Децата не се раѓаат со предрасуди
Ако ги надминеме предрасудите во една област, тие полесно ќе паднат во некоја друга. Целта ни е да ги инспирираме луѓето да направат промени преку позитивни примери и идеи, вели Пер Јохансон, основач на театaрот „Глада Худик“ во Шведска, чијашто проектна иницијатива се воведува како пилот-проект и во четири скопски основни училишта. Главната цел е менување на начинот на размислување на светот за лицата со интелектуална попреченост
Анета Ристеска
Постојат многу разлики меѓу едно дете што живее и расте во Шведска, Латвија, Грузија, Македонија… Но има и нешто што ги поврзува. Тоа е иницијативата на театарот од Шведска, „Глада Худик“, кој, со многу сензибилитет, ги води младите низ заедничко растење во личности со вредност, свесни за придобивките од борбата против предрасудите, за прифаќањето и за почитувањето на различностите, стремежот кон демократија, хуманост, директниот контакт и средби со лицата со попреченост.
На различниот не му е лесно
Ова патешествие на инклузивно сензибилизирање кај децата, на возраст од 9 до 12 години, кога почнуваат да градат мислење, од оваа година, е пилот-проект и кај нас, насловен „Децата не се раѓаат со предрасуди“, поддржан од Шведскиот институт.
Театар „Глада Худик“ (во превод: „Весел Худик“), е активност на шведската општина Худиксвал, но првично е основан во 1996 година од страна на Пер Јохансон. Концептот на ова, слободно би можеле да го наречеме и движење, бил контроверзен за тоа време и целосно различен од вообичаените сфаќања. Донел еден нов начин на размислување, нов приод, нова нарација.
Членови на театарот се актери со пречки во развојот, како и лица со нормални пречки. Главната мисија на нивното дејствување е менување на начинот на размислување на светот за лицата со интелектуална попреченост. Овој театар силно верува дека образовната програма е таа што треба да ги едуцира учениците за содржината и за значењето на човековите права, за детските права во согласност со Конвенцијата за децата, како и за малцинствата и за нивните права.
„Лесно е општеството да се опише со убави зборови како толеранција и различност. Реалноста зад овие убави зборови најчесто е поинаква. На различниот не му е лесно. Во светот на телевизиските сапуници и естетската хирургија сите треба да изгледаат идентично. Многумина се исплашени, се чувствуваат отфрлено и се мразат себеси бидејќи не се вклопуваат во таа лажна слика за идеалот. Овие вредности се пренесуваат на нашите деца, кои го имитираат светот на возрасните“, велат од театарот „Глада Худик“.
Според неговиот основач, Пер Јохансон, интеграција не значи дека сите се еднакви, туку значи дека треба да научиме да почитуваме, да научиме да прифатиме дека сме различни.
– Ние од театарот „Глада Худик“ сме убедени дека една од алатките за подобра инклузија е „средба со луѓето од онаа страна на границата“. Затоа, посакуваме средбите со различностите да бидат на што поприроден начин, каде што сите ќе научат по нешто ново. И тие што ќе се осмелат да истапат и јавно да говорат за својата попреченост, и тие што ќе се осмелат да ја препознаат различноста и да ја прифатат, да растат како личности. Ако ги надминеме предрасудите во една област, тие полесно ќе паднат во некоја друга. Целта ни е да ги инспирираме луѓето да направат промени преку позитивни примери и идеи – вели Јохансон.
За работа на театарот се снимени и неколку документарни филмови, кои се емитуваат во најгледаните термини на шведските телевизиски канали, а актерите и ансамблот на театарот стануваат вистински идоли.
Сликата за импактот на влијанието на театарот „Глада Худика“ ни ја проширува и Љиљана Илиевска, неуморна промоторка на шведската култура во Македонија, до неодамна вработена во Шведската амбасада во Скопје, а сега в пензија:
– Театарот „Глада Худик“, на некој начин, е природно продолжување на развојот на шведското општество на почетокот на 70-тите години од минатиот век, кога почна процесот на инклузија на лица со попреченост во секојдневниот живот. За почеток, тие веќе не беа под клуч. Но, ми се чини дека тоа беше и најлесниот дел од почнатиот процес на инклузија. Најтешкиот дел допрва претстоеше. Токму тогаш, една или две децении подоцна, се формира „Глада Худик“, кој работи со предрасудите и со отпорот кај народот во прифаќањето на лицата со посебни потреби. Времето, вербата и напорната работа даде резултат. Мисијата на овој театар да ги ослободи луѓето од нивните сопствени стравови, предрасуди, отпор, омраза кон овие лица успешно работи повеќе од две децении. Денес, „Глада Худик“ во Шведска, но и пошироко, е препознатлива марка што создаде платформа за директна средба на и успешно ги брише овие наметнати карактеристики, на големо задоволство и на едните и на другите.
Филмови и претстави што менуваат перцепција и надминуваат обележување
Театарот „Глада Худик“, низ својата работа, настојува да создаде важни активности за лицата со интелектуална попреченост, притоа овозможувајќи им да го прават тоа во кое се добри, со цел да го поттикне нивниот развој. Низ своето 24-годишно постоење, овој театар доживува голем успех и преку претставата „Елвис“, преку филмот „Важноста на врзувањето на сопствените чевли“, но и со модерната интерпретација на „Волшебникот од Оз“, како и со филмот, „Модна писта“, во авторство на тимот на театарот.
