Пробив на вистината низ „коридорите“ од лажни вести
Дезинформациите на социјалните мрежи се шират со 70 отсто поголема веројатност, отколку самата вистина, а на вистинските стории им треба шестпати повеќе време, отколку на лажните, за да стигнат до публиката
Марина Тунева
„Пандемијата ја предизвика 5G мрежата“, „децата се имуни на вирусот корона“, „вирусот се произведува во тајни лаборатории“, „го шират тие што јаделе супа од лилјаци“, „вирусот е патентиран во 2015 година!“.
Некому ова му звучи познато? Сакале или не, ни се случувало да наидеме на содржини од овој вид, некои од нас знаејќи, а некои и не, дека станува збор за дезинформации и за неточни тврдења. Ќе ги сретнеме на социјалните мрежи, каде што брзо и лесно се шират, а некои, пак, и во дел од медиумите. Најмногу од сè загрижува тоа што дезинформациите и лажните вести „патуваат“ многу побрзо и имаат посилен пробив, отколку што е тоа случај со вистинските информации.
Вистината е шестпати побавна од лажните вести
Тоа го потврдиле и група научници од Институтот за технологија во Масачусетс пред две години, кога направиле истражување со кое се потврдува дека дезинформациите на социјалните мрежи се шират со 70 отсто поголема веројатност, отколку самата вистина. Вистинските стории, велат резултатите, ретко се споделуваат од повеќе од 1.000 лица, но врвните еден процент од дезинформациите рутински се споделуваат од 1.000 до 100.000 лица. А на вистинските стории им треба шестпати повеќе време, отколку на лажните, за да стигнат до 1.500 луѓе.
Во општество во кое луѓето, во голема мера, се информираат од медиумите, ширењето дезинформации може да предизвика големи штети. Граѓаните мошне често реагираат на содржини што ги надополнуваат или поткрепуваат нивните уверувања, страхувања или очекувања, па така, дезинформациите лесно стигнуваат до нив. А, како такви, тие се и прифатени, без да се преиспита нивното потекло, веродостојност и намерата околу нивното ширење.
Една од најголемите опасности што ги предизвикува честото повторување на лажните вести кај дел од публиката е ограниченото влијание на вистинските информации.
Улогата на медиумите во вителот информации
Која е улогата на медиумите во сево ова. Што се случува? Во битката за да стигнат до повеќе „кликови“, да добијат поширока публика, да бидат „први меѓу првите“, да исполнат нечија замисла или цел, некои медиуми го избираат погрешниот пат. (Не)свесно подзабораваат на правилата и на стандардите на професијата. Служат како алатки за да го дефокусираат јавното внимание од определена тема или прашање, да ја засенат вистината или за да ги поттикнат граѓаните да преземат определени чекори или дејства. Ја забораваат основната „формула“ дека секој новинарски производ за да биде професионално обработен мора во себе да содржи „втора страна“, односно најмалку два независни извора за да може да се цени нејзината веродостојност. А неретко и многу повеќе од само два извора. Се заборава на основниот и најважен член од Кодексот на новинари – проверка на вистинитоста на информацијата, односно на фактите.
И во пандемијата настрада вистината
Примерите посочени погоре покажуваат дека и во сегашната криза една од првите „жртви“ е вистината. Се потврдуваат и претпоставките, дека кога постои голем степен на ризик, медиумското известување станува манипулативно и шпекулативно. Се случи феноменот „масовна инфодемија“, како што Светската здравствена организација го нарече напливот на големиот обем на информации поврзани со вирусот корона, при што граѓаните не се во можност да ги разликуваат вистинските од лажните информации. Како што е заразен и вирусот, така се и лажните информации што го комплицира соодветниот одговор на пандемијата на ковид-19. Со кампањите за ширење дезинформации се создаваа и бранови несигурност и недоверба во официјалните информации, а се случуваше и јавноста да ги отфрла научните докази.
Лавината лажни вести на социјалните мрежи ги натера дигиталните платформи да почнат своја офанзива за нивно спречување. Тоа се прави со промовирање содржини од официјални извори или со забрана zа реклами во кои се нудат „чудесни“ лекови за вирусот. Од друга страна, пак, веб-страници специјализирани за проверка на фактите низ светот работат на тоа да ги разоткријат дезинформациите и манипулативните вести и да упатат на сигурни извори за информирање. Ваквата улога ја имаат и медиумите на кои им е важен кредибилитетот и професионалноста.
Медиумите во време на криза
Медиумите во време на кризи треба да бидат особено внимателни за да спречат и да не ги засилуваат непроверените содржини (особено тие од анонимни приватни форуми, апликации за допишување или социјални медиуми) и да го спречат ширењето дезинформации и мисинформации. УНЕСКО, 2020 година
Медиумската саморегулација – придобивки и за граѓаните и за медиумите
Советот на Европа порачува дека медиумите, во редовни услови, но и за време на криза, треба да ја поддржуваат саморегулацијата. Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) е место каде што граѓаните може да се обратат со реакција на содржините во печатените и во електронските медиуми и во медиумите на интернет доколку се посомневаат во нивната точност и објективност. Со едноставно пополнување формулар (достапен е на овој линк), жалбата ќе пристигне до Комисијата за жалби при СЕММ.
До СЕММ често се реагираше за медиумското известување за пандемијата нa ковид-19. Имаше различни реакции на јавноста, почнувајќи од тоа дека медиумите ги преувеличуваат или, пак, ги запоставуваат проблемите, па до тоа дека ги нарушуваат основните стандарди во известувањето. Нарушувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации, е утврдено во најголем дел (46 проценти) од пријавените случаи до Советот за етика во медиумите на Македонија, во периодот од почетокот на кризата до јули 2020 година.
Со цел да им помогне на новинарите, стручните соговорници и на граѓаните да прават разлика меѓу легитимните и веродостојни извори на информации и шпекулациите, полувистините и пропагандата, од друга страна, Здружението на новинарите на Македонија и СЕММ ја издадоа брошурата „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот“.
За борба против лажните вести е потребно да се користат истите канали што ги шират и хранат. Освен тоа, неопходно е да се поттикне критичко размислување кај граѓаните во врска со информациите што ги добиваат. Ова може да се направи со нивно охрабрување да ги преиспитаат изворите на информации и идентитетот на авторите. Само на тој начин ќе се спречи неконтролираното ширење на теориите на заговор и на лажните вести. Во целата битка, да се потсетиме и на зборовите на познатиот Албер Ками, кој рекол „да го бараш тоа што е вистинско, не значи да го бараш тоа што е пожелно“.
(Авторката е извршна директорка на Советот за етика во медиумите и доцент доктор на Институтот за комуникациски студии)