Зборуваат со непознати, гледаат сè: како да ги заштитиме децата кога интернетот е секогаш чекор пред нас?

Aвторки: Натали Китаноска и Маја Раванска
Фотографии: www.freepik.com
Работам по 10 часа дневно! Едвај стигнувам да вечерaм со детето, а не пак да му проверам што игра онлајн – вели Марија, самохрана мајка на 12-годишно момче.
Оваа изјава е само еден од гласовите на многу родители кои споделуваат чувство на немоќ. Не затоа што не сакаат да ги заштитат своите деца, туку затоа што немаат доволно дигитални знаења, свесност, енергија, ниту време да се посветат на оваа сѐ поактуелна тема.
Ми вели дека игра нешто, „Роблокс“. Јас не знам ни што е тоа. Само гледам дека зборува со некои други деца и дека е целосно обземена. Да, свесен сум дека има опасност да ја демнат и непознати луѓе… Не знам… Искрено, ме плаши, ама не знам од каде да почнам – вели Александар, татко на 11-годишно девојче.
Инбоксот на „Лице в лице“ неретко е место каде родителите признаваат дека интернетот станал виртуелна замена за нивното присуство. Во недостаток на низа ресурси, тие се чувствуваат како набљудувачи, а не како активни учесници во дигиталниот свет на нивните деца.
Во реалноста, интернетот е составен дел од секојдневието на децата. Според податоци од Државниот завод за статистика од 2023, 100% од младите на возраст 15–24 години кај нас користат интернет, 97% секојдневно. Овие бројки покажуваат дека децата не се само пасивни консументи, туку активни учесници во онлајн просторот, каде имаат пристап до информации, но и до потенцијални ризици кои тешко ги препознаваат.
Најмногу играм „Роблокс“. Знам дека не треба да зборувам со непознати, и си пишувам само со другарчиња што ги знам. На почетокот, ми праќаа инвајт некои што не ги познавам. Пред да играм, тато ми објасни како да се однесувам кога ќе се случи ова, па веднаш „ливнував“ и им го давав телефонот на родителите – ни раскажува 10 годишно девојче.
Игри како „Мајнкрафт“, „Фортнајт“, „Роблокс“ итн. се омилени меѓу децата. Тие се забавни и креативни, овозможуваат комуникација преку вграден текстуален или гласовен чат. Но, тука лежи и опасноста од контакти со непознати.
Секоја од компаниите која стои зад овие и други слични игри, има воведено механизми за заштита, како што се автоматски филтри за чет, можности за ограничување на комуникацијата, родителски контроли и опции за пријавување непримерно однесување. Сепак, овие алатки не се секогаш доволно интуитивни за родителите, а во многу случаи се оставени како избор што треба да се активира рачно.
Иако компаниите формално промовираат безбедносни политики и насоки за користење, критиките остануваат – особено во однос на нивната подготвеност проактивно да го спречат штетното однесување, наместо само да реагираат по пријава. Ова ја потврдува потребата за вклучување на пошироки механизми за заштита, што ги надминуваат рамките на приватните технолошки компании.
И, многу важно, „ја префрла топката“ во рацете на родителите.
Доколку родителите/старателите не ги постават соодветните контроли, децата можат да бидат изложени на ризик од контакт со возрасни со лоши намери, директно преку играта или преку надворешни платформи како „Дискорд“. Покрај можноста за онлајн груминг, се појавуваат и други опасности: изложеност на штетна содржина генерирана од корисници, врснички булинг, прикриени пораки, како и поттикнување на зависност преку механизми за наградување и натпревар. Неконтролираниот пристап кон ваквите дигитални простори ја зголемува веројатноста децата да бидат оставени сами пред ситуации за кои немаат изградено капацитет да ги препознаат или соодветно да реагираат.
Што е потребно да ги заштитиме? Дали е доволно само да ги предупредиме? Или пак, да смислуваме нови забрани?
Булинг, манипулации од непознати возрасни лица, груминг (кротење – предаторско однесување со цел намамување деца на интернет за сексуално насилство), пристап до штетна содржина и онлајн зависност се дел од сериозните предизвици. Дури 31% од децата во Северна Македонија изјавиле дека биле жртви на онлајн булинг (податок од анкетата U-Report на УНИЦЕФ, 2023). Но речиси половина од нив (41%) сметаат дека институциите не го сфаќаат проблемот сериозно.
Оваа перцепција е загрижувачка.
Според една студија, 46% од децата во Германија веруваат дека грумингот е честа појава, а 28% лично искусиле ваков обид. Во Франција, 18% од младите на возраст 12–16 години биле директно таргетирани онлајн од возрасни непознати лица.
Во некои земји веќе се преземаат конкретни мерки. Австралија забрани отворање профили на TikTok, Instagram, Snapchat и YouTube за деца под 16 години. Во ЕУ се разгледуваат слични мерки – како родителска согласност и зголемување на минималната возраст. Кај нас нема вакви законски ограничувања. Министерството за дигитална трансформација работи на создавање интегриран систем за дигитална безбедност преку проектот „MKSafeNet“, кој веќе постави SOS-линија, едукативни ресурси и алатки за родителска контрола. Во Акцискиот план на новата Стратегија за сајбер безбедност се предвидуваат мерки за заштита на деца како филтрирање на штетна содржина, безбедно пребарување, механизми за пријавување на онлајн насилство и Национален центар за побезбеден интернет. Реализацијата е планирана до 2027 година, со буџет од над 24 милиони денари.

