Здравствените права не важат ако сте жена од село
Недостапен и непристапен јавен превоз, намалени шанси за вработување, намалени можности и вклучување во високото образование, недостиг од чиста вода за пиење, лоша инфраструктура, непостоење амбуланти, ниту достапен лекар… Сето ова се одразува на женското сексуално и репродуктивно здравје на жените што живеат во рурални подрачја
Кристина Михајловска
„Каков гинеколог во ова село!? За да стигнеш до гинекологот ти требаат пари и автомобил, а во селово ретко кој може да си го дозволи тоа!“ ни одговори една жителка на село Тработивиште кога ја прашавме дали користи гинеколошки услуги во нејзиното место на живеење. Жените од Тработивиште, но и од околните села во Делчевско, со години се соочуваат со проблем што директно влијае врз нивното сексуално и репродуктивно здравје. Пандемијата со ковид-19 дополнително ја влоши состојбата, бројот на вработени лекари и гинеколози во амбулантите се намали, а одредени автобуски линии што водат од селата кон градот сосема се укинаа.
Бројките покажуваат дека во руралните делови на Делчево и на Пехчево 90 проценти од жените немаат матичен гинеколог и дека голем број жени посетиле гинеколог само еднаш до двапати во изминатите 10 години.
Во овој регион има еден матичен гинеколог, кој ја посетува амбулантата три дена во неделата. Гинекологот е од Делчево и е невозможно да ги прегледа сите жени во градот и од околните села како што се Црник, Градец, Разловци. Затоа, предност им се дава на бремените жени – било да станува збор за редовен преглед или за пораѓање.
Ова е реалност во поголемиот дел од руралните средини во Македонија. Жените од селата секојдневно мака мачат со (не)достапен и (не)пристапен јавен превоз, намалени шанси за вработување (затоа што нема потреба од ваква работна сила), со намалени можности и вклучување во високото образование (од финансиски и од социјални причини). Некои од нив немаат ни чиста вода за пиење. Сето ова се одразува на женското сексуално и репродуктивно здравје: хламидија, гонореја, ХПВ, кандида се меѓу најчестите инфекции, а во одредени случаи, здравјето драстично го влошуваат и состојби како рак на грлото на матката.
Ова е жежок проблем на кој и развиените земји во Европа не се имуни, па затоа и Советот на Европа препорачува државите да обезбедат квалитетен транспорт, но и услови за добивање гинеколошки услуги во руралните средини. На пример, во Полска за да се извршат гинеколошки прегледи постојат мобилни гинеколошки клиники како и „mammo buses“, односно мобилни амбулантни возила што вршат скенирање гради со цел навреме да се дијагностицира рак на дојка.
Најзагрижувачки проблем – неинформираност за здравствените права
Дали животот во помала средина наметнува бариери што за жените значат недоволна грижа за сопственото сексуално и репродуктивно здравје? Дали, покрај жените, и мажите од руралните средини треба да бидат поинформирани?
Во директна комуникација со жителите од прилепското село Канатларци, откривме какви се потребите и предизвиците на жените од руралните средини, кога е во прашање нивното сексуално и репродуктивно здравје. Дел од жените со кои беше спроведена анкета споделија дека никогаш претходно не биле на гинеколошки преглед затоа што не чувствувале никакви симптоми на инфекција или немале генетски заболувања на репродуктивните органи. Споделија и дека биле обесхрабрени да посетат гинеколог доколку лекарот е маж. Поради ова сознание, освен економските и инфраструктурните пречки, посочуваме и дека жените од рурални средини се спречени да посетат гинеколог и поради социјалниот фактор.
Од сите проблеми на кои наидуваат жените од руралните средини, меѓу најзагрижувачките е проблемот со неинформираноста за нивните права, меѓу кои е и правото на здравствено осигурување, кое вклучува примарна здравствена заштита, превенција, следење на состојбата на бременоста, како и достапноста на лекови, терапии и слично.
Сексуалното здравје како табу-тема
Во одредени делови од земјата сексуалноста и сексуалното здравје се табу-тема, а посетата на гинеколог што е од машки пол е сериозна пречка доколку средината е конзервативна.
Тука, доаѓаме до суштинското прашање – што кога поголемиот дел од овие неопходни работи се недостапни за жените? Кој е одговорен за обезбедување на основните сексуални и репродуктивни права?
Државата, како заштитник на човековите права и на јавното здравје, се залага за обезбедување еднаков и недискриматорски пристап до здравствени услуги.
Правото на здравје е универзално човеково право. Ова важи и за пристапот до информации и услуги за сексуално и за репродуктивно здравје и зад него стојат многубројни национални стратегии и договори. Сепак, зошто жените од рурални средини немаат олеснет пристап до гинеколошки услуги?
Еве неколку одговори што во ниту еден случај не смеат да ја оправдаат моментната ситуација. Во помалите средини каде што живејачката се обезбедува преку земјоделство, сточарство или овоштарство, е економски неисплатливо да се отвори приватна гинеколошка ординација поради тоа што локалното население е повозрасно, или, пак, затоа што статистички има повеќе мажи отколку жени.
Истото важи и за пристапот до средства за контрацепција – жителите од помалите градови или руралните средини имаат пониски месечни примања и / или користат права од социјалната заштита поради што не можат да си дозволат средства за контрацепција. Во нашата држава, ниту едно средство за контрацепција не се наоѓа на позитивната листа лекови. За разлика од ова, во земјите од Европската унија, дури 90 проценти од популацијата имаат пристап до бесплатни средства за контрацепција, а поголемиот дел од нив може да се најдат во позитивната листа на лекови. Во трката за успех и за надградба на знаењата, целиот потенцијал е преселен во урбаните средини – што е уште една причина поради која во помалите места не може да се најде гинеколог, дерматолог и уролог.
За да им го обезбеди на жените од руралните средини тоа што го гарантира Уставот – право на (репродуктивно) здравје – државата мора да инвестира во подобра инфраструктура и изградба на нови амбуланти во близина на секоја рурална средина и задолжително да обезбеди матичен гинеколог, кој континуирано ќе се грижи за нивното сексуално и репродуктивно здравје.
Доколку, пак, во средината не постои таков профил, тогаш државата треба да обезбеди поволности и можни субвенции за давателите на гинеколошки услуги во рурални средини.
За да се користат гинеколошките услуги, мора да постои свест кај граѓаните за важноста од редовната и постојана грижа за своето сексуално и репродуктивно здравје, а тоа може да се постигне преку воведување сеопфатно сексуално образование во наставата или едукативни трибини / предавања за млади мажи и жени, но и за повозрасните. Кај нас, овој процес е стигнат до пилот-проект и во тек се обуки на наставници за поголем сензибилитет на ова поле, и во зависност од тековните состојби, веќе од следното полугодие учениците би можеле да се сретнат со пилот-верзија на ССО. Еднакво ефективни мерки се и вклучувањето средства за контрацепција на позитивната листа на лекови и обезбедувањето навремена патронажна грижа. Само така, родителството ќе можат да го планираат и жителите од рурални средини, а бремените жени ќе имаат стручна поддршка пред и по породувањето.
Без сексуално и репродуктивно здравје нема здравје. Затоа е толку неопходен сеопфатниот и бесплатен пристап до гинеколошки услуги, без разлика на местото на живеење, етничката припадност или возраста.
(Авторката е координаторка на младински центри и на мобилна гинеколошка амбуланта во ХЕРА)