Се бараат одржливи лидери!
„Ме прашуваат – која е деловната логика зад одржливоста? Одговарам, зар имаме друга опција?!“ – Кеј Вид, „Унилевер“
Автор на текст: Небојша Илијевски
Не постои друга опција, освен одржлив бизнис. За жал, сѐ уште се однесувавме како да постои, како да имаме резервна планета и армија други луѓе што ќе ги заменат „потрошените“ кога ќе дојде време за тоа. Одржливоста сугерира дека треба да се направи математика за да се провериме до каде сме со трошењето на ресурсите од планетата и да се преиспитаме какви ни се амбициите, деловни, лични, амбициите за идните генерации.
Едноставно пребарување преку интернет ќе ги изнесе фрапантните факти дека веќе живееме на вересија на планетава. Ја трошиме до август во тековната година, а трендот на трошење, за жал, нѐ носи накај јули, не накај септември. Загледувајќи се во фотографиите и во инфографиконите што го опишуваат овој тренд, изјавата на менаџерот Кеј Вид од „Унилевер“ станува недвосмислена. Не постои друга опција за функционирање на бизнисот, освен базираност на одржливи процеси.
Уметноста да се одговори на моментните потреби, без да се компромитираат можностите за идните генерации да ги задоволат своите потреби, како што стои во верзијата на дефиницијата на одржливост на Европската комисија, е предизвик исправен пред бизнис-лидерите од новата деловна ера, ерата на одржливост.
Иднината на новото деловно лидерство, и покрај лавиринтот предизвици што се наѕираат пред нив, за среќа, има една јасна цел. До 2030 година да се достигнат целите за одржлив развој дефинирани од Обединетите нации. За оваа, навидум, утопистичка намера, всушност, постојат и постојано се дефинираат нови методологии, алатки, стратегии. Брзиот технолошки развој и отвореноста кон неконвенционалните методологии го премостува сомнежот дека целите, можеби, се превисоки. Така, радикалните решенија како блокчеин-технологијата носат силен ветер во грб кон нивното достигнување. Еден многу поинтуитивен капацитет, кој постојано го градевме, а за кој дури со новата технологија добиваме начини целосно да го искористиме, е капацитетот на искуството на досегашната практика вложено во определени сфери.
Стручњакот за одржливост Дејвид Грејсон, кој на крајот од 2018 година беше гостин и во Скопје, на Форумот на добри компании, ги сумираше трендовите што ќе им бидат од корист на лидерите во предизвиците на водењето на компаниите кон одржлива практика.
Според истражување спроведено од Универзитетот МИТ, квалитетот на резултатите зависи од внатрешната состојба од која дејствува лидерот. Осознавањето на неговите внатрешните вредности, развивањето на неговиот капацитет да го види контекстот на својата компанија, внесува еден сосема нов квалитет во начинот на кој ја води. Место од позицијата на егото на лидерот и егото на компанијата се наметнува принцип на водење од позицијата на екоодносот кон планетата, кон другиот и кон себеси. Овој холистички принцип на гледање на екосистемот во кој функционира компанијата како дел од еден комплексен организам, всушност, ги наметнува културата и духот на одржливост во сите пори на функционирањето на претпријатието.
Заклучоците за тоа кои компании биле ценети како глобални лидери во одржливоста укажуваат на интересен развој на свеста за потребата од вклучување во оваа нова деловна практика. На крајот на милениумот тоа биле компании како „Бодишоп“ и „3М“, за потоа, на почетокот на новиот милениум да ги наследат „Шел“ и „Бритиш петролеум“, кои во тоа време почнале да ја усвојуваат одржливата практика и да известуваат за своите успеси. „Волмарт“, „Џенерал електрикс“ и другите потоа излегоа со посепофатни планови за одржливост за, конечно, да се случат глобални иницијативи како таа на „Унилевер“, кој излезе со глобален план за одржливо
Во него „Унилевер“, една од најголемите компании од областа на нутриционизмот, хигиената и личната нега, си постави три амбициозни цели – да го подобри здравјето на една милијарда луѓе, двојно да го намали своето негативно влијание врз природата и да ги подобри условите за живот на милиони луѓе. Но тоа што го прави „Унилевер“ пионер во областа на одржливоста е фактот дека се стреми трите цели да ги оствари не како дел од својата општествена одговорност, како нешто споредно и паралелно со главните деловни активности, туку како дел од својот бизнис-план. Со него, инвестициите во овие три сфери, всушност, ја имаат својата точка на поврат на инвестицијата. Всушност, „Унилевер“ планира да заработи на тоа што ќе ја воведе одржливата практика во своите деловни процеси. – Се чини дека ова е единствениот начин до 2030 година, навистина, да направиме сериозен чекор во остварувањето на целите – вели Дејвид Грејсон во една од главните пораки на „Форумот на добри компании“ во Скопје. Во неговата книга за која најдобар превод во контекстот на Македонија, можеби, би бил „Цело е кога има сѐ“ (“All In”, во оригинал) тој вели дека лидерите, а со нив и корпорациите, веќе немаат луксуз да бидат нерешителни и да ги втурнуваат компаниите што ги водат „со половина срце“ во својата посветеност кон одржливоста.
