Дислексичарите се етикетирани како мрзливи, место како лица со можности
Секое лице со дислексија има можност за многу успешен и продуктивен живот, но за тоа е потребна поддршка, прифаќање и разбирање, како од страна на наставниците, професорите и стручните служби, така и од страна на најблиските
Различни стручни лица имаат различни разбирања и гледишта, но сите се едногласни за едно – дека тоа е состојба што предизвикува тешкотии во читањето и покрај постоењето нормална интелигенција, добар вид и слух, систематска обука, соодветна мотивација, и на другите поволни едукативни, психолошки и социјални услови.
На оваа дефиниција ѝ недостига и дополнување затоа што најмногу алудира на учениците, а со дислексија се соочуваме и ние возрасните, кои одамна го имаме завршено образовниот процес. Според тоа, дислексијата би ја дефинирале како состојба што предизвикува тешкотии во читањето, пишувањето, математичките операции и разбирањето на прочитаното. Наведените слабости произлегуваат од фактот што кај нас, дислексичарите, мисловниот процес тргнува од големата слика, односно суштината и потоа оди назад кон деталите, за разлика од другите, кои тргнуваат од анализа на деталите и потоа стигнуваат до суштината.
Десет проценти од населението има дислексија
Се проценува дека некаде околу 700.000.000 лица во светот се соочуваат со оваа состојба, што е огромна бројка. Но, за жал, најголем дел од нив се со неоткриена дислексија и, најверојатно, воопшто не се свесни дека ја имаат. Светската статистика покажува преваленција на дислексија на еден од 10 луѓе, или процентуално изразено, 10 проценти од светското население влегува во оваа категорија граѓани.
Во земјава не постојат официјални статистички податоци за тоа колку дислексијата е застапена меѓу нашите граѓани и се раководиме според наведената процентуална застапеност. Иако 15 проценти, можеби, е голема бројка со оглед на транспарентноста на македонскиот јазик, сепак не може да се изостави фактот дека во Македонија живеат голем број лица на кои мајчин јазик им е албанскиот, кој како јазик по својата природа е тежок и многу понетранспарентен од македонскиот. Според ова, најверојатно и за нашата држава слободно може да се каже дека преваленцијата на дислексија е некаде меѓу 10 до 15 проценти од населението.
Здружението за дислексија „Ајнштајн“ спроведе истражување за застапеноста на знаците на дислексија меѓу средношколската популација од осумте плански региони на нашата држава. Беше испитуван примерок од околу 2.600 средношколци во прва година од 16 средни училишта. Од истражувањето произлезе дека дислексијата меѓу испитаниците е застапена кај 12,2 процента со значајна статистичка разлика меѓу учениците од средно гимназиско и средно стручно образование, а ова е доволен податок за да се вклучи аларм.
Иако во Македонија за рекордно кратко време за оваа состојба се направи многу, за разлика од многу други држави, сепак се чувствува пасивноста на властите. Сѐ што е направено досега за дислексијата е благодарение на големата посветеност и ангажираност на граѓанските организации и на самите граѓани, но, во целиот процес недостигаат институциите задолжени за создавањето политиката и закони. Факт е дека според законите и образовната политика, дислексијата во Македонија не постои, и покрај сите напори што се направени за нејзино актуализирање. Во последно време се чувствуваат некои вибрации од страна на институциите, кои тежнеат лицата со дислексија да ги вметнат во категоријата на лица со посебни потреби и сѐ почесто се зборува за инклузија на овие лица. Но, за нас, како општество, ќе биде многу поразително доколку се доведеме во ситуација лицата со дислексија да влезат во оваа категорија. Тоа би значело навраќање децении наназад во однос на светската практика. Од друга страна, несериозно е да се зборува за инклузија на учениците со дислексија затоа што овие ученици, секако, се вклучени во редовното образование. Проблемот е што не се препознаени и се етикетирани како мрзливи, неспособни, глупави, а не ретко и како ученици со ментална спреченост.
Дислексијата не е болест
Свеста за дислексијата ни е на ниско ниво, иако се чувствува огромна разлика од пред пет години. До пред почнување на ангажманот од страна на граѓанскиот сектор, во однос на оваа состојба, речиси никој ништо не знаеше, а сега ситуацијата е многу поинаква. Од особена важност е подигнувањето на јавната свест за оваа проблематика бидејќи на тој начин сѐ повеќе лица ќе се препознаат себеси или своите блиски и ќе побараат помош со што ќе се намали бројот на недетектирани лица со дислексија. Треба да сме свесни дека секое лице со дислексија има можност за многу успешен и продуктивен живот, но за тоа е потребна голема поддршка, прифаќање и разбирање, како од страна на наставниците, професорите и стручните служби, така и од страна на најблиските.
Често се мисли дека дислексијата е болест, но овој стереотип мора веднаш да се разјасни и да се подигне јавната свест дека се работи за состојба.
Од лична гледна точка, како дислексичар, би кажал дека дислексијата, покрај проблемите и маките што ги предизвикува, нуди многу предности и талент во животот. Доказ за тоа се сите тие познати дислексичари, кои, секој на свој начин, го има променето овој свет како што се Алберт Ајнштајн, Стив Џобс, Агата Кристи, Стивен Спилберг, Бил Гејтс, Хенри Форд, Енди Ворхол, Пабло Пикасо и многу други.
(Авторот е претседател на Здружението за дислексија, „Ајнштајн“)