Актуелно, Доза вести, Лице в лице интервју

Интервју со проф. д-р Кирил Барбареев: Иднината бара луѓе со способности и флексибилност на приспособување на времето!

Време на читање: 6 минути

Тоа што, можеби, е зачудувачко денес во т.н. современа дигитална доба е конфузијата и збрката од информации и релативизирањето на концептот знаење. Тоа што некои истражувачи го нагласуваат во времето во кое живееме е колку малку луѓето како поединци знаат за светот и дека со текот на времето сè помалку знаат. Тоа е тоа што Стивен Сломан и Филип Фернбах го нарекуваат „илузија на знаењето“. Мислиме дека знаеме многу, иако како поединци знаеме многу малку затоа што знаењето во умот на другите го третираме како сопствено

Анета Ристеска

Во светот каде што информациите се на дофат со едно кликнување, прашањето што сѐ почесто се поставува е: „Што, всушност, значи да се знае нешто денес?“ Дали знаењето станува сѐ повеќе привремено, практично и пребарливо, а сѐ помалку акумулирано, концептуално и разбрано?

Психолозите предупредуваат на феноменот „дигитална амнезија“ – каде што луѓето сѐ помалку паметат бидејќи веруваат дека секогаш можат да најдат информација на „Гугл“. Истовремено, образованието, работодавците и медиумите развиваат нови критериуми за тоа што е суштинско знаење. Дали денешната петка значи исто што и петка пред 10 години? Дали знаењето од општа култура има вредност или е заменето со видеа на „Тикток“? И кои вештини ќе бидат важни утре – кога „Гугл“ знае сѐ, но мислењето и разбирањето стануваат реткост?

Разговараме со Кирил Барбареев, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, и отвораме низа прашања – за да откриеме како изгледа знаењето во 21 век?

Професоре, живееме во време кога „сѐ е на интернет“ и сѐ е лесно достапно. Се наоѓаме пред предизвикот да си одговориме дали имаме само повеќе информации, а не знаење? Како би го дефинирале поимот „знаење“ денес?
Ставена ли е важноста на менталниот стимул во сенка во прилог на брзината и на површноста? И, може ли сето ова да води до т.н. дигитална амнезија?


​​Знаењето е феномен за кој не постои усогласена дефиниција или разбирање. Постојат многу теории и многу размислувања за природата на знаењето и постојано барање и преиспитување на прашањата: Што е знаењето? Како знам дека знам? Како знам дека не знам? Што значи да се знае? Што е теориско, а што практично знаење и слични прашања.
Знаењето е длабоко, рационално и систематско разбирање на светот. Целта на знаењето е вистината. Знаењето е капацитет да се изрази сигурно познавање и разбирање на нешто со цел да ни служи во животот и да решаваме предизвици и проблеми. Знаењето се создава, тоа е процес.
Тоа што, можеби, е зачудувачко денес во т.н. современа дигитална доба е конфузијата и збрката од информации и релативизирањето на концептот знаење. Тоа што некои истражувачи го нагласуваат во времето во кое живееме е колку малку луѓето како поединци знаат за светот и дека со текот на времето сè помалку знаат. Тоа е тоа што Стивен Сломан и Филип Фернбах го нарекуваат „илузија на знаењето“. Мислиме дека знаеме многу, иако како поединци знаеме многу малку затоа што знаењето во умот на другите го третираме како сопствено.
Проблемот со знаењето станува многу сложен денес. Во книгата „21 лекција за 21 век“ Јувал Ноа Харари вели:

„Луѓето ретко го сфаќаат своето незнаење затоа што се затвораат во кругови на пријатели што мислат исто, се информираат со вести што го потврдуваат тоа што го мислат, со што нивните ставови само се зацврстуваат и ретко се предизвикуваат.

Најголем дел од нашите ставови се формираат со групно размислување, не со индивидуална рационалност, а ние ги застапуваме ваквите ставови поради лојалноста кон групата. Моќта на групното размислување е толку распространета што е тешко човек да се ослободи од неа. Дури и научниците не се имуни на влијанието на групното размислување“.

Во современиот свет знаењето не се мери само со количината на достапни информации, туку со способноста да се разберат, интерпретираат и применат тие информации на значаен начин. Развивањето критичко размислување и аналитички вештини е клучно за здобивање вистинско знаење.

Истражувањата на Џон Хети посочуваат дека во дигиталната ера критичкото мислење, решавањето проблеми, метакогницијата и саморегулацијата во учењето се поважни од меморирањето факти. Како современите образовни системи можат ефективно да го трансформираат својот пристап за да ги развиваат овие клучни вештини, место да инсистираат на акумулација на фактичко знаење?

