Актуелно, Дурбин, Лице в лице став, Магазин

Приватноста е неприкосновено право и на интернет

Време на читање: 5 минути

Тоа што сите граѓани треба да го знаат во врска со приватноста на интернет е дека кликнувањето на копчето „се согласувам“, при инсталирање апликација или отворање профил на социјалните мрежи, има иста законска важност како ставање потпис на хартиен договор 

Филип Стојановски

Илустрација: Зоран Инадески

Човековите права се универзални, важат и во светот на интернет, а законите што ги заштитуваат се применливи и на однесувања на интернет. За човековите права во дигиталната сфера се користи поимот дигитални права. Претставуваат збир од основни човекови права во дигиталното опкружување и ги опфаќаат правото на приватност, правото на заштита на личните податоци, правото на слободно изразување и говор, правото на информирање и авторските права. Познавањето на овие права треба да биде дел од општата култура на една личност, со оглед на сè поприсутното користење на информатичките технологии во секојдневниот и во професионалниот живот.  

Дигиталните права се опфатени со Резолуцијата за промоција, заштита и уживање на човековите права на интернет, усвоена од Советот за човековите права на ОН.
Постојат различни видови пристап за обезбедување законска заштита на човековите права на интернет – некаде постојните закони се доволно сеопфатни, а во некои земји се донесуваат дополнителни закони поврзани со дигиталната сфера или, пак, во постојните се додаваат амандмани и членови што појаснуваат одредени ситуации. Кај нас, на пример, во Кривичниот законик во текот на годините се додадени членови за компјутерски криминал и ширење говор на омраза преку информатички системи.

Приватноста на интернет

Тоа што сите граѓани треба да го знаат во врска со приватноста на интернет е дека кликнувањето на копчето „се согласувам“, при инсталирање апликација или отворање профил на социјалните мрежи, има иста законска важност како ставање потпис на хартиен договор

Со тоа, компанијата што ја води платформата добива право да користи одредени лични податоци на корисникот за разни цели дозволени со договорот. На пример, да оствари профит преку огласи базирани на нив. Според законите за заштита на лични податоци, тоа е сосема легално, ако со потпишување на договорот („правила за користење“) самите корисници дале таква согласност. Затоа е многу важно да се читаат тие договори, затоа што ако веќе сте ги потпишале, нема основа за жалење што платформата користи нечии лични податоци, фотографии и други содржини што самиот корисник ѝ ги ставил на располагање.

Приватноста и пандемијата 

Во услови на пандемија и други кризи, заштитата на правото на приватност има уште поголема важност бидејќи неговото загрозување е директно поврзано со личната безбедност на луѓето со чиишто лични податоци се манипулира. 

Податоците за индивидуалната здравствена состојба се дел од службената тајна меѓу лекарите  и пациентите, но голем број од луѓето би сакале да знаат ако некој нивни сосед или друго лице со кое доаѓаат во контакт е носител на вирусот, дури и ако соседот не би сакал да ги извести за тоа. Арно ама, злоупотребата на такви информации и дезинформации може да доведе до обележување или дискриминација на луѓето на кои се однесуваат.
Од почетокот на пандемијата, досега кај нас немаше случаи на масовно „протекување“ приватни податоци од државни институции во медиуми блиски до одредени политички центри на моќ. Но, такви примери имавме, на пример во 2016 година, како дел од медиумски линч против граѓански активисти и професионални новинари, кога се злоупотребуваа податоци за нивни приходи, незаконски добиени од УЈП. 

