Лице в лице интервју, Магазин

Интервју со Елена Костоска, фриленсерка: Потребна ни е поголема динамика во прифаќањето нови трендови на пазарот на труд

Време на читање: 6 минути

Глобалниот пазар е вашиот терен, а вашата награда за авантуризмот и за посветеноста кон вашата професионална визија се сите предизвици што ќе ги пресретнете и надминете во текот на кариерата

Елена Костоска, како фриленсерка, но и како млада лидерка на големи тимови, гледа честа и брза динамика во светот на работата. Својот пат го опишува како креативен и авантуристички, а за личниот развој вели дека е еден од главните двигатели во пејзажот на кариерата. Последниве осум години работи во маркетинг и менаџмент оддели на компании, а се вклучила и во стартап-заедницата. Тоа значи и паралелна работа на лични проекти, но и водство на фирми од САД.

– Со секоја искачена планина имам научено нова перспектива, која ми помогнала да соработувам подобро со луѓе. Со секоја книга учам нови и интересни метафори и, секако, со секоја медитација си помагам себеси целосно да се фокусирам на работа. Практикувајќи благодарност и присутност можам да создадам безбедна средина за тимот што го водам – вели Елена, со која разговаравме за перцепцијата на светот на работата, нејзина, лична, но и на генерацијата на која ѝ припаѓа.

Да ги истражуваме сопствените граници

Колку вредностите и верувањата што ги носи поединецот придонесуваат кон успех и напредок? Што е клучно за тој да стане најдобрата верзија од себе?
Нашите вредности и верувања се самата инспирација кон успехот и развојот на едно лице. Но, што е клучно за да станеме најдобрата верзија од себе? За мене, тоа е да се решиме да бидеме авантуристи во својата сопствена приказна, да ги истражуваме границите и да се посветиме на својот личен развој. Само со ентузијазам, постојано учење и посветеност можеме да создадеме своја, интересна и успешна приказна, која ќе биде нашата омилена авантура.

Каква е твојата перцепција, колку младиот човек од Македонија се охрабрува да верува и да гради вредности што се предзнак на новото време или, пак, сѐ уште робува на некои стари концепти? Дали ни треба поголема динамика во тој трансфер на свест?
Мојата перцепцијата е дека има млади луѓе од Македонија што се охрабруваат да веруваат и градат вредности што се соодветни за новото време. Исто така, ги има и тие што сè уште се посветени на старите концепти. Сметам дека има потреба од поголема динамика во трансферот на свест и прифаќањето на новите трендови и барања на пазарот.

Успеваме ли да го надминеме самосожалувањето, потценувањето како нација? Како влијае ова на позиционирањето и на развојот на поединецот?
Не. Како колектив сè уште не успеваме да го надминеме самосожалувањето и потценувањето во генерален контекст. Често си кажуваме дека не сме доволно добри и нема да успееме во одредени работи. Ова влијае на позиционирањето и на развојот на поединецот бидејќи ги ограничува нашето сопствено верување и самодоверба. Мораме да го промениме овој негативен став и да ги прифатиме својот потенцијал и способности за да можеме да ги достигнеме, надминеме и надраснеме, место да тежнееме кон идеали што не се достигнуваат.

Низ твоето искуство, кој и каде е Македонецот во светот? Каде, пак, во дигиталниот свет? Македонецот во светот е присутен на различни полиња и индустрии. Има успешни Македонци што работат во меѓународни компании, академија, научни истражувања, културни и уметнички сектори и многу други области. Нивните придонеси и постигнувања ги промовираат и го претставуваат нашето име во светот.

Фриленсерството носи слобода, приспособливост и автономија

Ти си една од поборниците за развојот на фриленсерството во Македонија. Зошто фриленсер?

Фриленсерството е како да се качиш на врвот на највисоката планина и да ги гледаш сите можности што ти се отвораат пред очите. Тоа е предизвикот да бидеш храбар и да работиш независно, да истражуваш нови области и да се избориш со предизвиците што доаѓаат со нив. Тоа е искуство полно со адреналин и приказни што ќе ги споделуваш со другите. И исто како и со секоја друга планина, врвот на една планина е подножјето друга и така се нижат нови цели и достигнувања.

Прави ли овој начин на работа разлика по возраст, според придобивките што ги носи? Дали повозрасните луѓе имаат можности за овој трансфер или се верни на потрадиционалниот концепт на работа?
Фриленсерството може да биде одлична можност и за повозрасните луѓе. Тоа им дава можност да ги искористат своето богато искуство и знаење и да ги претворат во успешна кариера како фриленсери. Замислете ја за момент оваа приказна за способен архитект што со помош на технологијата го исполнил своето време со интересни и стимулативни проекти од секој дел од светот и си ја исполнил желбата да работи на нови и поинакви креативни проекти.
Фриленсерството не е толку распространето во постарите демографски групи само поради тоа што не се толку блиски со технологијата и со трендовите и мислам дека е прашање на време кога ќе почнат да ги користат тие придобивки и практика во насочувањето во кариерата. Тие трендови, исто така, се моментно во подем.

