Инвестирај во подобро општество, биди дел од заедницата на „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“!
ДА СЕ АКТИВИРАМЕ ЗА ДА ПРОМЕНИМЕ
Секој од нас може да направи промена и да придонесе кон поеднакво општество. Зачленувањето на оваа веб-платформа и порастот на оваа заедница значи чекор поблиску кон оваа намера. Со оваа инвестиција од 600 денари годишно, освен што добивате пристап до целосната содржина што ќе ја продуцира „Лице в лице“ цела година и можност за посета на вебинари со ексклузивни гости од кај нас, од Европа и од светот (ТЕД-говорници, футуристи, поборници за нова економија…), го поддржувате и порастот и развојот на лицата што тешко можат да се вработат. Во исто време, си помагате и себеси зашто на оваа платформа ќе се сретнувате со четиво што буди, задвижува и поттикнува да бидете активни граѓани. А му помагате и на развојот на општеството зашто тоа е толку подобро колку што неговите граѓани стануваат подобри.
„Лице в лице“ не е САМО списание. Тоа што стои зад него е движење, цела една заедница – ти, кој си го купил, другарка ти што го зајми и учи од него, социјалниот работник и наставникот што се инспирирале, земјоделецот што ни открива нова перспектива, визионерите што преку своите текстови во списанието и на платформата нудат решенија како да изградиме подобро општество и ред поддржувачи, активисти, одговорни граѓани.
„Лице в лице“ си и ти, кој предизвика насмевка на лицето на продавачот со успешната продажба, и социјалниот работник и менторот, кои и во време на пандемија ја бодрат Рамајана за да ја надмине оваа криза зашто сè помалку ве наоѓа вас низ Дебар маало во ова чудно време. „Лице в лице“ се и тимовите на партнерски организации што ја координираат работата на продавачите во шест градови, ги испраќаат на безбедни места, ја планираат продажбата, и психолозите што им овозможуваат на продавачите појасно да видат, да пребродат…
Посреќна 2021 година! ЗА СИТЕ
Овие празници се поинакви, цела година беше поинаква!
Продавачите на „Лице в лице“ не те наоѓаат на улица, но со куп умни и добри луѓе, создадовме можности и сега сме на интернет.
Со твоја поддршка, продолжуваме да ја движиме промената.
Биди член на веб-платформата на „Лице в лице“ и поддржи ја иницијативата за подобра 2021 година, за сите!
Дел од оваа заедница е и тимот за комуникации, кој некаде на социјалните медиуми ќе ви раскаже дека Кико учествувал на настан минатата недела, од кој научи повеќе за лажните вести, дека Хари бил на промоција на Бродот на Среќата, а Мубија се јавила да нè извести дека на Широк сокак не е толку раздвижено, се опаметиле луѓето, ама поради тоа и значајно ѝ опаднала продажбата. Тука е и тимот што сака да го збогати твоето искуство како читател, па прави видеа, илустрации, фотографии, текстови, кои нема да се долги и нема да ти биде мака да ги читаш, туку во неколку пасуси, на интернет, ќе ти донесат важни информации и решенија.
Сите овие луѓе се во приказнава поради тоа што препознале повик и решиле да дејствуваат, да дадат дел од себе! Тука е и Лиле од Велгошти, која се посветува на земјоделството и на која ѝ биле драгоцени информациите од бројот за рурален развој, Елена од Кавадарци, која вели дека расте со содржината, ја поттикнува својата заедница и благодарение на која кавадарчани можат да читаат „Лице в лице“. Ирена од Слоештица, која вели не туку ме викајте на настани на интернет, сакам да ве гушнам! Искра, која нè куражи да одиме „диџитал“. Неизоставен дел од целината се и Лука и Леона – велат, ќе свириме и ќе пееме и ќе направиме содржина за нас младите – вие само дајте ни простор! Тука се и одговорните компании, кои велат „а каде да известиме за нашата добра практика, ако не кај вас“, институциите што се заложуваат да купат списание што ќе влијае мотивирачки на нивните вработени, Дејан, кој и во ден кога не е на работа ќе сподели контакт и енергија за поддршка, Леа, која знае оти е клучно сега да ја образуваме младата генерација, Драган, кој нè поттикнува да бидеме поексплицитни што сè прави „Лице в лице“ и да го направиме повидливо тоа што е невидливо за широката публика, Александра, која ни верува толку, што вели, правете што сакате, знам дека е тоа неверојатно добро и никој друг не го прави!
И оваа заедница станува сè поголема, нејзините членови сè погладни за промени и сè попроактивни, а движењето сè посилно зашто сè повеќе ни е јасно дека промената сме сите ние и дека секој чекор е значаен.
КУПУВАЈЌИ „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ ИМ ПОМАГАТЕ НА МНОГУМИНА!
