Граѓаните можат, Магазин

Чувството за другиот ни носи колективно будење

Време на читање: 4 минути
Моето искуство како волонтер во село во Словенија, работејќи со луѓе со попреченост, ме на­те­ра да се потсетам на коренот, суштината што значи да се биде човек и како сите треба да гледаме ед­ни на други - со чистина и без предрасуди
Фотографии: „Барка“, Словенија  

Во „Барка“ пристигнав на петти февруари, заедно со мојот долгогодишен пријател Аммар. Веднаш ми беше јасно дека ова место е поинакво од сите на кои бев навикнала. Владее атмосфера на мир, спо­кој и на искреност.
Ме­сто­то каде што се наоѓа „Барка“ во Словенија е Збиље, село недалеку од Љубљана, во кое се на­о­ѓа и волшебното Збиљско Езеро. Организацијата има три куќи – „Сончева куќа“, каде што сме сме­сте­ни, куќата со работилниците и куќата на Виножитото, каде што се сместени останатиот дел од лицата и другите двајца волонтери од Германија.  

Во „Барка“ дојдов поради потребата да искусам нешто што никогаш претходно не сум го работела и да се обидам да се вклопам во поле во кое хуманоста е првобитна карактеристика. Ста­ну­ва збор за непрофитна, хуманитарна, добротворна организација што им овозможува на ко­рис­ни­ци­те дневна нега, работилници за развој на вештини и на интереси, институционална грижа. Ов­де тие живеат заедно со волонтери и со асистенти.

„На­ша­та мисија е да му ги претставиме на светот даровите на лицата со интелектуална по­пре­че­ност и да работиме заедно кон создавање похумано општество. Нудиме дом и работно оп­кру­жу­ва­ње каде што нивната единственост и разлика се гледаат како дар, а не како товар“, се вели на сај­тот на организацијата, која произлегува од француската „L’Arche“, создадена во 1964 година, ко­ја сега има повеќе од 130 заедници низ целиот свет и каде што луѓето со и без интелектуална по­пре­че­ност живеат во заедница.

Во­лон­те­ри­те и работниците доаѓаат од целиот свет за да обезбедат поддршка на лицата со ин­те­ле­кту­ал­на попреченост. За „Барка“ е впечатлив принципот на еднаквост – сите вработени се ед­на­кви со корисниците, лица со интелектуална попреченост. Така се и третирани, не како поинакви, ами како луѓе што се уникатни и функционираат на свој начин.

Во домот на „Барка“ сите се добредојдени и само поради ковид-19 работите не функционираат ка­ко претходно и не може со леснотија да дојде кој било човек и да нè посети, да зготви нешто, да ја почувствува прекрасната атмосфера што владее овде и која поттикнува љубовта и милосрдието да се дел од сите нас. 

Поглед на свет низ очите на децата

Мо­е­то искуство овде ме натера да се потсетам на коренот, суштината, што значи да се биде човек и како сите треба да гледаме едни на други – со чистина и без предрасуди. Научив колку се зна­чај­ни меѓусебното почитување и поддршката. Некои навидум едноставни постапки, кои при­до­не­су­ва­ат кон подобро општество, општество повредно за живот, поемпатично, повдахновено, по­при­јат­но и попосакувано.

Ма­рин­ка е една од лицата што многу брзо ми прирасна за срце. Таа секогаш, кога и да ме види со своите очи од кои блеска светлина, вели: „Ооо, лепа млада пунца“, или во превод на ма­ке­дон­ски: „Ооо, убава млада девојка“. Јас ѝ одговарам на тоа со: „Маринка ти си лепа“, а таа со својата нај­и­скре­на насмевка бликнува од среќа, среќа на каква што јас, навистина, ретко наидувам. По­доц­на, пак, комплиментите од нејзина страна стануваат уште почести. Без разлика каков ден да сте имале, доволно е само да го погледнете нејзиното лице и сфаќате дека таа ја има сета чистина на светот.

Сфа­ќам дека овие луѓе не умеат да осудуваат, гледаат на светот со очи какви што имаат децата – не­ви­ни, без знаење дека таму има толпа, маса луѓе што се дели, склона е да осудува, а, веројатно, не­ма соодветно објаснување зошто го прави тоа.

Гле­дај­ќи како може овој свет да функционира и колку малку е потребно за колективно будење, ми се враќа надежта и мотивацијата да верувам дека сум, веројатно, на добар пат, на кој сосема слу­чај­но се најдов. Ова за мене е надоврзување на мојата потреба да помагам, да сочувствувам со дру­ги­те, да давам нешто и некаков дел од себе, со цел „да бидам дел од промената што сакам да ја видам во светот“, како што кажал Ганди. Без разлика што сега е комерцијализирана оваа фраза, се­пак е соодветна и укажува на потребата од добрина, од емпатија, од алтруизам. Ова се ка­ра­кте­ри­сти­ки од еден свет, кој небаре ја изгубил смислата да се дава, да се споделува, без да се оче­ку­ва што било за возврат, чисто од побуди на лично задоволство, кое настанува затоа што некому сме му помогнале, кон некого или нешто сме несебични, срдечни, кротки.

Повеќе ние учиме од нив, отколку тие од нас

Не­ве­ро­јат­на е желбата и мотивацијата за безрезервната поддршка на овие луѓе, кои постојано ра­бо­тат со лицата со попреченост. Веројатно ја црпат од самите лица што престојуваат овде затоа што самата работа со нив за нас претставува благодат, инспирација и постојано може нешто да се на­у­чи од нив, од нивниот начин на функционирање, нивните размислувања и од специфичноста на нив­но­то битисување и присуство.
Ов­де постојано учам дека ние сме тие што учиме повеќе од нив, отколку спротивно. Вработените и ние, волонтерите, често се прашуваме за своите постапки и тежнееме постулатите на ме­ѓу­себ­на­та комуникација да ги базираме на почит и на исклучително разбирање за другиот. Да се помага зна­чи да се има чувство за другиот,  а со суштествувањето за другиот сме поблиску до надв­ла­де­ју­ва­ње на колективното добро.

Ху­ма­но­ста, човекољубието и добрината се вродена карактеристика. Човекот не е зол, во нашата при­ро­да многу далеку и сеопсежно историски гледано ние сме опстојале токму поради потребата и увидувањето дека за хомосапиенсот да преживее е неопходно да споделува, да дава за да до­бие нешто за возврат, што претставува заемен акт на емпатија и на човечност. Мојата верба во лу­ѓе­то не ми дозволува да се потпирам на онаа Хобсова мисла дека човек на човека му е волк, на­про­тив! За да создадеме едно попријатно и посолидарно општество прво треба да ги отфрлиме мис­ли­те дека човештвото е безнадежно, а дека човекот се наоѓа на последно место.

(Автор­ка­та е волонтерка и преведувачка по шпански јазик и книжевност)

Напишете коментар