Во една пригода кажа: „Слободата е најскапото нешто, а патот до неа е одговорноста“. Каков беше патот до твојата слобода?
Патот до мојата слобода беше тежок и зависеше од мојата посветеност и работа. Со презентирање на целосна одговорност и преземање иницијатива, го создадов сопствениот пат што ме одведе до слободата во која уживам денес. Можам да бидам одговорна за проекти што се вредни милиони и да го изберам тимот со кој ќе работам, таквото ниво на слобода е сè што побарав и посакав од работното место.

Како се станува фриленсер? Како се гради оваа кариера и како се стигнува до глобалниот пазар? Каков тип поддршка е потребна на почетокот?
За да станете фриленсер треба да бидете смели и решени да ја искористите слободата што ви ја нуди оваа кариера. Можете да патувате по светот, да истражувате нови култури и средини, а во исто време да ги надградувате вашите вештини и мрежата на соработници и на клиенти. За да проникнете на глобалниот пазар, треба да бидете подготвени да преземете предизвици и да работите со клиенти од различни делови на светот. Глобалниот пазар е вашиот терен, а вашата награда за авантуризмот и посветеноста кон вашата професионална визија се сите предизвици што ќе ги сретнете и надминете во текот на кариерата.

Кои се предностите што ги носи работата фриленсерството за младите луѓе? Дали е тоа работа од иднината?
Слобода, приспособливост и автономија се главните придобивки што ги нуди оваа работа. Можноста да заработуваш колку што сакаш на месец, односно ти сам избираш со колку клиенти ќе контактираш / соработуваш, можноста да работиш од каде и да си во светот, во кој дел од денот ти е најудобно. И, секако, една од најважните карактеристики е што можеш да избираш со кого соработуваш.

Очекувано, овие придобивки се чинат привлечни, но дали тоа значи дека иднината на традиционалната работа е фриленсинг?
Веројатно не, поради тоа што нема доволно компании што го имаат прифатено овој начин на соработка, но се предвидуваат трендови како комбинирана работа да бидат 30-40 проценти од пазарот на трудот до 2050 година. Начинот на традиционалната работа ќе биде видоизменет со хибрид, комбинирана работа, како и со други видови што би биле иницирани од трендовите во иднина.

Во рамките на „Рекономи“ на импакт-фондација работеше како менторка за млади фриленсери. Каков ти е впечатокот од работата со младите? Што е добро, што може да се подобрува, каква поддршка е потребна?
Работата со младите фриленсери е впечатлива, со ведрина, ентузијазам и иновативност. Потребни се подобрување на англискиот јазик, менување на начинот на размислување и активна работа на самодовербата. Предизвикот е да им помогнеме да го преминат прагот на ирационалното прашање: „Зошто некој би ме избрал?“
Би рекла дека секое патување почнува со првиот чекор и доколку некој не може да ве најде, нема како да ве избере. Сите некогаш сме биле почетници, а тоа, место како страшна работа, би требало да го гледаме како интересно, ново и авантуристичко чувство.

Со регулирање на правата на фриленсерите, ќе бидеме на светската мапа на повеќе индустрии.

Дали системот е доволно отворен за да ги слушне потребите на младите луѓе?
Дали работи во прилог на подготовка на соодветен контекст за младите да останат тука?
Системот има тенденција да биде целосно отсутен во однос на модерните текови и верувам дека е потребно со поголеми чекори да се вклучи во целиот тој процес. Секако, од заемен интерес е да се регулираат некои права и обврски на слободните соработници и со тоа ние да бидеме на светската мапа на повеќе индустрии. Можеме да земеме пример од некои балтички држави, кои со своите мерки успеаја да станат технолошка оаза за развој на ИТ-индустријата.

Дали нашиот систем поттикнува работа како фриленсер или, пак, ја забавува? Каде ја гледате неговата улога? Во што треба да се интервенира? Што да се подобрува? 
Нашиот систем моментно е во почеток на поттикнување на работата како фриленсер, но уште има потреба од дополнителни законски регулативи и поддршка за да го заштити и охрабри овој вид работа. Не сметам дека секоја насока во која сме тргнати со охрабрување ќе се докаже како продуктивна, но се надевам дека од сите тие експерименти, ќе научиме и примениме нешто повеќе. Моментно сме сè уште во рана фаза, каде што има курсеви и книги што влегуваат на пазарот, но потребно е време за да оцениме дали тие курсеви се потребни. 

Подготви: Тим на „Лице в лице“

Ова интервју е објавено во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи темата за решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапно е на овој линк .

Напишете коментар