Важно е да го објасниме функционирањето на „Лице в лице“, движењето, не списанието.
Комплексно е, но не е комплицирано! Шарено е, насекаде – и на интернет, и на улица, и во кафуле и на нива, вклучува многу, ги спојува сите освестени, умни и проактивни граѓани и иницијативи и нуди место каде што може да се расте, да се придонесува и да се влијае. Едноставно е и природно! Органско, што би се рекло, по ново. Ако си го набавите списанието „Лице в лице“ на улица од продавачили преку неговиот код на интернет, нa kupi.licevlice.mk, една половина од продажната цена е директно за продавачот, чијшто код сте го внеле.
Ако, пак, купите списание преку интернет, а не сакате да фаворизирате продавач, една половина од продажната цена се вложува во социјалниот фонд на „Лице в лице“ за поддршка во процесот на работна интеграција на продавачите на списанието и на други лица што тешко можат да се вработат, но и за подобрување на дигиталните вештини на продавачите, за поттикнување и за развој на нивниот талент. Овде влегуваат и активности за описменување, таму каде што е потребно, или курс за електричар, бравар, молер, монтер, водоводџија, кај тие што имаат афинитети кон конкретни професии и сакаат да излезат на отворениот пазар на труд. И сето ова водено од социјален ментор за работна интеграција и од методологија што, пред сè, ги препознава афинитетите на лицата што тешко можат да се вработат, па ги согледува ризиците – индивидуални, од микро и од макросредината, презема чекори за нивно ублажување и надминување, па се насочува кон активности за нивно професионално усовршување.
Пандемијата ни понуди и уште една можност – да ја прифатиме технологијата и да ја насочиме кон правење добро за нас самите ширејќи оптимизам и добрина кон другите. Почнуваме со таа основната, па затоа создадовме веб-платформа. Додека сме сите на интернет, нурнати во нашите телефони, со бескрајни пребарувања што ни ја носат најновата магична крпа од „Топ шоп“ или новата нијанса на зелена боја за коса од Били Ајлиш, во нашите меури од информации (кои „Гугл“ и „Фејсбук“ ги кројат затоа што се лоши или зашто сакаат да нè научат да вклучиме мозок и да знаеме дека вистината од мојот „тајмлајн“ не е иста со таа на другар ми што протестира со Мицковски), ќе ни задржи внимание еден повик. Тоа е повикот да бидеме дел од заедница што прави промени, но верува дека со здружено дејствување може да се направи многу повеќе, само ако кликнете, читнете, инвестирате и почнете да дејствувате.
Ова е повик до сите вас, до вашите блиски – пријатели, роднини, соработници, шефот, колешката, другарот со кој пие(в)те кафе во „Синдикат“, цеден портокал во „Кантина“, јадете компирчиња во „Горки“ (ах таа „Менада“)…
Што правиме?
Инвестираме 600 денари, цела наредна 2021 година читаме содржина на дигиталната платформа на „Лице в лице“, учествуваме на вебинари и во активности што ги организира „Лице в лице“. Тие 600 денари годишно ги вложуваме за да преминеме од состојбата од сега – купувам „Лице в лице“ за да му помогнам на Махмуд да заработи, во состојба од 2021 година – јас на платформава на „Лице в лице“ најдов сродни души со кои проактивно дејствуваме и менуваме , и во состојба од 2025 година – преку платформата стануваме сè попроактивни и поздружени граѓани, а Ерџан беше поддржан од мене и ене го сега, работи во компанија, ја следи секоја пратка и користи технологија како да учел од Стив Џобс.
ЧИТАЈЌИ ЛИЦЕ В ЛИЦЕ СИ ПОМАГАТЕ СЕБЕСИ! НО И НА ОПШТЕСТВОТО!
Твојата инвестиција во членство на платформата „Лице в лице“, освен делот што е наменет за продавачите, значи и: Соочување со теми што нудат решенија, алтернатива,можности, конструктивна критика придружена со афирмација на добра практика и со поттикнување дијалог, изложување на вонвременски вредности и херои, средба со четиво што ве буди, задвижува, ве поттикнува да бидете информирани и активни граѓани, да препознавате која е вашата улога како жител во одредена заедница, град, општество што станува толку подобро колку што стануваат подобри неговите граѓани.
Инвестицијата ти овозможува да се гордееш дека си дел од заедница што го става човекот на прво место, поддржува економија создадена според потребите на луѓето, гради општество во кое никој нема да биде изоставен, поттикнува образование што ќе гради граѓани со вредности, поддржува локална економија (купуваш од гранапчето на соседот, или од тетка ти на село). Како член на заедницата имаш можност да посетуваш вебинари со ексклузивни гости од Европа и од светот (ТЕД-говорници, футуристи, поборници за нова економија…) и / или да учествуваш во креативни кругови преку кои кокреираме содржини за секое издание.