Дискриминација во градинка и невидливата борба на мајките на деца со попреченост: 8-ми Март без празник
Во една скопска градинка, денеска за време на прославата по повод 8-ми Март, случка со дете кое не било вклучено во осмомартовската приредба го фрла фокусот кон уште една системска слабост – дискриминација и незаинтересираност на кадарот за инклузија на деца со попреченост.
Мајка на дете со Даунов синдром, сподели дека кадарот во градинката каде што оди нејзиното дете, не знае ништо за инклузија, недискриминација и го прекршило правото на секое дете да учествува во сите активности.
Таа го раскажува својот личен шок: нејзиниот син, кој не зборува, не бил вклучен во приредбата по повод празникот на жената, бидејќи, како што ѝ објасниле, не знаел да зборува.
– Другите деца рецитираа песничка, држеа букви, покажуваа што научиле. Можеше тој да држи буква. Ја замолив воспитувачката да го вклучуваат, во рамки на неговите можности – споделува Маја Васева – Трајкова, мајка на Давид.
Овој пример открива вознемирувачко прашање на дискриминација, но и на институционални слабости: Колку кадарот во градинките е обучен да препознаа и да реагираа кога дете со попреченост е изоставено од активности, само затоа што има поинакви потреби? Сведоштвото на Васева-Трајкова, покажува воопшто.
– Обидите јас и Давид да бидеме интегрирани вклучуваа љубезни насмевки и прашања „како сте?“ од родителите. Ја осетив тенката линија меѓу интеграција и изолација. Изолацијата и сепарацијата зависат, не само од дискриминација, туку и од незаинтересираност, немање волја, желба и подготвеност да се биде дел од животите на семејствата каде има лице со попреченост – вели Васева – Трајкова.
Мајките на децата со попреченост: невидливи за 8-ми Март
Во својата реакција на социјалната мрежа „Фејсбук“ таа споделува и дека мајките на децата со попреченост немаат 8-ми Март:
– И на овој празник тие се оставени сами на себе, сами да се грижат за детето, сами да се борат за нивните права, сами да се нервираат и стресираат поради секојдневните потешкотии, сами да се мачат да ја задржат својата позиција во општеството, да не ја изгубат својата професија за која едвај наоѓаат време и енергија. Никој нема интерес да ја гледа нивната борба и нивните страдања – реагира Васева – Трајкова.
Таа посочува и на тоа дека луѓето мислат дека одговорноста следува по направена штета, но одговорност постои и за непостапување. Испраќа и важна порака до јавноста:
– Ве молам направете мал напор за овие мајки да се почувствуваат почитувани, признаени и видени. Помогнете им така што ќе ја споделите нивната борба. Заменете ги на момент така што ќе си поиграте со детето, ќе го викнете на гости да си поигра со вашето, ќе ги викнете во игротека за да си направите муабет со мајката додека децата си играат, ќе се понудите да го прошетате детето сами… Ова се само идеи, можете да смислите најразлични начини да бидете дел од нивните животи. Ќе ви бидат бескрајно благодарни и ќе ве опсипат со љубов каква што не сте осетиле.
Згрижувањето и воспитанието на деца од предучилишна возраст во градинки, меѓу другото, се организира и за поттикнување на интелектуалниот, емоционалниот, физичкиот, менталниот и социјалниот развој на децата до вклучување во осново образование. Градинките, при приемот, згрижувањето и воспитанието на децата, должни се да обезбедат минимум стандард за секое дете под еднакви услови, без присуство на каква било форма на дискриминација. Потребата во овие установи, а и во целиот образовен систем генерално, е да се обезбедат услови за да се развијат максимално потенцијалите на секое дете.
Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, пак, која ја има ратификувано и нашата земја, во членот 7 ги обврзува државите потписнички, дека на децата со попреченост треба да им бидат обезбедени сите човекови права „на еднаква основа со сите други деца“. Понатаму, членот 9 предвидува пристап на лицата со попреченост „на еднаква основа со другите“, но и Член 24 експлицирно ги обврзува државите: „Да не ги исклучуваат по основ на попреченост децата и младите од општиот образовен систем“.
Фотографија: Freepik.com
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот