Пробувам да им помогнам на другарите и другарките во маките, да им дадам поддршка, да ги извлечам од телефоните и да ги однесам некаде на друго место… но, тешко е да спасиш некого кој не сака да биде спасен. Пробувам да го кажам она што го мислам преку цртежи, стрипови, слики, приказни, но до колку луѓе реално можам да допрам со нив? Еден човек не може веднаш да реши сѐ… Но, тоа не значи дека треба да се откажеме! Затоа, би ја цитирала активистката Малала Јусафзај: „Кога целиот свет молчи, дури и еден единствен глас станува моќен“, споделува младата стрип авторка Магдалена Марјановиќ, која со својот стрип „Зора“ го освои првото место на конкурсот „Кон родовата еднаквост преку уметност“.
Ако во првите 5-8 секунди не го задржиш вниманието на младите, не си направил/а содржина за нив!
Дур ова ми одѕвонува во умот, атеншн спенот (ако има преведувач меѓу вас, драги читател/ки, плс пишете, ќе едитирам), стотинките вртоглаво паѓаат и може и веќе овие вредности паднале на 3-5 секунди!
Внимание од 5 секунди бе! Ќе трепнам 5 пати и толку?!
Па како да се бориме со ова?
Се присетувам на содржините во печатеното (и овде, на веб) „Лице в лице“ кои се најмалку 2000 зборови. Е, ај да го видам тој „Чет Џипити“ што ќе напише текст од 2000 зборови за видео кое трае 5 секунди! А, а, а!? Си летам со паметот… Кој не направи стартап со вештачка интелигенција којшто ќе прави аналитички текстови од краткосекундните видеа кои ги гледаат децава (и не само тие), еве на! Хмм, уште да имаше пазар за оваааа….
Наидувам на информација за победниците (поточно, победничките) на конкурсот „Кон родовата еднаквост преку уметност“ на Националниот младински совет на Македонија и на Мрежата Стела. Прво место: Магдалена Марјановиќ и Душица Димитровска. Второ место: Ангела Петрушевска, трето Јана Марковиќ. Специјална награда од жири комисијата: Аника Божиновска.
Магдалена, или Маги, како што ја викаат нејзините блиски, ја знам од малечка. Публиката на „Лице в лице“ ќе се присети на двете сестри, Марија и Маги и интересните видеа кои ги снимаа и објавуваа на „Јутуб“, со кои поттикнуваа читачки навики кај децата.
Со неполни 14 години, сега, деветоодделенката од основното училиште „Гоце Делчев“ од Ресен, Магдалена Марјановиќ го освои првото место на овој конкурс. Всушност, го дели првото место со професионалната стрип авторка Душица Димитровска. Темата е „Кое е твоето чудо?!“ и беа повикани стрип автор(к)и и илустратор(к)и кои со своите дела ја поттикнуваат дискусијата за родовата еднаквост и поттикнување позитивни општествени промени.
Навистина, голем залак за тинејџерка.
Тука некаде дојде и мојата љубопитност – да отвориме некои прашања со Маги, како што ја викаат нејзините блиски и, како исклучително талентирана авторка, да ја претставиме пред публиката на „Лице в лице“. Маги веќе 10 години живее во Преспа. Се сретнавме откако таа дојде на еден ден во Скопје, за да ја земе наградата и да си го види стрипот на изложба. Разговаравме за цртање, за уметност, за родовата еднаквост, за различности, за начините на кои сега комуницираат младите, за нејзините идеи, инспирации. Но, Маги не сакаше да се фотографира ниту да се снима… Епа ајде да направиме интервју.
Си реков, ако вниманието и неа ѝ е 5-8 секунди, како ќе ѝ правам пишано интервју за „Лице в лице“? Па нема ни прашањата да ги прочита! Брзо сфатив дека таа не е типична претставничка на Генерацијата Z…
Ах тие стереотипи и предрасуди куп…
Интервјуто е во продолжение.
Која е Маги? Во што уживаш, кои се твоите интереси?
