Интерактивни приказни, Лице в лице, Тема на месецот

Ќе стивнат или ќе живнат македонските села?

Време на читање: 12 минути

Долги години наназад, процесот на внатрешна миграција во Македонија беше насочен од село кон град. Селата се празнеа, земјоделството се запоставуваше, а градовите, особено Скопје, претрпеа интензивен раст и развој. Младите луѓе се селеа во потрага по подобро образование и повисоки плати, додека повозрасните остануваа во селата, одржувајќи го традиционалниот начин на живот.
Меѓутоа, во последните години овој тренд почна да се менува. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот од 2014 до 2023 година, бројот на луѓе кои се селат од град во село почна значително да расте.

Мир и спокојство. Здрава храна. Одржување семејни традиции

„Живот во хармонија со природата, надвор од градските гужви и бетонските улици. Чист воздух и можноста да се одгледува здрава, органска храна. И да не заборавам, црцорот на птиците наместо брмчењето на автомобилите, сè уште ми е најпривлечното нешто од моето секојдневие во животот на село“.

Ова е одговорот на една од испитаничките на „Лице в лице“, која живее во рурална средина, и ги издвојува најголемите предности од живот на село.
Вака звучат повеќето одговори кога се зборува за добрите страни и предностите за живот и работа на село.

„Можност да заживее семејниот имот кој од генерација на генерација се пренесува во семејството. Мир и спокојство. Производство на природна и проверена, здрава и квалитетна храна, за семејството, но и за продажба. Одржување на семејни традиции“.

Слободата на приватноста, отсуството на градските неформални кодекси на однесување, чист воздух, можност за сопствено делување и управување во денот“.


„Моите купија куќа во рурален дел на Скопје уште кога бев тинејџерка. Тогаш се противев, многу ми беше важно да сум во град. Сега, не би ја менувала оваа слобода, тишина и убавина за ништо“.


Во текот на пандемијата со ковид-19, многу луѓе почнаа да размислуваат за враќање на село како алтернатива на животот во градот. Ограничувањата, затворените урбани простори и желбата за поголема безбедност и здравје ги поттикнаа семејствата да бараат поизолирани и природни средини. Селата, со својата пространост и поблиска врска со природата, станаа идеални места за работа „од далечина“ и обновување на традиционалните начини на живот, што создаде нова динамика во руралните заедници. Овој тренд го нагласи значењето на селскиот начин на живот, не само како решение за кризата, туку и како можност за долгорочно подобрување на квалитетот на живот.

Убавата рурална приказна има и друга страна. Помалку привлечна.
Но, по ред.

Селото – можност за нов почеток

Во изминатите децении, Македонија, како и многу други земји, се соочува со континуирано празнење на селата. Миграцијата од село во град беше мотивирана од желбата за подобри економски можности, пристап до образование, здравствени услуги и други бенефиции кои ги нудат урбаните средини. Сепак, денеска сме сведоци на раѓање и на нов тренд. Сè поголем број на луѓе, особено младите, почнуваат да го разгледуваат селото како опција за живот. Оваа промена е резултат на различни фактори, вклучувајќи ја желбата за поврзување со природата, измореноста од градскиот начин на живот и, секако, зголемената поддршка за рурален развој од страна на државата и од Европската Унија.

Животот на село во Македонија е тема која привлекува сè поголемо внимание во последните години. И покрај бројните предизвици, сè повеќе луѓе го гледаат селото како можност за нов почеток, далеку од градскиот метеж и стресот. Со правилна поддршка и имплементација на ефикасни политики, македонските села имаат потенцијал да станат центри на одржлив развој и квалитетен живот. За многумина, животот на село не е само начин на преживување, туку и можност за преродба, и физичка и духовна.

Имам огромен двор. Ви пишувам од сенка под црешата. Берам и јадам. За пол час ќе ја наводнувам градината. Имам пиперки за берење, тиквички, краставици… Градскион пекол тоа не ми го нуди. Ем храна која сама си ја создавам, ем терапија – вели една соговорничка на „Лице в лице“.

Оваа одлука е мотивирана од различни фактори, вклучувајќи ја потребата за поефтин и поздрав начин на живот, како и желбата за бегство од градскиот метеж. Некои жители на селата околу Скопје посочуваат дека квалитетот на живот во овие места е супериорен во споредба со урбаните области, особено во однос на чистиот воздух, мирот, и можноста за одгледување сопствена храна.

 
 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Лице в лице (@licevlice)

Историски гледано, Македонија помина низ неколку фази на внатрешна миграција. Во периодот од 1950-тите до 1990-тите години, селата во голема мера се испразнија, како резултат на индустријализацијата и урбанизацијата.

