Рушиме рекорди во семејното насилство врз жени, фалат обучени инспектори за заштита на жртвите
Пишува: Антонија Поповска
Фотографии: Freepik.com
Рекордни 4.745 жени пријавиле семејно насилство во 2025 година во Македонија, покажуваат бројките на Министерството за внатрешни работи (МВР). Тука спаѓаат кривични дела, прекршоци и поплаки од семејно насилство. Ако се погледнат бројките од последните пет години, состојбата е загрижувачка. Најчесто, сопругите се најпогодената група, што е аларм за воведување засилени мерки за нивна заштита и поддршка.
Половина билтен со случаи во кои мажи малтретирале жени
Порталот „Мета“ неодамна пишуваше дека насилството врз жени во Македонија повторно излегува на површина со серија загрижувачки случаи, што се случија во текот на само еден ден, а за кои извести МВР во еден од последните билтени. Во Скопје и во Делчево, повеќе жени пријавиле физички напади, закани и психичко малтретирање, кое го извршувале нивните партнери или поранешни партнери. Полицијата постапила по неколку пријави за родово базирано насилство, што е уште еден доказ дека многу жени се изложени на опасност зад затворените врати на семејните домови.
Фалат обучени инспектори за ефикасна заштита на жените-жртви
Експертите потенцираат дека покрај законските мерки, потребно е зголемување на човечките ресурси во полицијата и поддршка за жртвите за навремено и ефикасно справување со случаите.
Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, смета дека зголемениот број на пријави во МВР од жени жртви се должи на тоа што за оваа тема сè повеќе се зборува јавно, има кампањи, медиумите се поактивни, па информациите што стасуваат до жените се повеќе на број, знаат каде да пријават и знаат кои се нивните права.
– Жените повеќе го препознаваат насилство. Психолошкото насилство е најпријавувно во Министерството за социјална политика, демографија и млади, додека во МВР повеќе се пријавуваат случаи во кои има телесни повреди и загрозување на сигурноста на жената. Најважно е како првите реагирачи ќе ја примат пријавата од жртвата. Обврска и на полициските службеници и на вработените во центрите за социјални работи, е да бидат сензибилизирани за оваа проблематика. Треба да имаат предвид дека жртвата најчесто многу години живее во насилна средина и дека можеби ѝ било потребно многу време за да го направи првиот чекор – вели Аврамоска Нушкова.
Според неа, во пракса често се случува жените-жртви да пријават, па да се повлечат и тие случаи завршуваат како поплаки за кои нема правни последици.

– Многу пати, жените кога пријавуваат насилство, многу често знаеја и да се повлечат, поради економската зависност, заедничкото живеење, многу од нив живеат во семејни куќи со свекор. Сега законодавецот вели, ако има случај, Јавното обвинителство ќе води постапка по службена должност. Целта е да имаме јаки институции и воспоставени сервиси, целта е да имаме што да ѝ понудиме на жената-жртва – додава таа.
Важно, според неа, е и кој ја прави проценката на ризик, односно надлежните треба да се ориентирани на жртвата.
– Инспекторите се високо едуцирани, но како бројка се многу малку. Не секогаш можат да постигнат да одговорат соодветно на секој повик. Мора да се зајакне тој оддел при МВР. Луѓето се сензибилизирани, но и во извештајот на Државниот завод за ревизија е наведено дека има недостиг од стручен кадар и во МВР и во центрите за социјални работи. Важна е соработката меѓу нив, тие треба да ја водат жената и прават план за нејзина безбедност – смета Аврамоска Нушкова.
Родовите дезинформации – невидлив сојузник на насилството врз жените
Бројките и недостигот од човечки ресурси не се единствените фактори што влијаат врз начинот на кој родово базираното насилство се препознава и третира во општеството. Паралелно со институционалните слабости, јавниот простор е сè повеќе затрупан со родови дезинформации кои го релативизираат насилството, предизвикуваат сè поголема поларизација меѓу жените и мажите и го искривуваат поимот на родова еднаквост.

Неодамна, Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми“ и Институтот за медиумска разновидност – Западен Балкан, објавија анализа насловена „Мапирање на родово обележаните дезинформации во Западен Балкан“, чија авторка е Деспина Ковачевска, експертка за мониторинг на медиуми во Фондацијата „Метаморфозис“. Ширењето дезинформации поврзани со родот придонесува кон поширокиот проблем на погрешни информации, искривувајќи го општественото разбирање за родовата еднаквост и зајакнувајќи штетни стереотипи.
„Во 2021 и 2022 година, посебно за време на пандемијата, кампањите за дезинформации беа во голема мера насочени кон бремени жени, со ширење на лажни тврдења дека вакцините против COVID-19 ќе предизвикаат сериозна штета на нивните неродени деца. Овие дезинформации поттикнаа страв и неизвесност, поткопувајќи ги напорите за јавно здравје насочени кон заштита на мајките и бебињата. По пандемијата, дезинформациите се префрлија кон антивакцинални наративи, со тврдења дека вакцините предизвикуваат неплодност кај жените. Во 2023 и 2024 година, бројот на случаи на дезинформации се удвои, со забележлива промена во наративот насочен кон дискредитирање на жените во политиката. Овој тренд стана поизразен поради зголемените напади врз женски политичари, често со фокус на нивниот пол и преку повторување на штетни стереотипи за да се поткопа нивниот кредибилитет и лидерство“, пишува во анализата.
Во анализата се наведува и дека, распространувачите на дезинформации се обидоа да го прикажат Законот за родова еднаквост како идентичен со Законот за матична евиденција и со тоа внесоа лажен наратив во медиумите, изедначувајќи ги двата закони.
„Со тврдењата дека со само еден потпис маж може да стане жена и обратно, тие создадоа конфузија и ја искривија вистинската содржина на законот. Како резултат на тоа, достапноста на точни информации од страна на надлежните институции се намали, што доведе до состојба во која јавноста повеќе не беше соодветно информирана. Наместо поттикнување конструктивна дебата, се соочивме со медиумско оцрнување и паника“, пишува во анализата.
Текстот е изворно објавен на порталот „Мета.мк“.
Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).
Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.
Читајте ги и останатите стории од оваа соработка
Не е обљуба туку силување – зошто медиумите мора да известуваат родово сензитивно?