Јас сум едно повлечено, самокритично 13-годишно девојче со голема љубов и страст кон уметноста. Постојано мислам и премислувам нешто, давам сѐ од себе и се трудам да се подобрам колку што можам (како личност и како уметник), да се изразувам, и да продолжам понатаму без разлика колку е тешко и колку сум несигурна.
Уживам во цртањето, сликањето со водени бои, анимацијата, добри филмови, серии и стрипови, времето поминато со блиските, со моето куче и со природата, движењето, трчањето, часовите по џудо…
Главни интереси ми се ликовната уметност, анимацијата, стриповите и музиката, а исто така ме интересираат и боречките вештини и психологијата.
Која беше твојата инспирација за Зора?
Многу нешта ме инспирираа, не можам да издвојам само едно нешто… Многу голема инспирација ми се Студио Гибли и режисерот Хајао Мијазаки, чии филмови секогаш имаат многу душа, силни, одлучни и впечатливи ликови, прекрасен стил и прекрасна приказна со многу слоеви. Тука се и серијата „Arcane“, и стрипот Tokyo Ghost, со кои бев опседната додека го правев стрипот. Донекаде се гледа нивното влијание во него – Зора потсетува на главните ликови – по изгледот, по тоа што е мајстор во паркур, по верувањата, приказната е поставена во урбана средина…
Но, можеби најмногу ме инспирираа самиот живот и моите лични чувства и мисли… Мојата борба самата со себе (за надминување на границите и продолжување понатаму и покрај сѐ) и мојата желбата за изразување и за промена во светот. Сето ова го всадив во Зора. Гневот кон предрасудите и родовата нееднаквост (што ги гледам насекаде околу мене) си го изразив така што на Зора ѝ дадов тешко минато, полно трауми и ужасни луѓе, со цел да покажам како е човек да биде угнетуван и потценуван. Ѝ дадов голема сила и упорност, за да покажам дека секој, без разлика дали е машко или женско, може да постигне многу, ако не се откажува и дава сѐ од себе. Природно ми дојде преку Зора да изразам и колку е тешко човек да е сам, колку е прекрасно кога човек ќе си го најде „вистинското семејство“, со луѓе што ќе го поддржуваат, сакаат и ценат поради она што навистина е, колку е важно да се имаат такви луѓе во животот и колку е важно да бидеме такви луѓе.
Опиши го процесот на изработка на стрипот.
Накратко, душата си ја извадив.
Еден или два месеца долго ги смислував приказната, ликовите, што сакав да пренесам, како сѐ сакав да изгледа итн. На крајот на јули отидов на турнеја во Полска со играорното друштво и се вратив по две недели, преморена. Одвај се натерав (по некое време одолговлекување) да ги финализирам сценариото и текстот и да се фрлам на работа. Кога конечно почнав да го цртам стрипот, 10-тина дена пред крајниот рок, се почувствував како да имам заборавено да цртам. Сѐ ми одеше многу споро. Се мачев со наједноставните работи, цртежите ми испаѓаа крути и несигурни… Дури да ги нацртам првите 4 страници, ми летна цела една недела. Имав 3 дена да доцртам уште толку страници, да ги обојам во Photoshop, да ги наредам панелите и текстот и да го пратам стрипот. Не јадев, не спиев, само цртав. Плачев 24/7 и сто пати ќе се откажев, да не беше татко ми, кој постојано ме тераше да продолжам понатаму и никако да не се откажувам. На крајот, успеав да го завршам стрипот навреме, а згора на тоа и се подобрив во цртањето! На 20-ти август го пратив по имејл каде требаше. Следниот ден ми стигна известување дека рокот бил продолжен дури до 15-ти септември. Размислував да направам измени, да поправам некои работи, но немав сила, сакав само да спијам и ништо друго.
Стрипот за мене е…..
Стрипот за мене е многу посебен, моќен начин на изразување и на раскажување приказни. Ги има секакви – и кратки и едноставни, и долги, динамични и сложени, и квалитетни, и неквалитетни. Некои ти ја затоплуваат и исполнуваат душата, а некои, пак, ти го параат срцето и како демони те јадат одвнатре… Во мојот живот, тие ми се начин да избегам од реалноста, или да се соочам со неа така што ќе се изразам и ќе го извадам од себе она што ми тежи на душата – место со зборови, со стрип.
