Ранливоста не е пречка за успех кога постои соодветна поддршка
НИЗ ПРИЗМА ЗА МЕНТОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Разговор со Суела Калиа, менторка за вработување од Албанија
Би ги охрабрила новите ментори да не ги гледаат предизвиците на процесот или ранливоста на менторираните како пречка, туку да веруваат во нивните потенцијали, да бидат флексибилни и позитивни истражувајќи ги различните можности што ги нудат пазарот и институциите.
Анета Ристеска
Секоја приказна за менторирање има своја, посебна човечка димензија, но приказната за две генерации од едно семејство, од кое дел се и лица со попреченост, кои се обидуваат да го најдат своето место во општеството, отвора посебен прозорец кон битките и надежите на најранливите. Еден татко, кој и покрај своите 62 години и долгогодишната невработеност, сè уште верува во можноста за подобар живот, и неговиот 22-годишен син, кој сонува да научи како да користи компјутер и да се вклучи во работниот свет, се наоѓаат пред многу предизвици.
Менторката Суела Калиа е таа која го отвора патот кон промени, водени од емпатија, но, и стручност. Таа успева да ги мотивира и да ги подготви со потребните вештини, да ги насочи кон професионални можности и да ги поддржи да ги надминат економските и социјалните бариери. Ова не е само приказна за вработување, туку за враќање на достоинството и самодовербата на две лица, кои сега гледаат на животот со повеќе оптимизам и помалку страв од иднината.
Кои се клучните карактеристики што успешниот ментор за вработување треба да ги поседува за да обезбеди ефективна поддршка и насока за менторираните лица?
Емпатија, внимателно слушање, непристрасност, висока мотивација, добро познавање на социо-економскиот сектор, особено ние кои што работиме со тешковработливи лица, соработливост, способност за брза адаптација на промени и секогаш подготвеност за учење на нови работи.
Кои беа најголемите предизвици во поддршката на менторираните лица да најдат работа и како ги надминавте?
Скептични работодавци кон профилот на менторираните (особено кон повозрасните лица, како и кон оние со интелектуална попреченост), недостаток на менторство за професионална интеграција на работното место, неадаптирање на работното место за луѓе со попреченост…. Стратегиите што се користат за надминување на предизвиците варираат од силна соработка со Заводот за вработување и другите јавни институции до редовен контакт со работодавците за мониторирање на напредокот во интеграцијата на работа. Обуките и супервизорските сесии обезбедени од Асоцијацијата „Паблик“ беа клучни во справувањето и успешно надминување на предизвиците за време на процесот.
Како ги поставувате целите за работа и развој на менторираните?
Целите за работа и развој се поставуваат во Индивидуалниот план за вработување и развој врз основа на примена на сите алатки за социјално менторство споменати погоре. На крајот од процесот на социјално менторство, менторираните ги подобруваат вештините за самозастапување и себепретставување, како и вештините за вработување.
Како соработката со јавни и приватни организации помогна во процесот на социјално менторство? Можете ли да споделите успешен пример?
Со оглед на тоа што приватниот бизнис сектор е скептичен и нема професионална обука за вработување на ранливите групи, соработката со јавните институции за поддршка (како што е Заводот за вработување) беше клучна за активирање на работодавците (јавни или приватни) за успешна интеграција на работа на менторираните. Можев да ги искористам контактите на работодавачот од Бирото за вработување, како и интеграцијата на лицето со интелектуална попреченост во мерките за активирање на бирото за вработување (програмата за гаранција за млади).
Како социјалните активности (секојдневните случувања, поврзувања), ги поддржуваат менторираните и како мислите дека овие активности влијаат на долгорочното задржување на работата и на професионалниот раст?
На индивидуално ниво, како социјален ментор, организирав социјални моменти (на интеграција) со менторираните, што дефинитивно помогна да се зголеми довербата и менторската врска како и да се зголеми чувството на инклузија. Верувам дека социјалните активности треба да го придружуваат менторскиот процес бидејќи и тоа гради доверба, самодоверба и успех во интеграцијата на работа и задржување.
Што научивте од оваа улога, и лично и професионално? Каков совет би им дале на новите ментори за справување со емоционалните предизвици и професионалните бариери што може да се појават за време на менторството?
Лично, ова беше многу мотивирачко патување за мене. Во текот на процесот се осознава дека ранливоста не е пречка за успех кога се обезбедува соодветна поддршка. Професионално, верувам дека социјалните ментори се градители на мостови и катализатори за развој, додека професионалните ментори (ментори за професионална интеграција на самото работно место) се клучни за успешна интеграција и задржување на работата.
Гледам на процесот на социјално менторство како на прашање на социјална правда за инклузија на ранливите групи и како такво тоа треба да стане дел од јавните услуги, додека професионалното менторство треба да биде вклучено во политиката за општествена одговорност на приватните компании.
Би ги охрабрила новите ментори да не ги гледаат предизвиците на процесот или ранливоста на менторираните како пречка, туку да веруваат во нивните потенцијали, да бидат флексибилни и позитивни истражувајќи ги различните можности што ги нудат пазарот и институциите.
Кои се најголемите придобивки за компаниите што ќе одлучат да вработат лица кои поминале низ програмата за менторство за вработување?
Менторираните кои поминале низ процесот на менторство се свесни за позитивните и предизвикувачките аспекти на нивното вработување, затоа тие се подготвени за интеграција на работа и имаат добиено соодветна обука. Тие, исто така, имаат повисоко ниво на самодоверба и посветеност да работат добро благодарение на примената на алатките за социјално менторство. Дополнително, луѓето со ранливости се неистражен ресурс за компанијата бидејќи се подготвени да го покажат својот потенцијал веднаш штом им се даде можност, со оглед на претходната ситуација на исклученост.
Како реагираат бизнисите кога првпат вработуваат лица со попреченост? Дали забележавте промени во нивниот став или пристап откако лицата започнаа да работат?
Всушност, повеќето бизниси имаат тенденција да бидат скептични и/или исплашени кога треба да вработат лица со попреченост. Имаат малку или ограничено знаење за нивниот потенцијал да се вклопат на работното место или не можат да обезбедат потребно професионално менторство. Сепак, откако лицето со попреченост ќе биде вработено, можам да забележам позитивна промена во ставот на работодавачот – тој станува поподдржувачки, поразбирлив, социјално одговорен. Сепак, верувам дека интеракцијата меѓу менторот и бизнисот е важна за да се олесни работната интеграција и да му се овозможи на работодавачот да стане посигурен и посамоуверен во однос на аспектите на вработување на лице со попреченост.
Кој е долгорочниот бенефит за семејствата со попреченост од вашите интервенции и како го гледате нивниот напредок по завршувањето на процесот на менторство?
Со оглед на социо-културните и економските предизвици со кои се соочуваат семејствата кои имаат член со попреченост, процесот на менторство е од суштинско значење за олеснување на товарот и за менторираните лица и за нивните семејства. Семејството или старателите добиваат неопходни инструменти за поддршка, психосоцијална и економска помош, која произлегува од континуираното менторство до моментот на вработување. Семејството на лицето кое го менторирав сега е посамостојно и посвесно во поглед на пронаоѓање на достапни можности и има поголема финансиска стабилност по успешната работна интеграција на нивниот член со интелектуална попреченост.
Photo: Suela Kalia