Чувството за другиот ни носи колективно будење
Моето искуство како волонтер во село во Словенија, работејќи со луѓе со попреченост, ме натера да се потсетам на коренот, суштината што значи да се биде човек и како сите треба да гледаме едни на други - со чистина и без предрасуди
Фотографии: „Барка“, Словенија
Во „Барка“ пристигнав на петти февруари, заедно со мојот долгогодишен пријател Аммар. Веднаш ми беше јасно дека ова место е поинакво од сите на кои бев навикнала. Владее атмосфера на мир, спокој и на искреност.
Местото каде што се наоѓа „Барка“ во Словенија е Збиље, село недалеку од Љубљана, во кое се наоѓа и волшебното Збиљско Езеро. Организацијата има три куќи – „Сончева куќа“, каде што сме сместени, куќата со работилниците и куќата на Виножитото, каде што се сместени останатиот дел од лицата и другите двајца волонтери од Германија.
Во „Барка“ дојдов поради потребата да искусам нешто што никогаш претходно не сум го работела и да се обидам да се вклопам во поле во кое хуманоста е првобитна карактеристика. Станува збор за непрофитна, хуманитарна, добротворна организација што им овозможува на корисниците дневна нега, работилници за развој на вештини и на интереси, институционална грижа. Овде тие живеат заедно со волонтери и со асистенти.
„Нашата мисија е да му ги претставиме на светот даровите на лицата со интелектуална попреченост и да работиме заедно кон создавање похумано општество. Нудиме дом и работно опкружување каде што нивната единственост и разлика се гледаат како дар, а не како товар“, се вели на сајтот на организацијата, која произлегува од француската „L’Arche“, создадена во 1964 година, која сега има повеќе од 130 заедници низ целиот свет и каде што луѓето со и без интелектуална попреченост живеат во заедница.
Волонтерите и работниците доаѓаат од целиот свет за да обезбедат поддршка на лицата со интелектуална попреченост. За „Барка“ е впечатлив принципот на еднаквост – сите вработени се еднакви со корисниците, лица со интелектуална попреченост. Така се и третирани, не како поинакви, ами како луѓе што се уникатни и функционираат на свој начин.
Во домот на „Барка“ сите се добредојдени и само поради ковид-19 работите не функционираат како претходно и не може со леснотија да дојде кој било човек и да нè посети, да зготви нешто, да ја почувствува прекрасната атмосфера што владее овде и која поттикнува љубовта и милосрдието да се дел од сите нас.
Поглед на свет низ очите на децата
Моето искуство овде ме натера да се потсетам на коренот, суштината, што значи да се биде човек и како сите треба да гледаме едни на други – со чистина и без предрасуди. Научив колку се значајни меѓусебното почитување и поддршката. Некои навидум едноставни постапки, кои придонесуваат кон подобро општество, општество повредно за живот, поемпатично, повдахновено, попријатно и попосакувано.
Маринка е една од лицата што многу брзо ми прирасна за срце. Таа секогаш, кога и да ме види со своите очи од кои блеска светлина, вели: „Ооо, лепа млада пунца“, или во превод на македонски: „Ооо, убава млада девојка“. Јас ѝ одговарам на тоа со: „Маринка ти си лепа“, а таа со својата најискрена насмевка бликнува од среќа, среќа на каква што јас, навистина, ретко наидувам. Подоцна, пак, комплиментите од нејзина страна стануваат уште почести. Без разлика каков ден да сте имале, доволно е само да го погледнете нејзиното лице и сфаќате дека таа ја има сета чистина на светот.
Сфаќам дека овие луѓе не умеат да осудуваат, гледаат на светот со очи какви што имаат децата – невини, без знаење дека таму има толпа, маса луѓе што се дели, склона е да осудува, а, веројатно, нема соодветно објаснување зошто го прави тоа.
Гледајќи како може овој свет да функционира и колку малку е потребно за колективно будење, ми се враќа надежта и мотивацијата да верувам дека сум, веројатно, на добар пат, на кој сосема случајно се најдов. Ова за мене е надоврзување на мојата потреба да помагам, да сочувствувам со другите, да давам нешто и некаков дел од себе, со цел „да бидам дел од промената што сакам да ја видам во светот“, како што кажал Ганди. Без разлика што сега е комерцијализирана оваа фраза, сепак е соодветна и укажува на потребата од добрина, од емпатија, од алтруизам. Ова се карактеристики од еден свет, кој небаре ја изгубил смислата да се дава, да се споделува, без да се очекува што било за возврат, чисто од побуди на лично задоволство, кое настанува затоа што некому сме му помогнале, кон некого или нешто сме несебични, срдечни, кротки.
Повеќе ние учиме од нив, отколку тие од нас
Неверојатна е желбата и мотивацијата за безрезервната поддршка на овие луѓе, кои постојано работат со лицата со попреченост. Веројатно ја црпат од самите лица што престојуваат овде затоа што самата работа со нив за нас претставува благодат, инспирација и постојано може нешто да се научи од нив, од нивниот начин на функционирање, нивните размислувања и од специфичноста на нивното битисување и присуство.
Овде постојано учам дека ние сме тие што учиме повеќе од нив, отколку спротивно. Вработените и ние, волонтерите, често се прашуваме за своите постапки и тежнееме постулатите на меѓусебната комуникација да ги базираме на почит и на исклучително разбирање за другиот. Да се помага значи да се има чувство за другиот, а со суштествувањето за другиот сме поблиску до надвладејување на колективното добро.
Хуманоста, човекољубието и добрината се вродена карактеристика. Човекот не е зол, во нашата природа многу далеку и сеопсежно историски гледано ние сме опстојале токму поради потребата и увидувањето дека за хомосапиенсот да преживее е неопходно да споделува, да дава за да добие нешто за возврат, што претставува заемен акт на емпатија и на човечност. Мојата верба во луѓето не ми дозволува да се потпирам на онаа Хобсова мисла дека човек на човека му е волк, напротив! За да создадеме едно попријатно и посолидарно општество прво треба да ги отфрлиме мислите дека човештвото е безнадежно, а дека човекот се наоѓа на последно место.
(Авторката е волонтерка и преведувачка по шпански јазик и книжевност)