Од 2014 до 2023 година, бројот на луѓе кои се селат од град во село почна значително да расте, велат податоците на Државниот завод за статистика. Во 2021 година, на пример, 1.770 граѓани се преселиле од град во село, што претставува зголемување од 20% во споредба со 2014 година. Оваа промена е особено забележлива меѓу младите парови и семејства кои се решаваат да започнат нов живот на село, далеку од градскиот метеж и загадувањето.


Предизивици за живот на село

За да се намалат разликите меѓу регионите, државата спроведува различни политики за регионален развој. Една од нив е поддршката за земјоделците во помалку развиените региони преку субвенции и грантови, како и инвестиции во инфраструктурата и образованието.
И покрај многубројните предности, животот на село не е без свои предизвици. Еден од главните проблеми е недоволната развиеност на основната инфраструктура. Многу села се соочуваат со недостаток на квалитетна патна инфраструктура, недостапност на основни услуги како што се здравствената грижа и образованието, како и ограничен пристап до брз интернет. Овие фактори честопати го отежнуваат секојдневниот живот на луѓето кои одлучиле да се преселат на село.

Дополнително, многу млади земјоделци се соочуваат со предизвици при добивањето на земјоделско земјиште. Процедурите за легализација на земјиштето и за добивање на дозволи за изградба на земјоделски објекти се комплицирани и долготрајни, што често ги обесхрабрува потенцијалните инвеститори.

Сепак, за оние кои се одлучиле да се соочат со овие предизвици, животот на село може да биде извонредно задоволителен. Многу од нив успеваат да изградат успешни земјоделски бизниси, користејќи ги природните ресурси и поддршката од државата и Европската Унија.

Од друга страна, пак, богатата природна застапеност и диверзитет како и богатото културно-историско минато и традиција ги чинат сите рурални населени места своевидни бисери кои што вредат да бидат покажани и афирмирани во јавноста од луѓе кои што живеат и работат во такви локални средини.

Рурален раскош, наместо пустош

Покрај традиционалните култури како жито, овошје и зеленчук, во последно време се зголемува интересот за органско земјоделство и одгледување на специфични видови растенија како лаванда, која е особено популарна меѓу младите земјоделци.

Но, велат, за жал, општините сè уште немаат многу слух да го истампонираат патот до добри услови за ваквите иницијативи.

Лавандата на „Естезис“ од кратовското село Трновац
фотографија: Ема Тодоровска

Мора да постои поголема отвореност и поддршка за младите кои ќе се одлучат на ваков потег. Кај мене инспирацијата дојде од љубовта кон природата и билките, а „подарокот од минатото“ од мојот прадедо дојде во вистинско време. Мислам на неколкуте парчиња земја во кратовското село Трновац. Идејата си кликна со можноста и започнав со истражување на билки, а од сите јас си кликнав со лавандата. Мислам дека секој од нас, кога ќе види виолетово поле со мирис на лаванда, доживува мир и контакт со себе. Но покрај доживувањето кога ја гледаме и мирисаме лавандата, таа има широк спектар на лековитост а и примена во креативни изработки. Делува смирувачки доколку се консумира како чај, може да се користи и како зачин, но во комбинација со морска сол спакувана во перниче, е одлична за смирување главоболки, смирување на целиот нервен систем и намалување на анксиозноста – вели Ема Тодоровска, на која лавандата ѝ е еден од приоритетите во работата на нејзиното социјално претпријатие „Естезис“.

Таа верува дека лековитоста, примената и креативноста преплетени со свежи идеи за иновативни производи е она што лавандата ја прави посебна, и атрактивна и интересна за младите.

Зборувам за оној шмек на задржување на руралниот дух со модерен твист – споделува Ема.

Тодоровска смета дека интересот за враќање на младите кон руралното е од огромно значење. Пред сѐ претставува висока свесност за потенцијалот кој Македонија го има, но, и негување на на личните потенцијали преку земјоделски/ специјализирани култури. 

– Постојат земји кои плаќаат високи суми за да го поттикнат истото. Она што јас се надевам дека ќе почне да се случува е поголема отвореност од страна на системот и институциите, особено локалните. Локалната поддршка е неопходна за да се помогне во остварување на идеите на младите кои сакаат да донесат рурален раскош наместо пустош – вели Тодоровска.


Кај танцот на самовилите

Во свежината и живописноста на планината Влаина на крајниот Исток во државата се наоѓа едно волшебно место наречено етновила „Самовила“.
Дали е според митолошкиот предзнак, со кој оваа раскошна природа го има надарено ова парче земја, или според грациозноста на мистериозната убавина, легендата вели дека сè уште може да се наслушне песната и да се насети танцот на самовилите, кои, од памтивек, му даваат една магија и инспирација на животот во ова поднебје.

