Пандемијата изроди многу инспиративни акции што говорат за човековата дарежливост. Многу често предводени од поединци што имаат цел да помогнат и да ги олеснат последиците предизвикани од кризата во која сме сите. Без разлика дали со збор или со пари, хуманите граѓани помагаат каде што можат и со што можат. Кај луѓето се разбуди солидарност и изгради столбови на кои можат да се потпрат во овие времиња на неизвесност
Човекот ја покажува својата вистинска природа во кризни времиња. Стравот го вади најлошото од некого, но постојат поединци што служат за пример и кои нѐ исполнуваат со надеж дека војната меѓу доброто и злото не е загубена. Светот денеска се соочува со еден од најбезмилосните непријатели. Ковид-19 сее страв и паника низ целиот глобус. Оваа пандемија нѐ измести од своите лежишта. Вирусот што ги измести сите држави и нивните економии, навлезе и во нашата психа. Во вакви околности се појавија пријателите на беспомошните, кои со себе ги носат хуманоста и солидарноста. На почетокот на пандемијата сведочевме колку стравот може да ги разбуди паранојата и себичноста кај луѓето. Гледавме празни полици во маркетите, испразнети рафтови во аптеките, хистеричното купување средства за дезинфекција и маски, количини со кои може да се презими, без притоа да се води сметка за другите. Но, како што одминуваше времето, а пандемијата немилосрдно се ширеше, така се појавија инспиративни примери.
На дело се покажа човековата дарежливост. Македонските медиуми известуваа за акции предводени од поединци што имаа цел да помогнат и да ги олеснат последиците предизвикани од кризата. Без разлика дали со збор или со пари, хуманите граѓани помагаа каде што можат и со што можат. Солидарноста се разбуди кај луѓето и изгради столбови на кои можат да се потпрат во овие времиња на неизвесност.
Хуманост од вена
Петре Ристовски е новинар во ТВ 24, љубител на спортот, кој до пред неколку години тренирал фудбал. Благодарение на него животот на еден татко и свекор е продолжен. Петре решил да донира крвна плазма и да ја ублажи болеста кај 76-годишен човек, кој се наоѓал во тешка здравствена состојба на Клиниката за инфективни болести.Приказната на Петре покажува дека вирусот корона не ги избира луѓето, напаѓа и стари и млади, од сите слоеви на општеството и без оглед на вера или нација. Можеби затоа и преовладува чувството дека сите сме во иста каша. Ја прележал короната за неколку дена со релативно ниска температура и без никакви други симптоми. Речиси како настинка. Еден месец откако оздравел, преку Здружението на новинари, кое организираше своите членови да се тестираат за антитела, направил тест за антитела. Имал антитела и, според испитувањата, Петре се квалификувал како солиден донатор. Откако ги добиле резултатите од Институтот за имунобилогија, на социјалната мрежа „Фејбук“ виделе дека се бара крвна плазма за 57-годишна жена. Петре ја немал бараната крвна група, но решил, сепак, да стапи во контакт. Го упатиле да го пополни формуларот за донатори на веб-страницата на Институтот за трансфузиска медицина и на тој начин да му помогне на некој што сѐ уште се бори со болеста.
– Три месеци по првото тестирање за антитела, имав помалку, но сè уште можев да донирам – додава тој.
За првпат во животот Петре донирал крв, која потоа била третирана за да се одвои плазмата. Додека бил сè уште на Трансфузилогија, му заѕвониле од непознат број. Пациент со неговата крвна група имал потреба од крвна плазма. 76-годишниот човек бил во тешка здравствена состојба, а неговото семејство трагало по соодветен донатор. Петре побарал на Институтот неговата крвна плазма да заврши кај овој човек.
– Уште додека дарував крв ми се јави синот на човекот. Тој четири дена лежел во ковид-центарот до Инфективна клиника. Крвната плазма му била речиси како последна шанса за живот – вели тој.
Три дена откако Петар ја донирал крвта, крвната плазма, конечно, стигнала кај него. Здравствената состојба веднаш му се подобрила.
– Не разбирам како може да остават да чека кога понекогаш минути се во прашање. На Трансфузиологија ми рекоа дека од мојата крв може да се помогне на тројца пациенти. Планирам повторно да дарувам, но следен пат ќе можам дури по три месеци, на почетокот на февруари, доколку сè уште имам антитела. Чувството дека твојата крв може да спаси живот е бесценето. Убаво е кога можеш да помогнеш некому – ни вели тој.
