Иницијативата на „Гоу Грин“ ги поттикнува граѓаните и рестораните да ја променат свеста за фрлањето на храна, претворајќи ги остатоците во креативни и вкусни оброци, со цел намалување на отпадот и заштита на животната средина
Анета Ристеска
Чипс од лушпи од компир, ќофтиња од дршки од брокула и чоколаден шејк од аквафаба…
Ова се дел од рецептите кои се споделуваат на социјалните мрежи преку иницијативата „Вкуси го отпадот“ („Taste the Waste“) на здружението „Гоу Грин“, („Биди зелен“). Целта е да се подигне свесност за еден од најголемите парадокси во нашето општество – огромните количини на фрлена храна, додека многумина се борат со сиромаштија и глад.
Разговараме со претседателот на „Гоу Грин“, Блаже Јосифовски, кој ја истакнува важноста на одговорното управување со храната и обидот да се променат навиките кај граѓаните и угостителите преку практични решенија за намалување на фрлањето храна.
Што ве инспирираше да ја започнете иницијативата „Вкуси го отпадот“ и кои се вашите основни цели?
Секојдневниот апсурд на живеењето, каде што има големи количини на храна коишто се фрлаат, а од друга страна, големиот број сиромашни и гладни граѓани во Македонија. Сакаме да влијаеме на свеста и навиките на граѓаните, но и на рестораните, во однос на тоа како управуваат со храната.
Какви типови на рецепти споделувате и кои се вашите омилени примери за користење на остатоци од храна?
Споделуваме секојдневни рецепти кои секој може дома да ги направи и се најчесто намирници кои редовно ги користиме во домот. Тоа се намирници како што се леб, овошје, зеленчук и други основни производи, кои претставуваат одлична можност за реупотреба во некој друг вкусен оброк.
Како сметате дека оваа иницијатива може да помогне во намалувањето на отпадот и подобрувањето на животната средина?
Очекуваме сериозни количини на храна да се спасат и од рестораните, но и од преработувачките капацитети со кои соработуваме, како што се „Биокосмос“ и „Маркт Органик“. Дополнително, зголемена свест кај граѓаните за проблемот со фрлањето на храна и последиците од истиот.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате при промовирање на идејата за готвење со остатоци од храна?
Граѓаните најчесто сметаат дека немаат доволно време за да можат да ја реупотребуваат храната и да приготвуваат нови оброци. Од друга страна, мислат дека немаат доволно време за да го организираат процесот на набавка на храна во нивниот дом. Но, тие што почнале да одат со списоци во продавница, или тие што ги планираат однапред оброците и храната што ќе ја искористат, обично потоа сфаќаат дека тоа штеди и време и пари, па продолжуваат со тие новостекнати навики, бидејќи се полезни.
Каква е реакцијата на луѓето кон вашите видеа/пораки и дали забележувате промени во нивните навики поради вашите рецепти?
Видеата предизвикаа поголем интерес од тој што го очекувавме. Бевме поканети на телевизија и други медиуми за да споделиме за проектот и рецептите. Фрлањето на храна сè уште предизвикува неубаво чувство кај повеќето од нас. Станува збор за еден вид на непишан морален закон дека: „Храна не се фрла!“.
Како ги избирате рецептите што ги споделувате и дали имате соработници кои придонесуваат со свои идеи?
Идеите за видеата и рецептите се заеднички одбрани со тимот и нашите волонтери. Пробуваме да бидат што побрзи и лесни за правење за да може секој да проба да ги направи.
Кои се вашите планови за иднината на „Вкуси го отпадот“ и како би сакале да ја проширите оваа иницијатива, со цел да биде уште поимпактна?
За „Гоу Грин“, фрлањето на храната како отпад претставува стратешка тема на интерес во која сака да види промени во општеството. Планираме да продолжиме со секакви иницијативи со цел намалувањето на фрлањето на храната и намалување на негативното влијание што тоа го има за животната средина.