Токму тука семејството Илиеви го нашло своето свето прибежиште од негативните појави на современиот свет за да создаде своја хармонична семејна приказна.
Етновила „Самовила“ е многу повеќе од стара пијанечка архитектура, изобилство од природа и занимања… Таа е еден вид стремеж, надеж и верба за подобро утре, идеја за посебност и опстојување. Местото е визија базирана на минато, сегашност и на иднина. Таа е дом на духот на едно семејство, кој од памтивек како бескрајна постојаност се втемелил во прегратките на планината Влаина.
Илчо Илиев, кој по потекло е од делчевското село Град, е дипломиран геодетски инженер во пензија со големо искуство во градежништвото и политиката. Своите пензионерски денови ги поминува во спокојството на етновилата „Самовила“.
Прочитајте повеќе за вила „Самовила“ на овој линк, или со клик на фотографијата погоре.

Соживот со природата и со традицијата

Ми се крши срцето кога ќе видам некое прекрасно село во кое насекаде се фрла ѓубре, вели режисерот Андреј Волкашин

На времето, баба ми ми кажувала дека секое село си имало свој сопствен традиционален систем за справување со отпад, што е поуспешен од овoј денешниот -вели младиот филмски режисер Андреј Волкашин кој што во својата филмска инспирација и наратив користи рурални места и детали кои ги овековечува на своите филмови.

За Борче Димитровски, кој е долгогодишен граѓански активист кој што промовира живот на село и активно живее и работи за подобрување на животот на село, недостига поголема поддршка и соработка на локалните институции со луѓето кои што живеат и работат во село.

  • Кога дојдовме да работиме на село, најпрво требаше да констатираме зошто не функционира Месната заедница овде, вели Димитровски

 – Сега како претседател на месната заедница на село Стар Истевник сметам дека многу малку наидуваме на соработка со локалната власт, која нема капацитет да обезбеди нормален живот во рамки на своите ингеренции за жителите на селото – вели Димитровски од Центарот за одржливи практики „Природна Перспектива” од село Стар Истевник, делчевско.

Читајте повеќе за иницијативите на „Природна Перспектива“ на овој линк

Зоран Биковски, кој што е долгогодишен граѓански активист, со огромно искуство во рамки на имплементацијата на проекти од областа на одржливиот развој, смета дека самата Програма за децентрализација које е активна во државата е погрешно воспоставена. Тој смета дека месните и урбаните заедници во рамки на Локалната самоуправа треба да бидат подобро организирани. Дополнително смета дека комплицираната процедура за остварување на правата на заедниците ја отежнува нивната работа, а тоа се одразува на квалитетот на живот во населените места вклучително и во селата.

Воспоставувањето на листата на приоритетни проекти и барања на месните и урбани заедници, во голем дел од случаите  се прави набрзина, на нетранспарентен начин и во несоодветна постапка, иако постојните правни рамки тоа го налагаат. Проблемите произлегуваат од природата на волонтерската работа, без било какви правно регулирани обврски на членовите на Советите на месните или на урбаните заедници. Се направија многу импровизации и задоволување на лични или интереси  на одредена група на луѓе во определената населба. Тоа што немаат свој посебен правен легитимитет со свои жиро сметки во банка со кои ќе располагаат самите месни и урбани заедници е предизвик кој што го ограничува развојот на нивната работа – објаснува Биковски.

Според Соња Стаменковска, поранешна градоначалничка на општина Македонска Каменица, селата што се обезбедени барем со основна инфраструктура, како пат, водовод, канализација, струја, ги привлекуваат луѓето да се враќаат и да живеат во нив.

Генерално, младите сакаат да имаат основни услови за живот и комуникација со остатокот од светот и свесноста за придобивките од животот на село се зголемува – вели Стаменковска

 

Формите на задружно здружување на земјоделците на село може да допринесе за подобрување на работата и животот, особено во помалку развиените рурални места. За таквите цели постои институционална поддршка, која што можеби не е доволно развиена и имплементирана, но, претставува добра основа за подобрување на стандардот на живеење во селата, вели Кирчо Анастасов, приватен стопанственик, фармер и медиумски работник кој што истовремено живее и работи на село.

-Во таков вид на задругарство каде што повеќе субјекти ќе остваруваат заеднички цели, секој би си го нашол својот интерес, но, треба да постои една поголема стимулација на процесот за формирање задруги од страна на институциите – вели тој, надополнувајки дека се потребни повеќе вештини и знаења за развој на специфични видови на претприемништво и развој и имплементација на бизнис планови од областа на руралниот развој.
Задругарството, додава, особено се наметнува како потреба во контекст на сè поизразеното негативно влијание на климатските промени, каде во земјоделието е потребна силна интерсекторска соработка на повеќе алки во процесот за одгледување и произвотство на храна за населението.
 