Крвната плазма не гарантира дека пациентот ќе се излекува од болеста, но сигурно помага во лекувањето и ги ублажува симптомите. Петре смета дека е потребна кампања со која би се подигнала свеста кај луѓето. Доволно е, вели, мал процент од заразените што се излекувале да донираат крвна плазма.
– Треба да им се направи анкета на сите што биле позитивни и ако имаат антитела и сакаат да даруваат крв, да им се земе. Да даруваат десет проценти од тие што прележале корона, ќе има доволно – порачува Петре.
Дарители на крвна плазма барале пациенти на кои им треба
Преку социјалните мрежи сѐ повеќе се шират апели со кои се бараат донатори на крвна плазма. Откако ќе бидат постирани, нив ги споделуваат стотици луѓе и за кратко време се наоѓа донатор со соодветна крвна група. Луѓето успеваат да ја забрзаат постапката, но институциите и понатаму ја запираат. Па ако во еден ден заразен со корона, кој лежи во болнички кревет, успее да најде соодветен донатор, тој, сепак, ќе почека една недела, а некогаш и повеќе, да ја добие крвната плазма.
Тина Мицковска работи во Зоолошката градина во Скопје и успеала навреме да најде донатор со крвна плазма за мајката на нејзината пријателка. Работата била итна и неодложна. Тина го споделила својот апел на „Фејсбук“ и за кратко време го споделиле околу 400 луѓе, а по еден час почнал да ѕвони и телефонот.
– Сè уште сум изненадена колку хумани луѓе имаме и колкав беше одѕивот на тие што сакаа да донираат од срце иако процедурата бара повеќе време. Телефонот не престана да ѕвони и во текот на ноќта. Ги упатив да пополнат прашалник на страната на Трансфузиологија и од таму ги повикуваа за донирање – вели Тина.
Откако ја примила крвната плазма, пациентката почнала да закрепнува и нејзината здравствена состојба значително се подобрила. Брзо потоа била пуштена од клиниката каде што била хоспитализирана.
Стотина луѓе со крвната група што ја барала Тина се јавиле на телефонот и се понудиле да бидат донатори. Откако го пополниле прашалникот, на потег била Трансфузиологија да контактира со нив и да ги повика. Тина имала контакти од доброволни донатори, требало само да се најдат и заболени на кои им треба плазма.
– Во наредните денови повторно видов апели за крвна плазма од истата група и, за среќа, веќе ги имав контактите од донаторите, па успеаа да се спасат повеќе животи. Од тие луѓе со кои бев во контакт, знам дека се помогна на четворица пациенти. Сѐ уште сум искрено одушевена од сите тие тивки херои што спасија животи – додава таа.
Тина, како и Петар, смета дека лекувањето со крвна плазма може да биде помасовно. Тие што ја прележале болеста можат многу лесно да им помогнат на тие што сè уште се борат со неа, но прво треба да се тестираат за антитела.
– Сите што сакаат да донираат, да не чекаат да се појави некој апел, туку да контактираат со Институтот за трансфузиологија и навреме да им бидат направени сите испитувања и таа плазма побрзо да стигне до пациентите. Голем дел од пациентите, навистина, имаа подобрување на состојбата од тоа што го знам од нивните фамилии и затоа секој што прележал нека провери дали има антитела и можност да донира – порачува таа.
Приказни за добра ноќ на детска клиника
Јавноста беше пријатно изненадена од една хуманитарна акција, која беше наменета за најмалите пациенти. Волонтери им читаа на болните дечиња на детска клиника и другаруваа со нив за да им ги оттргнат мислите од тешките моменти поминати во болничкиот кревет. Зад акцијата стои невладината организација „САНО“. Оттаму жалат што морале да го паузираат привремено своето волонтерство, но најавуваат дека ќе продолжат веднаш штом ќе се создадат услови.
