразговарајте за чувствата и ситуациите.
Продолжете понатаму. Обидете се да најдете заеднички јазик и начин како да продолжите понатаму со цел да можете да разговарате за идеи коишто ќе ги направат работите малку подобри.
Се разбира, редоследот на овие прашања зависи од ситуацијата и разговорот, но доколку се сетите да ги поставите овие три типа на прашања, тоа може да ви биде од помош.
Слушајте
Вториот чекор вклучува вежбање на вештината за слушање. И во овој случај користиме еден едноставен модел, позајмен и прилагоден од Ото Шармер, професор на Институтот за технологија во Масачусетс, САД (МИТ), што се состои од четири начини на слушање:
Преземање (Downloading). На првото ниво на слушање, внимаваме единствено на она што веќе го знаеме. Бараме потврда и ништо ново не продира во нашето меурче.
Фактичко. На второто ниво на слушање, забележуваме оспорувачки информации, работи што не сме ги знаеле порано. Нови информации, нови факти, ново знаење. Тоа е типичното расположение на слушање што е присутно во училиштата, но тое не е доволно доколку сакаме да ги премостиме разликите.
Емпатично. Овде веќе го пренесуваме слушањето на трето ниво, емпатично слушање. Ја гледаме ситуацијата низ очите на другите и се обидуваме да ја разбереме нивната перспектива. Ова е точката кога треба да почнеме да навлегуваме во процесот на скокање во други меурчиња.
Генеративно Ако сакаме да ги надминеме разликите, веројатно ќе треба да се префрлиме на четвртото и последно ниво, генеративно слушање. Тоа нè поврзува со она што ќе следи и го активира заедничкото создавање визии за иднината. На пример, можеби имаме различни гледишта кога станува збор за превозот, но и на двајцата ни треба превоз, па како можеме да го решиме проблемот? Како и со прашањата, треба да се обидете да ги разберете причините за нечие гледиште и да се обидете да се ставите во нивна положба, како и да генерирате и заеднички да создадете визија за тоа што би можело да се направи. Поставувањето прашања и слушањето одат рака под рака.
Споделувајте
Третиот и последен чекор е споделување на вашата гледна точка. Никогаш не е доволно да се поставуваат прашања и да се слуша, треба и да ги споделите вашите размислувања. Во спротивно, станувате испрашувач, а тоа не е одлика на една плодна дискусија.
Како треба да споделувате?
Според некои истражувања, ако не се согласувате со некого, не е добра идеја да аргументирате со факти. Многу поефикасно е да ја раскажете вашата приказна на неосудувачки начин. Затоа, првиот совет е да вежбате раскажување приказни на неполаризиран начин, дури и ако тоа е полесно да се каже отколку да се направи. Во овој контекст, важно е да запомните дека човек обично не е многу добар во проценувањето на сопственото однесување. Другите луѓе се најдобро квалификувани да проценат како се однесуваме кон нив. Затоа, прашајте ги.
Сепак, постојат одредени елементи што можете да ги вежбате. Ако сакате да звучите како човек што е отворен и приемчив за ставовивте на другите, обидете се, на пример, да:
Ја потврдите перспективата на соговорникот. Тоа покажува дека сте слушале. Повторете го она што го кажал соговорникот со ваши зборови. Прашајте дали сте разбрале правилно.
Барајте ги и потенцирајте ги заедничките ставови. Дури и ако не се согласувате на некоја тема, сигурно постојат други работи за кои имате заеднички ставови
Обидете се да не се однесувате премногу догматски. Користете зборови како што се: веројатно, можеби, итн. Не ги ставајте луѓето во фиксни категории. И запомнете, можеби не сте во право? Можеби другата страна има одредена поента?
Внимавајте да не го навредите соговорникот. Трудете се да не бидете морално супериорни или премногу попустливи. Не саката да предизвикате чувство на срам кај соговорникот. Ниту кај себе. Истражете што се случува кога ќе почувствувате срам и обидете се да најдете начини за избегнување на такви ситуации.
Конечно, но можеби и најважно: покажете ранливост. Секогаш признавајте ги грешките и извинете се ако некој се почувствува повреден од вашите коментари. Бидете пример. Во тој поглед, се разбира, истите правила не важат за секого. Постојат културни разлики во начинот на комуникација. Исто така, зборовите се толкуваат различно во зависност од тоа кој ги изговара. Освен тоа, комуникацијата е многу повеќе од само зборови. Можеби уште поважен е тонот на вашиот глас, изразот на лицето и држењето на телото. Вежбајте и барајте повратни информации.
Неколку збора и за прашањето што секогаш се појавува: дали треба да разговараме со сите?
Оставаме тоа да биде ваша одлука. Сепак, важно е да се запамети дека само затоа што зборуваме со почит со некого, тоа не значи дека се согласуваме со неа/него. Постојат граници. На пример, една таква граница е ако некој очигледно не ги почитува човековите права. Скокањето во други меурчиња е исто така добар начин да ги истражите вашите сопствени граници, но, и себе си.
(Авторката е вонредна професорка на Стокхолмската економска школа, колумнистка во шведскиот дневен весник за бизнис и коосновачка на kaproject.org)