Лице в лице тема, Магазин, Час по родови прашања

 Интернетот – опасен простор за насилство и вознемирување

Време на читање: 5 минути

Дигиталниот простор сериозно потфрли во својата улога за унапредување на демократското општество. Не само што не успеа да ја унапреди состојбата со насилството и дискриминацијата, туку придонесе за нивно зголемување и создавање опасен простор во кој повторно ранливите во едно општество, стануваат уште поранливи, без соодветна заштита

Бојана Јовановска

Развојот на дигиталниот простор и разновидните алатки за комуникација доведоа до многу промени во секојдневниот живот. Технолошкиот развој придонесе за значајно олеснување и подобрување на секојдневното функционирање. Истовремено, создаде и нова арена за продолжување, но и за продлабочување стари проблеми. Од една страна, пристапот до интернет прераснува во секојдневна потреба за комуникација, но и за економско засилување. Оттука, почнува да се гледа низ призмата на основни човекови права. Од друга страна, со зголемената пристапност се продлабочуваат и проблемите поврзани со негова злоупотреба, како и предизвиците за заштита од ваквите негативни појави. Еден од главните предизвици е да се одговори на прашањето која е границата меѓу нешто што претставува слобода на говор и вознемирување.

Жените и девојчињата се несразмерно поизложени на насилство во дигиталниот простор

Можноста да се биде анонимен и непостоењето физичка комуникација доведе до зголемување на храброста на учесниците во дигиталниот простор. Некои од нив не избираат зборови, ниту начин да ги пренесуваат мислења, што многу често вклучува и споделување вознемирувачка содржина. Вознемирувањата и нападите многу често доаѓаат од анонимни профили, таканаречени „ботови“. Тие што користат виртуелни приватни мрежи и кои лесно можат да ја прикријат својата трага во дигиталниот простор. 

Дигиталниот простор, пред сè, социјалните мрежи, овозможија вокализација на голем број индивидуи, кои ја немаат таа можност во светот надвор од интернет. На овој начин, голем број маргинализирани лица добија алатка преку која можат да ги изразат своите потреби. Но, место демократска средина што ќе овозможи развој на општеството, се претвори во простор каде што се крши автономијата на личноста. Покрај тоа што има сериозни последици по менталното здравје, неретко претставува закана и за физичкиот интегритет. И мажите и жените се жртви на насилство во дигиталниот простор. Истражувањата покажуваат дека жените и девојчињата се несразмерно поизложени на овој вид насилство. Последиците може да бидат многу посериозни. Покрај психолошките последици, може да се случи и самоцензура и исклучување од јавниот живот. 

Всушност, диспропорционалната засегнатост на жените со феноменот на родово базирано насилство во физичкиот свет се прелеа и во дигиталниот простор. Основата за оваа појава може да се лоцира во негувањето на патријархалниот систем на вредности, во чиишто рамки опстојуваат традиционалните родови улоги и стереотипи.

Во овој систем, инфериорната позиција на жената во јавната сфера е очигледна. Секој обид за јавно вокализирање на нејзините ставови и потреби отскокнува од оваа матрица. Преку заплашување и деградирање на нејзината личност, крајната цел е нејзино замолчување и истиснување од јавниот дискурс. Дополнително, неопипливоста на дигиталниот простор придонесе за амнестирање на неговите негативни влијанија. Па, оттука, и за девалвирање на сериозноста на насилството на интернет како нешто што постои и останува таму некаде, во некој виртуелен свет, без притоа да се земат предвид ефектите што ги има во физичкиот свет. 

Една од десет жени доживува насилство на интернет

Image by Freepik

Според податоците на Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE), и покрај тоа што интернет-просторот е релативно нов канал за комуникација, се проценува дека една од десет жени веќе има доживеано одредена форма на насилство на интернет уште од 15-годишна возраст. Голем дел од жените и девојчињата се изложени на различни форми на вознемирување, кои вклучуваат закани за силување, убиство, физичко насилство, добивање слики и видеа со сексуална и вознемирувачка содржина, споделување лични фотографии, одмаздничка порнографија итн. И покрај тоа што како сторител може да се јави партнер или поранешен партнер, колега, пријател, сепак, најчесто се случува да е лице што жртвата воопшто не го познава. 

