Актив арт, Доза вести

Од споредни до главни ликови: „Театар Чекори“ е сцена што ги менува животите

Актерката Маја Ѓурчевска од „Театар Чекори“ на сцена ни раскажа за бесплатните часови по глума за ранливи сограѓани

Додека вестите ни се сведуваат на политичари и црна хроника, погледнуваме во луѓе кои избраа да зборуваат за убавото и доброто. „Театар Чекори“ го сочинуваат креативци кои ја создадоа оваа отворена сцена и веќе 51 година создаваат простор каде секој може да се изрази, да расте и да верува во себе. Тука, ранливите сограѓани добиваат бесплатни часови по глума. Под рефлекторите на сцената, „споредните“ ликови стануваат главни. „Театар Чекори“ е пример дека сцената може да биде простор за раст и храброст.
Разговараме со Маја Ѓурчевска уметничкa директорка, режисерка и актерка во „Театар Чекори“, која ни раскажа за бесплатните часови по глума за ранливи сограѓани.

Како и кога е формиран „Театар Чекори“ и која е основната мисија?

– Отворена сцена „Театар Чекори“ е формирана во 1974 година од Боре Ангеловски и веќе 51 година функционира во Домот на култура „Димитар Влахов“ во Автокоманда во Скопје. Основната мисија при неговото основање била создавање отворено културно катче каде што сите љубители на театарот имаат можност да учествуваат, да се изразат и да се запознаат со театарската уметност. Таа мисија продолжуваме да ја негуваме и денес, преку новите генерации.

Ме воодушеви информацијата дека давате бесплатни часови за глума на ранливи сограѓани. Раскажете ни за искуствата кои ги имате. Како изгледаат часовите, какво е искуството и задоволството во оваа работа?

– Со години нудиме бесплатни часови за глума на ранливи категории граѓани, затоа што искрено веруваме дека театарот има моќ да го промени животот. За многумина од нас, тој не е само простор за игра – тој е наш втор, а за некои и прв дом. Нè воспитуваше, нè оддалечи од улицата, ни даде глас и сила да бидеме слушнати. Од споредни ликови во сопствените животи, станавме главни – под светлата на сцената, со сопствена приказна. Тоа го гледаме и кај сите што доаѓаат – со секој час растат, се отвораат, се смеат, понекогаш и плачат, но секогаш си одат побогати.

Изведба на претстава ,,Еко вили”

Часовите вклучуваат гласовни и вежби за дикција, сценско движење, партнерска игра, меморија, концентрација, имагинација и, можеби најважно, градење самодоверба. За нас, тоа не се само часови по глума. Тоа е заедништво, поддршка и вистинска промена.

Што недостасува во нашата држава во однос на културната инфраструктура, за да може да се развива културата?

– Во Македонија има многу културни домови кои се недоволно искористени и за жал, запоставени со текот на времето. Ако им се даде шанса на уметниците да ги користат тие простори, ќе се создадат повеќе активни културни центри и културата ќе стане поотворена и достапна за поширока публика. Исто така, верувам дека културните работници треба да се поддржуваат меѓусебно, наместо да се гледаат како конкуренција. Сепак, важно е сите ние да не се фокусираме само на барања, нешто да ни се даде, ами и посветено да работиме. Квалитетот и трудот секогаш ќе бидат препознаени.

Како може јавноста, медиумите и образовниот систем да помогнат подобро да се вреднува културата? Која е вашата улога во тоа?

– Освен што сме расадник на идни културни работници, нашата улога е и да воспитуваме луѓе со добри манири, општа култура и развиено чувство за одговорност. Ги учиме децата да се почитуваат меѓусебно, да бидат чувствителни и отворени кон културните вредности, и да знаат како се однесува културна театарска публика.
Јавноста и медиумите може многу да придонесат ако ѝ дадат видливост на културата – преку известување, промоција и поддршка на културни настани, и дома и во светот. Образованието, пак, ја има таа привилегија, но и одговорност, да ја разбуди љубопитноста кај децата – кон книгите, музиката, театарот, филмот.
Она што навистина им недостига на децата е поттик и правилна насока. Со мали чекори – читачки клубови, организирани посети на културни настани, дебати за книги, музика и филмови – може да се направи многу. Така се гради вкус, став и љубов кон културата. А токму тоа ни треба – култура која ќе се живее, а не само ќе се учи.

Деца во круг, колективни вежби за координација

Како би ги повикале младите повеќе да го вреднуват театарот?
– Младите треба да го вреднуваат театарот како уникатен и стимулирачки медиум. Во еден час на сцена, преку претстава, можат да се соочат со важни, понекогаш тешки или табу теми на најсликовит и непосреден начин. Театарот комбинира различни уметности – глума, музика, сценографија – и ја буди целата сетилна восприемчивост.

Уште поголема предност е што по завршувањето на претставата, креаторите – режисери, актери – се достапни за разговор, па младите можат директно да ги постават своите прашања и да го продлабочат разбирањето.
Театарот е живо искуство, што дава поука, утеха или инспирација за цел живот. Тој е наслада за сите сетила и можност за доживување кое не се заборава.

Фотографиите се од архива на „Театар Чекори“.

Напишете коментар