Женски гласови од руралниот Полог: уметност што ја надминува географијата
Од малите тетовски села Камењане и Жеровјане, до галерии и концертни сцени. Ова е приказната за две жени кои преку уметноста го пронашле својот глас и ја носат културата на својата заедница многу подалеку од местото од каде што потекнуваат и географски, туку и преку културата што ја споделуваат со пошироката публика.
Пишува: Стина Ибиши
Концепт, видео, дрон и монтажа: Артан Ибиши
Шар Планина.
Под неа, селото Камењане. Уште малку подолу – Жеровјане. Меѓу малите села, се развиваат приказни што ретко стигнуваат до јавноста. Од овие тивки места, каде животот се одвива далеку од големите сцени, доаѓаат две жени кои преку уметноста го пронашле својот глас.
Едната го раскажува светот преку бои и платно. Втората, преку музика и сцена. Нивните патишта започнуваат во мали училници, училишни клупи и семејни дворови. Нивната уметност пак, денес зборува многу подалеку од границите на селото.
Од училишната клупа до сцената
Сопранот Бесарта Муртезани потекнува од Жеровјане. Преку нејзината работа таа придонесува за афирмација на богатото музичко наследство на албанската култура и неговото претставување пред поширока публика. Настапувала како специјална гостинка на концертот на светски познатата оперската дива Ермонела Јахо во Скопје. Зад себе има и бројни настапи со лирски песни и соработка со познати уметници од регионот.
– Не ни помислував дека еден ден ќе се вратам во оваа училница, каде што некогаш учев како дете- вели таа, седејќи во училиштните клупи во основното училиште „Лирија“ во селото.

Во руралните средини кај нас, жените, особено оние од немнозинските заедници, често се соочуваат со двоен предизвик: и како жени, и како припаднички на етнички заедници кои поретко се видливи во јавниот простор. Истражување покажува дека жените од немнозинските заедници често остануваат недоволно застапени во јавниот и културниот живот, а нивниот придонес ретко добива медиумска видливост. Во исто време, традиционалните родови улоги и очекувања, според кои жените се главно одговорни за семејството и грижата за домаќинството, значително го ограничуваат времето и можностите за професионален и креативен развој.
Токму затоа, приказните на уметници како Бесарта Муртезани имаат посебна тежина. Тие покажуваат дека и покрај стереотипите кои владеат за жените од руралните места, и покрај ограничените можности, жените од малите средини, со сигурност можат да изградат уметничка кариера и да станат носителки и важни зачувувачки на културното наследство во својата заедница. Нивните успеси се потсетник дека културата не се создава само во големите градови, туку и во малите места. Онаму каде талентот, традицијата и упорноста се пренесуваат од генерација на генерација.
Денес, Муртезани е дел од Државниот ансамбл за албански песни и ора во Република Северна Македонија. Таа појаснува дека многумина знаат да се срамат дека доаѓаат од рурална средина. Гордоста за местото од каде што доаѓа пак, за Муртезани, отсекогаш била дел од нејзиниот идентитет.
– Денес тоа воопшто не е проблем, бидејќи времето се промени. Но кога јас започнував, беше потешко и полно со предрасуди. Ако ги разгледуваме биографиите на големите уметници, често ќе забележиме дека многу од нив потекнуваат од рурални средини – вели таа.
Уметноста како дел од идентитетот
Ениса Ајрули е сликарка која потекнува од Камењане. Нејзините дела често се дел од изложбите во тетовските галерии.

– Уште во детството го забележуваа мојот талент за уметност и сликарство. Во училиште, наставничката по ликовно редовно ја ценеше мојата работа и често ги користеше моите цртежи како пример за другите ученици – раскажува Ајрули за „Лице в лице“.
Токму тоа рано охрабрување, вели таа, имало големо влијание врз неа.
– Ми даде самодоверба и ме мотивираше да продолжам да го развивам мојот талент. Со текот на годините, страста кон сликарството се претвори во сериозна посветеност. Денес уметноста е суштински дел од мојот идентитет и од моето професионално патување – вели Ајрули.
Да се биде уметник, а особено уметничка од мало село, признава таа, носи и свои предизвици.

– Во малите места можностите се ограничени и уметноста не се цени доволно. Но токму тоа што доаѓам од мало место ми даде идентитет, култура и инспирација. Верувам дека талентот не зависи од големината на местото, туку од страста и посветеноста – вели Ајрули.
Приказни што инспирираат
Приказните на Ениса и Бесарта покажуваат дека талентот може да никне и во најмалите средини, а уметноста може да биде мост што ги поврзува луѓето и заедниците.
-Кога ќе ги видам моите соселани како доаѓаат на моите концерти и ми честитаат, чувството е навистина посебно. Тогаш гордоста е заемна – како што се тие горди на мене, така сум и јас горда на нив – вели Муртезани.
Погледнете ја нивната приказна во видеото подолу.
Приказните на Ајрули и Муртезани се дел од поширока реалност со која се соочуваат многу жени од руралните средини во нашата земја. Иако нивниот придонес во заедницата е значаен, можностите за образование, професионален развој и јавна видливост често се ограничени. Според податоците за родова еднаквост во земјата, жените и натаму се помалку активни на пазарот на труд, со стапка на вработеност од околу 37,9 проценти, што е значително пониско од онаа кај мажите.
Оваа сторија е реализирана со финансиска поддршка од Европската унија, во рамките на Reporting Diversity Network. Содржината е единствена одговорност на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот