ЛИЦЕ В ЛИЦЕ ИНТЕРВЈУ СО ИГОР АНГЕЛОВСКИ, СЕЛЕКТОРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Јавно апелирам сите спортски федерации и спортски клубови, преку соработка со официјалните здруженија што работат со ранливи лица, да им овозможат да бидат составен дел од некој тренажен процес, кој ќе биде предвиден и помогнат од стручни лица затоа што преку спортот може да добијат многу. Тоа се лица што ги имаат истите права како нас, само треба да им овозможиме и да уживаат во нив, вели селeкторот на македонската фудбалската репрезентација, Игор Ангеловски
Исклучително ни е драго што за наш соговорник во овој број го имаме Игор Ангеловски, човекот на кој му успеа нешто што на другите пред него не им успеа. Се бореше со сите предизвици што се појавуваа патем и, сепак, успеа да се пласираме на едно големо натпреварување, какво што е Европското првенство во фудбал. Со него разговаравме за малку поинакви теми од тие за кои многу се зборуваше периодов. Интервјуто го правевме еден ден пред репрезентацијата да тргне за Букурешт, каде што го одигра историскиот натпревар на 13 јуни.
1.Како сте? Каква е атмосферата во нашата репрезентација?
– Сите се чувствуваме супер и не може да биде поинаку кога знаеме дека одиме на едно натпреварување што сите го чекавме 30 години, односно од нашата независност. Чувствата се прекрасни.
2. Фудбалот е тимски спорт во кој сите играчи учествуваат на свој начин. Колку како општество играме тимски, колку ја применуваме афирмацијата „спортот е за сите“? Дали е навистина така, дали и маргинализираните лица се вклучени во него?
– Искрено, секогаш може повеќе и треба повеќе. Сите спортски авторитети треба да се потрудат да влијаат на оваа промена и да направат напори да се вклучат и маргинализираните лица. Тие никако не смеат да останат надвор од спортот затоа што токму преку спортот можат да делат разни вредности, победи, порази, да развиваат здраво тело и здрав дух. Многу ми се допадна вашата реченица „спортот е за сите“ и, навистина, треба да направиме напори да биде така.
3. Од каде треба да почнеме? Последниве години повеќето наши репрезентации бележат успеси, вие како фудбалска, ракометната, одбојкарската… Треба ли да зборуваат малку погласно тие на кои им се слуша гласот и да се обидеме полека да ги придвижуваме промените?
– Секако, секој поединец може и треба да го направи тоа. Јас јавно апелирам сите спортски федерации и спортски клубови, преку соработка со официјалните здруженија што работат со ранливи лица, да им овозможат да бидат составен дел од некој тренажен процес, кој ќе биде предвиден и помогнат од стручни лица затоа што преку спортот може да добијат многу. Тоа се лица што ги имаат истите права како нас, само треба да им овозможиме и да уживаат во нив.
4. Организацијата што е издавач на „Лице в лице“, „Паблик“, спроведе пилот-програма што се нарекува социјално менторство и тука гледам слични предизвици како вашите. Колку вие сте нивниот ментор и на што повеќе давате предност, на тактичката стратегија или на психолошката подготовка на играчите?
– За мене секој сегмент е битен и сето тоа мора да биде вклопено во една целина. И кога целата подготовка ќе биде на едно врвно ниво, тогаш можеме да очекуваме успех. Важни се сите компоненти и сѐ треба да се земе предвид, и нивната психолошка подготовка и тактичката, секако. Едното без другото не може. Доколку која било од овие работи не е направена како што треба, верувам дека тимот ќе има проблеми.
5. Можете ли, според духот на тимот и мотивацијата меѓу играчите, да предвидите пораз или победа пред да биде одигран натпреварот?
– Во екипа во која сте подолго, тоа доаѓа природно. Во овој состав сме сигурно пет-шест години и веќе со поглед се разбираме. Кога се наближува натпреварот, според духот внатре во тимот и односот на фудбалерите, многу често можам да предвидам како ќе заврши натпреварот. Сепак, фудбалот е непредвидлива игра, можете да одиграте на најдобро можно ниво и да не го добиете натпреварот.