Познато е дека квалитетот на едно општество се проценува според тоа каква е политиката на инклузија на лицата со одредени пречки во развојот. Ја прашувам, што е тоа што нашата земја треба да го менува, да го научи од Шведска или, конкретно, од проекти како овој, за да важи за (по)инклузивно општество?
– Квалитетот на едно општество се препознава по слободата, во секоја смисла на зборот, на граѓаните на тоа општество. Или, колку тие се чувствуваат слободни. Мислам дека земјава сѐ уште не е таму, но, јас сум среќна што тргнавме. Останува да го изодиме најтешкиот пат. Да ги убедиме луѓето дека лицата со посебни потреби не се опасни, дека не може да влијаат лошо на нас и нашите деца туку дека се ресурс што треба да се искористи. Најдобриот начин за отфрлање на овој, јас би рекла товар, е директната средба со нив, да се запознаеме, заедно да се смееме и плачеме, да се гушкаме, да не ги сожалуваме. Театарот „Глада Худик“ може да ни помогне многу полесно да го поминеме тој пат. Тие имаат искуство што за нас може да биде драгоцено – одговара Илиевска.
Од каде доаѓаат предрасудите?
„Бев изненаден колку луѓето со попреченост може да живеат нормален живот, како и сите други“. „Не знаев дека луѓето со попреченост може да бидат актери, и тоа многу ме изненади затоа што мислев дека тие не можат да работат“.
Ова се само дел од мислењата на скопските ученици што поминаа низ работилниците на пилот-проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, кој со мало одложување, поради пандемијата, во нашата земја почна да се спроведува од октомври.
Координаторката за Македонија, Наташа Димитровска, од Здружението за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“, вели дека активностите во рамки на проектот веќе ги дале првите позитивни резултати.
– Во земјава се одбрани четири училишта што ќе бидат дел од овој пилот-проект, три општински и едно приватно, интернационално училиште. Децата досега покажаа огромен интерес и љубопитност и за работилниците што ги предвидува програмата, која отвора низа важни прашања. Со учениците се разговара за теми поврзани со отуѓувањето, дискриминацијата, психичкото малтретирање на работното место, врсничкото насилство, Конвенцијата за правата на детето од ООН. Како дел од проектот, на младите им се прикажува и филмот „Колку брусници има во светот?“. Во него учествуваат актери со пречки во развојот и актери со нормални пречки. Атмосферата и дискусиите по проекциите се, навистина, инспиративни и полни со важни одговори за развојот на учениците – вели Димитровска.
Како се наоѓа другарче? Дали различностите се добри за нашето општество? Дали се однесуваме полошо кон некои луѓе само поради тоа што се различни? Што за тебе значат зборовите почит и толеранција? Од каде доаѓаат предрасудите? Од другарчињата? Од возрасните? Од весниците? Од радиото и телевизијата? Од нешто друго?
Ова се само дел од прашањата на кои учениците одговараат усно или писмено, а притоа имаат и средби со лица со попреченост, кои јасно говорат за предизвиците со кои се соочуваат. За жал, пандемијата го промени првичниот план за директни средби, па тоа беа разговори на „Зум“, но суштината и целта на овие разговори остана иста – градење толеранција и свесност за важноста од прифаќање на различноста. Димитровска нагласува дека позитивната повратна информација од учениците е само дополнителна мотивација за сите нас да се стремиме кон создавање општество без предрасуди.
Во овој проект се вклучени основните училишта од Скопје: ООУ „Љубен Лапе“ и ООУ „Блаже Конески“ од општина Аеродром, ООУ „Св.Кирил и Методиј“ село Стајковци и Интернационално училиште „Максимилијан“. Досега низ активностите поминаа 380 деца. Сите тие, преку различни начини на мотивација, се сретнаа со содржини што ги подготвуваат да бидат граѓани што ќе придонесуваат кон демократско и инклузивно општество, каде што секое човечко суштество има право на достоинствен живот. Всушност, вредноста на еднаквиот третман е една од клучните пораки што ја добиваат младите.
– Горди сме и благодарни што запознаваме фантастични луѓе што сакаат да се дел од процесот на укажување на човечката вредност. Со посочување што не е направено вие не менувате ништо, менувате со давање надеж дека некој може да прави промени – вели Јохансон.
И Ануки Стуруа, меѓународен проектен менаџер на театарот, силно верува дека проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ ќе има силно влијание врз процесот на интеграција на луѓето со попреченост во македонското општество.
– Реформата на деинституционализација во Македонија сѐ уште е во тек и еден ваков проект може да значи афирмација на инклузивното образование – вели таа.
Во рамките на активностите досега се изработени и четири кратки видеа во кои лицата со попреченост зборуваат за својот живот, за своите успеси и за нивниот придонес во општеството. Видеата може да се погледнат на страницата на „Фејсбук“ на проектот „Деца не се раѓаат со предрасуди / Children are not born with prejudice“.