Податоците од едно истражување на Хелсиншкиот комитет за човекови права од 2021 година, кое беше спроведено врз 300 испитаници од три средни училишта во земјава, покажа дека 78 проценти од испитаниците се изјасниле дека биле жртви на вознемирување во дигиталниот простор. Од нив, најголем број се жени и припадници на ЛГБТИ заедницата, категории што се воедно и најчести жртви и во физичкиот простор. Меѓутоа, тоа што особено загрижува е што 11 испитаници изјавиле дека имале суицидни мисли откако биле подложени на овој вид вознемирување.

Дигиталниот простор е недоволно законски регулирана област

Неминовно е да се спомене влијанието што го имаше пандемијата на ковид-19, која драстично го промени начинот на живот и целосно ги трансформираше социјалните трансакции. Голем дел од комуникацијата и социјализацијата се префрли во дигиталниот простор. Меѓутоа, сразмерно со порастот на родово базирано насилство, како резултат на пандемијата, се зголеми и насилството врз жените во дигиталниот простор.

Место со својата револуционерност да придонесе за трансформација на родовите улоги, дигиталниот простор прерасна во континуум на патријархалните структури и придонесе за зацврстување на традиционалните родови улоги во општеството. 

Очигледно е дека развојот и воспоставувањето соодветни заштитни механизми не е во состојба ни приближно да ја следи брзината на еволуирање на дигиталниот простор. Ова е забележливо во непостоењето соодветна законска регулатива, што е случај и во високоразвиените земји, но и во нашата. Дигиталниот простор во земјава е област што е недоволно позната, а воедно и недоволно законски регулирана. Речиси не постои национално законодавство во полето на заштита од родово базирано насилство во дигиталниот простор. 

Законска регулатива не значи и соодветна примена

И покрај тоа што случајот „Јавна соба“ ја разбранува јавноста и укажа на несоодветното постапување на институциите, а особено на правните празнини за заштита на жртвите, особено полнолетните, сепак не се случија позитивни промени. Законот за спречување и за заштита од насилство врз жените и семејното насилство вклучува дефиниција на сексуално вознемирување преку интернет. Се дефинира како секое вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има цел или последица повреда на достоинството или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација. Меѓутоа, веќе две години по донесувањето на законот, кој во голема мера е во согласност со Истанбулската конвенција, сè уште не се донесени измените на Кривичниот законик во насока на криминализирање на делата што се предвидени со него. Оваа правна празнина ги остава жртвите на насилство во дигиталниот простор без заштита. Дополнителен проблем е што една од предложените измени на Кривичниот закон е воведување на новото кривично дело демнење, кое ќе го опфати и дигиталниот простор, но во својата дефиниција не го адресира сексуалното вознемирување бидејќи не е секое сексуално вознемирување демнење, како што беше во случајот со „Јавна соба“. Меѓутоа, и покрај тоа што би бил значаен чекор, донесувањето законска регулатива не значи и нејзина соодветна примена. Кај нас, Министерството за внатрешни работи, преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, е единствена институција што има пристап до механизми за собирање докази во дигиталниот простор и постапката за лоцирање на насилниците е тешка и бавна и најголем дел од постапките трае предолго и завршува со неуспех. Затоа и најголем дел од жртвите се откажуваат од барање заштита. 

Дигиталниот простор сериозно потфрли во својата улога за унапредување на демократското општество. Не само што не успеа да ја унапреди состојбата со насилството и дискриминацијата, туку придонесе за нивно зголемување и создавање опасен простор во кој повторно ранливите во едно општество стануваат уште поранливи, без соодветна заштита.


(Авторката е кооординаторка на проект во Хелсиншкиот комитет за човекови права)

Фотографија1: Image by Drazen Zigic on Freepik

Напишете коментар