– Секако ќе продолжиме со нашата инцијатива да читаме приказни за добра ноќ, но прво ќе почекаме да заврши пандемијата и да бидеме сигурни дека не можеме ништо лошо да им донесеме на децата во болничките соби, во смисла на бактерии. Секоја наша посета беше радост за децата, како да им носиме пролет. Тие, буквално, расцутуваа и споделуваа со нас секакви моменти што ги поминале во денот, без разлика дали некакво боцкање или шега со медицинскиот персонал. Нѐ доживуваа како партнери во нивната битка и затоа нема да ги оставиме да бидат сами. Само да помине короната, имаме уште поголеми планови за нив – најавува Марија Тасев, основач на здружението „САНО“.
Акцијата само што зеде замав, мораше да биде прекината. Траеше неколку месеци и не само што донесе радост за децата, туку и малку одмор за родителите, кои се цело време покрај нив. Одушевува тоа што на повикот на „САНО“ објавен на социјалните мрежи се пријавиле повеќе од 80 волонтери, меѓу кои средношколци од гимназијата „Орце Николов“, како и совесни и хумани граѓани. Како што вели Тасев, имале волонтери од сите етнички заедници, па со децата можело да се комуницира на нивниот мајчин јазик.
Оваа акција ќе продолжи по завршувањето на пандемијата.
За време на пандемијата „САНО“ нуди бесплатна психолошка поддршка за тие родители, чиишто деца се хоспитализирани. Родителите може да зборуваат со психолог доколку имаат потреба, или со мотивациски говорник доколку им треба поддршка да ги пребродат тешките моменти.
Кога на хуманоста ѝ истекува трпението
Берберот и хуманитарец Али Февзи стана познат по донирањето пакети со храна за сиромашните. За време на карантинот, Али ги полнеше количките во супермаркетите со прехранбени производи и ги носеше до врата кај луѓето на кои им треба помош. Предност имаа самохраните мајки, родителите што изгубиле работа поради пандемијата или тие што од каква било причина живеат под прагот на сиромаштијата. За да им помогне на социјалните случаи го продаде своето возило. Неговите акции станаа почести и откако беше воведен полициски час. Тој повикуваше луѓето, државата и политичарите да се вклучат во донирањето, но, вели, апелите не допреле до нив. Сега е принуден да ги прекине хуманитарните акциите затоа што, вели, веќе нема средства.
– Им помагам на луѓето од 2014 година, кога го преживеав пожарот што ја зафати мојата зграда. Последниве осум-девет месеци потрошив околу 15.000 евра, од нив само 2.000-3.000 евра беа донации од други луѓе, другото од мој џеб, од своја заштеда и од тоа што го продадов џипот. Жена ми веќе почна да ми се лути, со тие пари можев да уплатам учество за стан – вели тој низ смеа.
Февзи не може да продолжи сам да им помага на стотици семејства што секојдневно му се јавуваат. Своите финансии ги исцрпил и доколку не добие помош, ќе мора да престане да се одѕива на секој повик. Од државата бара да му се олесни процесот на отворање непрофитна организација преку која ќе се делат донациите за да биде заштитен. Од политичарите, големите фирми и од бизнисмените бараа финансиска поддршка.
– Доколку државата, бизнисмените и политичарите останат неми, ќе престанам јавно да помагам. Ќе продолжам да им помагам само на неколку семејства, кои знам дека едвај преживуваат– додава Али.
Секојдневно половина од својата дневна заработка како бербер, ја дава за донација. Сакам да продолжам да помагам, вели, но веќе немам сили.
– Мојата хуманост засега ми е хоби. Ќе продолжам да помагам, но толку колку што можам. Се надевам дека некој бизнисмен или политичар ќе се понуди да придонесе овие акции да продолжат – додава тој.
Дневно Али добива po околу 50 повици. Помошта што ја бараат од него е од секаков тип. Некој бара храна, некој мебел, пари за операција, а некој, пак, бара таблет или лаптоп за децата да можат да следат настава. Луѓето понекогаш од него бараат да им ги плати сметките за струја бидејќи живеат во темнина, а понекогаш, пак, бараат да ги однесе на лекар.
– Во мене гледаат човек на кој може да му се верува и надеж дека ќе ја добијат потребната помош затоа што целосно се откажале од институциите. Но јас не можам да им ги платам сметките за струја и за вода бидејќи се работи за натрупани долгови. И сега од тие луѓе се бара да им обезбедат на децата настава, а немаат струја дома – сведочи Али за апсурдноста на која наишол.