Верувам имаш и други стрипчиња. Каде можеме да видиме повеќе твои дела?
Се разбира дека имам и други стрипови, но повеќето што ги имам досега целосно завршено си ги чувам за себе. Во моментот цртам еден стрип што планирам наскоро да почнам редовно да го објавувам на webtoon под насловот “My Little Comic”. Имам и други поголеми проекти што можеби за неколку години исто ќе ги објавувам таму или на некоја друга платформа.
Кои се за тебе твоите херои?
Моите најголеми херои се моите прекрасни родители и сестра! Тие се откачени, секогаш искрени и свои, совршени се со сите нивни мани и недостатоци. Секогаш се тука за мене и ми даваат сила и смисла во животот како никој друг. Потоа, херои ми се сите оние луѓе кои се трудат да направат позитивна промена во светот, кои се искрени, мудри и упорни и имаат бескрајно многу љубов во себе.
Како ти гледаш на предизвиците на младите денес? Кој е најголемиот предизвик кој го имате?
Не знам колку ги познавам денешните млади за да одговорам на ова прашање. А и секој човек си е посебна приказна и има многу различни предизвици. Но, според она што го знам за моите пријатели и врсници, мислам дека еден од најголемите предизвици за младите денес е да живеат во реалниот свет. Да излезат од екраните, да ги искусат животот и природата самите, и да пронајдат мир и смисла во нив. Речиси сите мои пријатели и врсници се опсесивни, депресивни, главите им се преполни со триста глупости и повеќе живеат во телефонот одошто во реалноста.
Како ти би го решила истиот тој предизвик?
Искрено, не знам. Понекогаш само сакам да прифатам дека сѐ во светов е наопаку и да си терам со животот, трудејќи се барем себеси да си помогнам. Но, не можам да трпам да гледам како сѐ околу мене се распаѓа. Пробувам да им помогнам на другарите и другарките во маките, да им дадам поддршка, да ги извлечам од телефоните и да ги однесам некаде на друго место… но, тешко е да спасиш некого кој не сака да биде спасен.
Пробувам да го кажам она што го мислам преку цртежи, стрипови, слики, приказни, но до колку луѓе реално можам да допрам со нив? Еден човек не може веднаш да реши сѐ… Треба многу напор, посветеност и дарба за да стигнеш до позиција од која ќе може да те видат и слушнат сите, па и тогаш, проблемот нема да е целосно решен. Но, тоа не значи дека треба да се откажеме! „Кога целиот свет молчи, дури и еден единствен глас станува моќен“, како што вели активистката Малала Јусафзај.
Желни сме да видиме повеќе од рацете и умот на Маги… Работиш ли на нешто слично периодов?
Да, работам на стрипот “My Little Comic”, кој планирам да го објавувам на интернет, поглавје по поглавје. Идејата е да биде едноставно, откачено стрипче што ќе ми помогне полека да се градам како стрип-цртач. Подоцна, ќе објавам поголеми стрипови со посложена приказна, поразвиен стил итн. Многу е различно од „Зора“; стилот е едноставен, како од цртан филм (cartoony), главниот лик е интровертно девојче кое само сака да црта и да спие (инспирацијата сум јас, ако не се гледа), приказната е поставена во мало гратче и се врти околу нејзиното секојдневие, школските денови, откачени мистерии и чудни суштества.
Тука е крајот на интервјуто, со оваа фраерска фотка од Маги.
Јавете ми плс за колку секунди го прочитавте 😉
Фотографии: Андреј Марјановиќ
Прочитајте и за други теми
- Со згрижувачките семејства во борба против насилството: СОС Детско Село во поддршка на најранливите
- Вечерва Ability Awards 2024 – свеченост што ја слави инклузивноста!
- Панел дискусија во „Јавна соба“: Родовата еднаквост – клуч за спречување на насилството врз жени и девојчиња
- Мирко Илиќ и „Толеранција“ доаѓаат во Скопје
- „Мојот антикорупциски дневник“ – младите против корупцијата преку едукација и отпорност