6. За вас, многу луѓе го делат впечатокот дека сте им вистински модел на играчите и пример што треба да го следат. Се чувствува довербата што сте ја граделе меѓусебно изминативе години, па некогаш имам чувство дека колку што се радуваа за својот успех, толку се радуваа и за вашиот, како селектор. Имате ли такво чувство за себе?
– Јас сум среќен што работам со вакви момци, кои ѝ ја донесоа на Македонија оваа фудбалска ренесанса, предводени од капитенот Пандев. Се трудев да го сфатат тоа што вие го кажувате… Кога ќе им пристапите чесно, кога соодветно ќе го подготвите натпреварот и кога ќе успеете да изградите меѓусебна доверба, успехот е неминовен. Тие ја имаа мојата доверба сите овие години и јас не го променив тимот. Со тие фудбалери што ги бележеа успесите, со нив и ја продолжив соработката. Тие ја оправдаа таа моја доверба затоа што изминативе четири години тимот навистина бележи промени и успеси.
7. Ќе ве навратам низ годините, кога вредно работевте и се трудевте за овој успех. Во моментов се случува таа ренесанса и имате максимална поддршка од јавноста, но не беше толку лесен патот до тука. Се соочувавте со секакви коментари по социјалните мрежи, дел од нив и со навредлива содржина и со говор на омраза. Разговарате ли со играчите за ова? Колку, навистина, поддршката од навивачите ви е играч плус на теренот, а колку ве демотивираат негативните коментари?
– Јас како индивидуа не можам да го спречам тоа, оставам на нивото на култура на поединецот. За жал, секој може да коментира и од негов личен профил или лажен, но до мене не допираат навредливите коментари. Ние сме јавни личности и сме подготвени и на пофалби и на критики. Јас и низ годините сум концентриран на тоа што го работам и силно верувам во тоа што го работам, верувам во стручниот тим, медицинскиот персонал, а најмногу верувам во фудбалерите. Разговарам и со фудбалерите на оваа тема, сите знаеме што се случува на социјалните мрежи и свесни сме дека не можеме многу да влијаеме на ова. И на фудбалерите што играат во странски тимови и на тие што играат во нашето првенство, јасно ни е дека сме подложни и на критики и на пофалби. Но, ние сме концентрирани на тоа што се случува на зелениот терен и да ѝ носиме радост на македонската нација. Живееме за оние вистински поддржувачи и навивачи и тие секогаш ќе ги носиме во нашето срце, со другите не се оптоваруваме многу.
КРИСТИЈАН МАРКОВСКИ – ЛИЦЕ В ЛИЦЕ СО ФУДБАЛСКИОТ СЕЛЕКТОР ИГОР АНГЕЛОВСКИ
Во репрезентацијата има многу позитивни играчи
Македонската фудбалска репрезентација по 30 години се пласираше и обезбеди учество на Европското првенство. Ова е прва можност од самата независност да настапуваме на едно вакво големо натпреварување. Јас сум Кристијан Марковски, продавач на уличното списание „Лице в лице“, вклучен во програмата Социјално менторство за работна интеграција, која е пилот-проект на „Паблик“ и преку која ми се отвори можност и ми се исполни една од најголемите желби, моето прво интервју да го направам токму со вас, селекторот на фудбалската репрезентација. Со цело мое срце ви ја пуштам мојата позитивна енергија за репрезентацијата и мислам дека ќе направите историски успех.
– Ти благодарам Кико.
Кој фудбалер е најпозитивен во репрезентацијата и дали тој влијае за подигнување на духот во екипата?
– Во репрезентацијата има многу позитивни играчи, но, ако треба да издвојам еден од играчите, тоа би бил Езџан Алиовски.
Колку време ви е потребно за да подготвите еден важен натпревар и дали се случило да ја смените тактиката пред самиот почеток?
– Не, не се случило да ја сменам тактиката, а за подготовка, го користам секој момент. Мора да имаме разни сценарија за секој напревар, да се приспособиме за текот на натпреварот. Секој момент е важен и го користам да ја анализирам противничката екипа.
Ако дадете гол на некој од натпреварите, може ли да ни дадете дрес како подарок? – Еве, јас ви ветувам дека ќе добиете дрес од тој играч на македонската репрезентација, кој ќе го постигне првиот гол на ова Европско првенство.