Тој секојдневно ја гледа бедата во која живеат голем број луѓе.
– Бараме да влеземе во ЕУ, да имаме европски стандарди и да живееме европски живот, но, за жал, многу луѓе живеат како во 19 век. Пред врата немаат асфалт, немаат ниту нормална врата, немаат прозорци, немаат струја, уште живеат со свеќа, немаат ни вода – посочува тој.
Споделува дека донирал пакети со храна за семејства во речиси сите градови, помогнал на повеќе од петстотини семејства, а сè почнало од неговиот берберски салон.
– Во салонот доаѓаа луѓе што немаат пари за стрижење. Ме замолуваа да ги стрижам, а дека ќе ми платат кога татко им ќе зел пензија. Прво почнав ним да им помагам. За време на пандемијава многу луѓе останаа без работа и постепено од ден во ден се зголемуваше бројот на тие што ми се јавуваа – вели тој.
Досега Али се водел од идејата дека луѓето во земјава се поделени по секакви линии и дека им треба нешто да ги обедини. Се плаши дека неговата желба за соживот во земјава е тешко остварлива.
– Кризата поради вирусот корона ни покажа дека луѓето се поделени по вера, по партии, дека институциите функционираат само за тие што имаат пари и имаат врски. Сакав да го подигнам моралот кај луѓето, да поттикнам соживот, мислам дека до некаде успеав да го направам тоа. Се надевам, покажав дека не е битно да си богат, да си директор или да си на функција, туку да си добар во душа, така и луѓето ќе те ценат – додава Али.
Кавадарчанецот што усреќи стотици деца со компјутер
Меѓу хуманите дела што се издвоија овој период е и акцијата на Борче Стаменов од Кавадарци, #Донирај компјутер. Борче веќе четири години оспособува веќе користени компјутери и им ги подарува на деца од социјалните семејства, но последнава година неговата акција зеде вистински замав. Како што кажува, за четири години оспособил и донирал стотина компјутери, но последнава година успеал да донира 400.
– Има толку повици што не можам да постигнам да одговорам на сите. Работам на четири компјутери паралелно секој ден додека сум на работа. Ми требаат две до три недели да завршам една тура од 30 компјутери, а потоа ја вклучувам страницата и правам нов список од барања – вели Борче, кој целосно се посветил на оваа акција.
Соработува со граѓански организации, обични луѓе, фирми и институции. ИТ-опремата ја добива од фирми со кои редовно контактирам, а луѓето на кои им треба компјутер можат да го најдат и преку центрите за социјални работи.
Акцијата на Стаменов е испланирана до последен детаљ. Вели дека за секој компјутер има документација од каде дошол и во чиишто раце завршил. Не го заборавил ниту делот со отпадот, па соработува со организација што ги презема деловите што не се употребливи за соодветно да се третираат. Компјутерите на Борче, пред сѐ, завршуваат кај социјалните случаи. Како Февзи Али, така и тој е емотивно погоден од условите во кои живеат овие луѓе.
– Тоа се луѓе што се заборавени од државата. Некои од нив плачат од среќа кога ќе им го дадам компјутерот – вели тој.
Неговиот план е да направи непрофитна организација, со што полесно ќе се менаџира процесот на преземање на компјутерите, нивно оспособување, а потоа и донирање. Работи по 10 часа на ден, но тоа не му пречи. Вели дека убаво се чувствува кога може да помогне некому.
– Оваа работа ти создава и зависност на некој начин. Убаво е кога ќе слушнеш реакција од дете пресреќно што добило компјутер. Стана некој тренд, тие каде што донирам да ми пишуваат песнички, цртаат слики или праќаат видеа. Пред некое време добив видео од цело одделение од едно училиште каде што донирав неколку компјутери. Ми пееја песнички, плачев дома како дете – раскажува тој.
Тоа што најмногу му пречи е тоа што државата не ја врши својата работа во целост за да им помогне на учениците од сиромашните семејства.
– Државата е глува на тие повици. Има луѓе платени за тие работи и треба да се поприсутни меѓу народот. Луѓето не ме разбираат, ми викаат „што имаш ти од оваа работа“. Но не сакам ништо да имам. Сум нашол начин да им помогнам на луѓето и ќе си го терам тоа – додава тој.