Овие вештини се клучни за подготовка на учениците за предизвиците на 21 век.  ​Многу педагози сметаат дека училиштата треба да се посветат на критичко размислување, комуникација, тимска работа и креативност. Во поширока смисла, училиштата би требало помалку да се фокусираат на пренесување технички вештини и да почнат повеќе да ги истакнуваат генералните животни вештини. Најважна би била способноста за соочување со промени, за учење нови работи и за одржување на менталната рамнотежа во нови ситуации.

Метакогнитивните или саморегулирачките процеси се особено значајни кога вклучуваат решавање когнитивни задачи и напорни обиди да научиме нешто однапред смислено „намерно“, но и кога се бара решавање проблеми или да се биде креативен. Брунер тврди дека тоа се тие когнитивни вештини од повисок ред, кои тој ги нарекол „флексибилност на мисла“, кои се единствено човечки и кои се поддржани од детството преку игрите во кои децата се ангажираат во тој период.

Учењето преку откривање се фокусира на тоа учениците активно да учествуваат во процесот на учење преку истражување и манипулирање со предмети, изведување експерименти или вклучување во обиди и грешки.

Може ли денешната највисока оценка (5 или 10) да се спореди со таа од пред една деценија – за знаењето за кое се дава/давала?
Како се трансформираат едукативните системи и критериумите за оценување на знаењето?

Истражувањата од различни области и меѓународни студии покажуваат дека секоја нова генерација е сè послаба од претходната. И тоа е евидентно. Послаба во општото знаење, во говорот, во моторичкиот развој, во концентрацијата, во вниманието, во контролата на емоции, намалената емпатија. Причини има многу, кои се под влијание на средината, но има една голема причина, која е поврзана со методите на работа и со одговорот на прашањето – за што ни служи образованието? Што е поважно, да ги научиме учениците „како да мислат“ или „што да мислат“?!

Во општества во кои доминираат методи на учење на памет, на меморирање факти, на репродуцирање податоци, тоа е проблем што се одразува понатаму кај луѓето како да ги поврзуваат информациите и знаењето што го здобиваат во секојдневието, што е особено важно денес, во свет со многу информации.

Се сеќавате ли на приемниот испит во едно средно медицинско училиште кога голем број одлични ученици не можеа да го поминат испитот? Сега се поставува прашањето. Зошто? Дали приемниот испит е претежок за овие генерации? Дали оценките се реални и слично?

Во време на „Тикток“, „Јутјуб“ и „Инстаграм“, според Вашето мислење, што сметаат младите дека е вредно знаење? Дали ова го редефинира опсегот на општа култура?

Општествените промени, кои ги носат и забрзуваат медиумите, дел очигледно, а дел постепено и прикриено, влијаат на феноменот на детството и го редефинираат опсегот на културата. Времето во кое растеа и се развиваа децата порано им овозможуваше заштитена и отворена структура на просторот, времето беше поинаку организирано и планирано за децата, наспроти возрасните. Временските рамки на децата и на младите претставуваа одреден „психо-социјален мораториум“ (престојувалиште), кој имаше термини, правила, должности и одговорност.

Новата детска култура се состои од педагошки инсценации. Голем дел од работите и случувањата стигнуваат до децата преку медиумите, од култот кон телото и сексуалноста, до описи и прикази за разни процеси и состојби во светот. Децата и младите сè повеќе време поминуваат на социјалните мрежи отколку во друштво или во семејството.

За нив училишниот простор веќе станува многу бавно место, имаат намален интерес за читање, учење, лоши здравствени навики, негативни ставови, зголемена и рана сексуална активност, времето им е досадно и неисполнето затоа што доминантниот дел од времето го поминуваат на социјалните мрежи и притоа го стимулираат само едниот дел од структурата на личноста, а тоа се дразбите на задоволството, односно, според Фројд – збирот од расфрлена инстинктивна наклоност. Затоа што сликите, игрите и забавата се главните теми на социјалните мрежи, а тоа е најважната платформа за комуникација на младите. Очигледно дека е многу прагматична форма за брзо пренесување информација и веќе е поважна и поинтересна од многу други работи.
Оттука, мора сериозно да се обмислува времето за учење и знаење, кое го организираат училиштето и секој наставник, за да се изгради култура и критичка мисла кај младите луѓе.

Како го замислуваме интелигентниот млад човек во 2030 година? Дали тоа ќе биде личност со акумулирано знаење во главата, кое ќе знае да го поврзува и применува, или со вештина да најде, провери и да разбере информација?

Образовните системи и општествата што инвестираат многу во културата, образованието, науката, ги подготвуваат младите луѓе да знаат и да бидат способни да го користат тоа знаење ефективно, етички и креативно во различни контексти. Тоа бара мултидисциплинарен пристап во учењето, како и холистички пристап, кој ги интегрира когнитивните, социоемоционалните и дигиталните вештини за да се подготват за времето во кое ќе живеат.
Иднината бара луѓе со способности и флексибилност на приспособување на времето, кое, очигледно, носи постојани и брзи промени.

Напишете коментар