Случајот на апликацијата „Стоп корона“

Еден пример што покажува како се испреплетени дигиталните права е случајот со мобилната апликација „Стоп корона“, објавена од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за здравство во април годинава. Апликацијата е алатка со која граѓаните што ќе дознаат дека се инфицирани од вирусот преносител на ковид-19 може да им помогнат на здравствените органи да ги идентификуваат другите лица со кои биле во контакт во текот на претходните 14 дена.  
Корисниците што ја инсталираат апликацијата на своите мобилни телефони, добиваат карактеристична шифра што се однесува на нивниот уред. Доколку физички се најдат во близина  на друг мобилен телефон  на кој е активна апликацијата, тие два уреда разменуваат податоци преку мрежата блутут, која користи радиобранови што имаат дострел од неколку метри. На самиот мобилен телефон се прави список на сите така добиени контакти. Во случај кога корисникот ќе утврди дека е инфициран, со притискање посебно копче, испраќа известување до Министерството за здравство. Со самата постапка на негово лекување, списокот со шифри на контактите се пренесува на серверот на министерството, преку кој тие корисници добиваат известување дека некој што бил во нивна близина пријавил дека е заразен. Тоа овозможува нивна побрза реакција, на пример да се пријават за преглед, при кој ако се утврди дека се инфицирани, може веднаш да почнат со лекување. Како една од главните причини за потешки последици од заразата, па дури и смрт, често се наведува тоа дека луѓето не дознале навреме дека се инфицирани и предоцна почнале со лекувањето.

Kако може да видите што „гледа“ една апликација на вашиот мобилен

Покрај законската заштита, односно можноста корисникот да тужи, заштита на приватноста е овозможена и преку интерните механизми што ги нудат софтверските платформи. Покрај тоа што при самото инсталирање тие јасно укажуваат до кои делови од мобилниот има пристап новата апликација, тоа е многу лесно да се утврди и по инсталирањето. На пример, на „Андроид“, треба да се притисне иконата од апликацијата неколку секунди при што се појавува ново мени со четири опции од кои една е „App info“. Кога ќе се одбере таа опција се појавува екран со информации за апликацијата и можност да се деинсталира. Во делот „Permissions“ е наведено до што има пристап таа апликација – камера, микрофон, снимени датотеки, фотографии, телефон, телефонскиот именик, локација… На пример, апликацијата „Стоп корона“ има пристап само до локацијата.
 

Во случајот со апликацијата „Стоп корона“, единствен личен податок до кој имаат пристап државните органи, откако корисникот своеволно ќе реши да ги извести дека е инфициран, е мобилниот телефон поврзан со карактеристичната шифра добиена при инсталирање на софтверот од „Гугл плеј“ или „Епл стор“.
Иако повеќе од 50.000 луѓе ја имаат инсталирано апликацијата, нејзината поширока употреба беше спречена преку медиумска кампања со која граѓаните беа обесхрабрувани да ја користат. Овие настани покажаа колку е важно за дигиталните права државните органи да изградат доверба преку транспарентност, но и преку спротивставување на дезинформациите. 


Улогата на граѓанските организации за дигитални права

Граѓанските организации за дигитални права ги следат состојбите и предупредуваат доколку има можности за злоупотреба. Така, на пример, кога државните тела најавија дека ваква апликација ќе се користи и кај нас, тимот на Фондацијата „Метаморфозис“ побара информации од другите членки на мрежата за Европски дигитални права – ЕДРИ  за употребата на таков софтвер во земји на ЕУ и пошироко. Како резултат на анализата „Метаморфозис“ упати низа препораки до МИОА, кои се фокусираа на законските обврски, меѓу кои и потребата за што поголема транспарентност преку објавување јасна политика за приватност, документ со кој ќе им се објасни на корисниците како ќе се користат нивните податоци.Државните органи се покажаа отворени за стручните укажувања. По објавувањето на апликацијата, „Метаморфозис“ направи и објави анализа на работата на самата апликација и објавената политика за приватност, при што беше утврдено дека „таа содржи најголем дел од информациите што се потребни за информирање на граѓаните, а со тоа и почитување на принципот на транспарентност при обработката на личните податоци“. Притоа беа објавени дополнителни препораки во согласност со законските рамки и практиката во ЕУ.

Агенцијата за заштита на личните податоци е државно тело надлежно за спроведување на заштитните мерки предвидени со Законот за заштита на личните податоци. Граѓаните што се сомневаат дека нивните права се загрозени може да им се обратат преку веб-страницата DZLP.mk.
Во случај на кривични дела на интернет граѓаните треба да се обратат до Одделот за компјутерски криминал при МВР ([email protected]) и Основно јавно обвинителство.

(Авторот е директор за партнерства и за развој на ресурси при Фондацијата „Метаморфозис“и раководител на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“)

Напишете коментар