За да го постигнат тоа, според Грејсон, постојат пет главни точки што секој бизнис би можел да ги следи.
СОЗДАВАЊЕ ДЕЛОВНА МИСИЈА (Purpose)
Ова е основата според која бизнисот во иднина ќе создаде вредност за себе и за општеството. Веќе не се работи за тоа како да се доведе до максимум вредноста на акциите на доверителите, инвеститорите во компанијата, а сѐ почесто дури и тие се согласуваат со ваквата филозофија. Се работи за тоа како новиот план за финансиската и развојна одржливост на компанијата се вклопува во глобалните потреби за одржливо однесување на компаниите.
СОЗДАВАЊЕ ГЛОБАЛЕН ПЛАН ЗА РАЗВОЈ И ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА МИСИЈАТА
Важно е да се има план што се базира на податоци и на научни согледувања, кој ќе го води бизнисот кон профит, но сега низ развивање нова деловна култура на одржливост. Огромното количество податоци што денес станува достапно заедно со технологијата што овозможува инстант анализа и увид во заклучоците што се наметнуваат од нив, треба да се основа во одлуките на компаниите во насока на одржливост.
СОЗДАВАЊЕ НОВА ДЕЛОВНА КУЛТУРА
Ова подразбира иновирање, охрабрување и пренесување моќ во рацете на вработените, определеност да се биде отворен и транспарентен дури и за идеите што доаѓаат надвор од компанијата. Новата одговорност на лидерите е да се овозможи идејата за одржливост и за личната одговорност на секој поединец и менаџер во синџирот на производството на производите и на услугите да навлезе длабоко во компанијата.
СОРАБОТКА
Во исто време е важно да се размислува надвор од класичната рамка на соработката во која двеве страни добиваат јасна, дефинирана вредност. Бенефитот од новиот начин на соработка се согласува да не биде ставен на вага и да не ја „врати“ вредноста инвестирана во неа директно во компанијата. Значајна е соработката со партнерите, граѓанскиот сектор, институциите, дури и со конкуренцијата.
Овозможување, на пример, развој на ново социјално претпријатие од страна на бизнисот, повеќекратно влијае на општеството, но, потенцијално, и на самиот матичен бизнис. Новиот ентитет, под менторството на големиот бизнис, станува профитабилен фактор на пазарот, тој вработува, создава вредност за економијата, а бидејќи е неминовно воден од одржлива практика, културата на неговото деловно работење е во согласност со целите за одржлив развој. „Мајката бизнис“ во еден момент може многукратно да ја поврати својата инвестиција во време, знаења и во фондови така што, на пример, ќе вклучи социјален бизнис во својот синџир на набавка. Тогаш, бизнисот вклучува здрава алка во својот организам, има гарантиран квалитет и деловен процес.
ЛОБИРАЊЕ
Гласноста во определбата за одржливост е единствениот начин оваа култура да добие светски, глобални размери во релативно краток, ограничен временски рок што ни е на располагање. Заговарање на развојната политика, норми и однесувања, како и заговарање за широка системска промена.
Денес, мултинационалните компании, но и сите други, имаат можност и одговорност да ја задвижат и прошират културата на одговорност како низ пазарот (економијата) така и во сите други општествени сфери.
Усвојувањето одржлива практика го прави бизнисот отпорен на идни шокови. Со нив, тој станува буден за промените што рапидно се случуваат во неговата непосредна околина. А таа околина, во денешниот контекст на глобално село, е планетата.
(Авторот е консултант за комуникации и одржлив развој)
Текстот е објавен во 34. број на „Лице в лице“