Првата детска амбасада „Меѓаши“, која спроведува и дел од активностите на „MKSafeNet“, креираше низа содржини насочени кон децата и кон родителите, кои се однесуваат на јакнење свесност за потребата од побезбеден интернет. Маја Велковска, проектна менаџерка во „Меѓаши“ споделуваа дека се направени се важни чекори за унапредување на дигиталната безбедност на децата, особено преку проектот „MKSafeNet“.
Клучен дел од оваа иницијатива е и спроведување на кампањи за подигнување на јавната свест и едукација за онлајн ризиците, како и подготовка на иновативни едукативни ресурси, прилагодени за различни возрасни групи. Преку работилници, посети на училишта, јавни настани и други активности, ќе се поттикнува дигиталната писменост кај децата, младите и возрасните. Во рамки на проектот се планира и воспоставување на основната инфраструктура на Центарот, преку блиска соработка со граѓанскиот, јавниот и приватниот сектор – рече Маја Велковска.
Таа додава и дека посебен акцент се става и на зајакнување на капацитетите на „Ало Бушавко“ – 070 390 632, линијата за деца и млади што повеќе од 30 години делува во рамки на „Меѓаши“, како 24/7 достапна линија за поддршка на деца и млади. „Меѓаши“ работи и на усогласување на оваа линија со европскиот број 116 111, наменет исклучиво за деца во криза, што ќе овозможи стандардизирана и брза поддршка за секое дете. Подготовките се во тек. Прашана за реакциите кои ги добиваат преку линијата, Велковска вели дека тие се позитивни, но и многу емотивни:
Родители ни се јавуваат со прашања, сомнежи, па дури и со случаи каде децата доживеале онлајн вознемирување. Децата ја користат линијата за да зборуваат за работи кои не ги кажуваат дома или во училиште. Анонимноста ги поттикнува и охрабрува. Тоа ни покажува дека имаме доверба од нив и дека ваква услуга навистина им е потребна. Нашиот тим од психолози и психотерапевти работи посветено. Секој повик е важен, и секоја приказна заслужува внимание. Овие повици се важен показател за тоа колку е потребна ваква услуга и поддршка и дека постои високо ниво на доверба кон тимот на „АлоБушавко“.
Велковска посочува и за она што ни претстои како многу важно во оваа сфера:
Она што е итно и неопходно е да изградиме долгорочен, одржлив и стратешки систем за дигитална безбедност на децата. Потребна е јасна и применлива регулатива, усогласена со европските стандарди, како што е Законот за дигитални услуги (Digital Services Act), која ќе обезбеди заштита, отчетност и брза реакција при ризици во дигиталниот простор. Во образовниот систем, дигиталната безбедност мора да се интегрира како составен дел од наставната програма – не како дополнителна тема, туку како база за секое дете. Потребни се и практични алатки за брза интервенција при пријавување на онлајн злоупотреби, како и континуирана едукација за родителите, наставниците и стручните лица што работат со деца. Заштитата на децата на интернет не е само техничко или правно прашање – туку суштинско прашање на почитување и гарантирање на нивните права во дигиталната средина – вели таа.
Што можат да направат родителите?
Во свет во кој границата меѓу физичкиот и дигиталниот простор сѐ повеќе се брише, прашањето за безбедноста на децата онлајн не е само техничко – туку општествено и вредносно прашање.
Проблемот со онлајн безбедноста на децата не може да се реши единствено преку рестрикции или технички алатки. Тоа бара системски и долгорочен пристап кој ги вклучува институциите, семејствата, образованието и технолошките компании.
Разговорот, транспарентноста и соработката остануваат клучни елементи во градењето на отпорност кај децата и младите, но и во унапредувањето на колективната свест за дигиталната безбедност.
- Разговарајте со децата без осуда. Прашајте ги што гледаат, зошто им е тоа интересно, дали некогаш некој го вознемирил онлајн, какви чувства имаат додека играат игри онлајн. Разговорот и вниманието се клучни.
- Истражете кои алатки за родителска контрола се достапни (и лесни за користење). „МkSafeNet“ има неколку ресурси за ова.
- Запишете го бројот на „АлоБушавко“ 070 390 632 за тогаш кога ќе ви затреба поддршка
Kaко е во регионот?
Голем дел од децата имаат неограничен пристап до интернет, често без едукација за последиците од споделување лични податоци и други опасности и измами, или токсични содржини кои се несоодветни за нивната возраст. Во Албанија, TikTok беше времено блокиран откако беше поврзан со инцидент на насилство меѓу тинејџери. Властите воведоа разговори со родителите и платформа за верификување на возраста на корисниците. Во Косово, анкета на БИРН покажа дека детските профили честопати не се под надзор и мал процент родители ги користат апликациите за родителски надзор, а ризичните TikTok предизвици предизвикаа сериозни повреди кај ученици.

Во Хрватска, преку веб платформа се нудат национални линии за помош, алатки за филтрирање содржини и програми за дигитална писменост, но без законски ограничувања на возраст. Таму фокусот е на превенција и едукација, наместо на рестрикции. На регионално ниво, е воспоставена мрежа на центри за безбеден интернет, која собира тајминг и ресурси за заштита на младите од онлајн ризици, поддржува вклученост на јавни институции, технолошки компании и граѓански сектор.
Во Србија, Законот за заштита на податоци одредува дека деца под 15 години можат користат интернет услуги само со согласност на родител. Сепак, недостига одредба за детали околу верификацијата од родител, па затоа, постои неефикасност во практиката.
Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

- „МакеДокс“ го отвора своето 16. издание – вечер сите во Куршумли-ан
- „Сиљан“ на Котевска преку Венеција „летнува“ кон светот
- Континуитет на родово-базираното насилство. Од реалноста до дигиталниот свет
- Од стереотип до насилство: Темната страна на дигиталниот простор за жените
- „Зборци“, дефиницијата за патоплочувачи