Рекреативно – да. Преселба – не

Професорката по ликовна уметност, Дафинка Лазарова Стаменковска (лево, на фотографијата), смета дека за живот на село е потребно луѓето да имаат доволно доходовна друга работа за да можат да живеат на село каде што нема доволно работа за обезбедување на стабилни приходи и достоинствен живот.

Речиси секој ден, осле работа поминувам голем дел од денот во своето родно село, но, само поради рекреативни причини и обезбедување на природна и здрава храна за себе и своето семејство – вели таа.

 

Ваквиот став е различен за младиот програмер Диме Тилев од Струмица:
– Поентата од живот на село е да се поминува што е можно повеќе време на село за да се почувствуваат вистинските благодети од тој начин на живот. Јас сум пораснат на село и можам да сведочам за тоа! Мене природата на работата ми дозволува да работам од дома и се гледам себе си дека можам да работам од село. Сепак, дополнителна работа и приход е потребна за да може да си го дозволиме соодветниот животен стандард кој го посакуваме – вели Тилев.

Сите наши соговорници се согласуваат дека животот и работата на село се неповторливи вредности кои што овозможуваат своевиден подобар животен стандард на соживот со природата и традицијата.

Ни фали „руралниот доктор“

Во спроведеното истражување на „Лице в лице“, за потребите на овој текст, испитаниците истакнуваат дека состојбата е особено лоша во малите планински села, како и во селата со помал број жители, каде здравствена заштита и да нема или истата функционира само на основни прегледи или достава на лекови за постарите и изнемоштени лица. 

Во малите планински села ситуација е прилично лоша. Во моето село кое има околу 150 жители, матичен доктор доаѓа еднаш неделно и тоа е најчесто за најстарите луѓе колку да им донесе лекови. Во други села со горе-долу истиот број на жители дури и ги нема овие оскудни услови, односно амбулантите се целосно затворени и се распаѓаат – вели еден жител на рурална средина. 

Испитаниците истакнуваат дека недостасуваат матични доктори, а дури и кога ги има еден матичен доктор покрива многу лица, пристап до професионална здравствена заштита, медицинско лице или установа кои ќе бидат достапни 24/7, како и пристап до брза помош. Дел од испитаниците истакнуваат дека порано во руралните средини постоеле „рурални доктори“, таа услуга финкционирала одлично, но, сега ја нема. 

Зошто да се живее на село?

Селото нуди многу предности кои не се присутни во градовите. Покрај чистиот воздух и природната средина, кои се главни фактори за здрав живот, селото овозможува и поголема поврзаност со заедницата. Животот на село подразбира помирен ритам, помала изложеност на стрес и можност за самовработување, особено во земјоделството и еко-туризмот.

Во последните години, државата и Европската Унија вложуваат значителни напори во поддршка на руралниот развој. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) игра клучна улога во овој процес. Преку разни програми, како што се грантови за млади земјоделци, субвенции за набавка на земјоделска опрема и поддршка за жените во земјоделството, се обидуваат да го стимулираат руралниот развој и да го задржат младото население во селата.

Преку програмата Мерка 112, младите земјоделци добиваат значителна финансиска поддршка за започнување и развој на својот земјоделски бизнис. Од 2017 година, до денеска, вкупно 838 млади земјоделци успешно аплицирале и добиле грантови, што претставува важен чекор кон оживување на селата во Македонија.

Комуни за родители и куќи од кал

Луѓето кои живеат во руралните средини имаат визија и идеи за унапредување на квалитетот на живот во руралните средини, недостига само соработка со институциите и општините.

Испитаниците на „Лице в лице“, на прашалникот за живот и работа на село, одговараат дека од полза би биле:

  • Микро заедници во стил на аграрни заедници со основни услуги.
  • Иницијативи за земање на земјишта под концесија за формирање на тип на заедници каде луѓе од градот ќе се доселуваат и ќе ги практикуваат своите вештини, идеи и соништа.
  • Комуни за родители, односно места каде што главна дејност ќе биде земјоделието, сточарството и кокошарството – без користење на месо, односно строго вегетаријански заедници за живеење во симбиоза со животните и земање дел од млекото и јајцата.
  • Куќи од кал (cob) – секоја фамилија да има свој дом.
  • Микро заедници за млади – според старосна граница односно декади. Пример: од 20 до 30 години, од 30 до 40 и така натаму па со работа, заедништво и солидна визија, и такви од 80 па до 90 години.

 


Подготвија: Кирчо Анастасов, Александра Лопарска Илоска, Анета Ристеска
Фотографии: Ирина Крстевска.

Прочитајте ги и другите содржини кои ги работевме во циклусот „Живот на село“

Избраздените раце на баба имаат најнежен допир
кликни на фотографијата и читај

 

 

 

 

Напишете коментар