Климатската криза е ризик на иднината, но и на сегашноста
Климатската правда значи енергетска, социјална, политичка и економска правда. Неопходно е колективно дејствување за нејзино постигнување и за радикално похумано и поодржливо општество
Климатската криза е резултат на неправедниот и неодржлив социо-економски систем во кој живееме. Неолибералната парадигма го има заробено секој молекул на нашето индивидуално и општествено постоење, при што ги има нормализирано индивидуалноста, бинарноста и експлоатацијата на природата, телото и на трудот на луѓето за профит на малкумина, додека колективитетот и плурализмот на визии и на практика за радикално подобра иднина за сите – мачно страдаат. Во времето во кое живееме негувањето надеж, грижата за другиот, за околината и колективното дејствување кон климатска правда за социјално-праведна и климатско-безбедна иднина се крајно субверзивни акти.
Суши, поплави, недостиг од чиста вода
Светот брзо се движи кон глобално затоплување од повеќе од 1,5 Целзиусов степен, што уште од 2018 година е граница за која Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), најреномираното меѓународно тело на научници, предупредува да не дозволиме да се премине. По оваа граница нѐ чека домино-ефект од уште поекстремни временски услови: зголемување на нивото на морето, поплави, суши, недостиг од чиста вода и од здрава храна и уште поголема општествена нееднаквост. Голем број заедници, особено од глобалниот југ, кои имаат најмалку придонесено кон климатската криза, веќе се соочуваат со овие појави и тоа предизвикува климатска миграција. Нашето поднебје не е исклучок. Почнуваме да се соочуваме со сѐ потопла и посува клима. Извештајот на УНДП „Проекции за климатски екстреми до 2100 година за Република Северна Македонија“ укажува на ризикот од подолги, потопли и посуви лета, намалување на паѓањето снег и појавата на мраз, зачестени и интензивни топлотни бранови, поплави и суши и кај нас. Разговарајте со кој било долгогодишен земјоделец, ќе ви каже за промените во климата и во временските услови што ги чувствува во текот на годините одгледувајќи ја храната што ја јадеме. Климатската криза не е ризик на иднината, туку и на сегашноста.
Крај на употребата на фосилни горива како прв чекор, но не и кај нас
Во специјалниот извештајна ИПЦЦ се вели дека имаме можност најдоцна до крајот на деценијата комплетно да го промениме начинот на функционирање на нашата економија. Горењето фосилни горива, нафта, јаглен и гас за краткорочен профит на извршните директори во фосилната индустрија, како и на нивните помагатели во јавната администрација на речиси секоја држава, го голта брзо јаглеродниот буџет на планетата во последните неколку децении – како никогаш досега. Македонија, повторно, не е исклучок. Сведоци сме на постапките на (привремени) јавни функционери што за акумулација на профит создаваат закони, законски акти и тендери што се за нивни бенефит, додека другите дишеме токсичен, убиствен воздух. Да се потсетиме на епизодата „Заговор против воздухот“ од емисијата „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија.
Дури и Меѓународната агенција за енергетика, највисокото тело за моделирање глобални енергетски сценарија, историски склоно кон фосилната индустрија, неодамна излезе со анализата „Нето-нула до 2050 година“ во која повеќе од јасно кажува:
„Инвестиции во снабдување со нови фосилни горива не се компатибилни со сценариото за останување на пониско од 1,5 Целзиусов степен“.
Но, оваа анализа како да нема стигнато до ушите на македонските функционери, кои токму годинава потпишува договори за инвестиција од 370 милиони евра во терминал на течен фосилен гас во Александруполи и во изградба на гасна инфраструктура низ целата држава, како што информираше Владата на Република Северна Македонија. Ова значи дополнително уништување на шумите, белите дробови на земјата, разорување на плодна почва, потенцијален ризик од протекување на најпотентниот гас што предизвикува ефект на стаклена градина (метан) во почвата и во подземните води и потенцијално раселување на цели заедници што би се нашле на патот на гасоводот.
Енергетска правда значи достоинствена количина обновлива енергија за секого
Имајќи го ова на ум, борбата за климатска правда е неодвоива од борбата за социјална, енергетска, политичка и економска правда. Со отвореното собирање колективни визии за национален зелен договор на платформата „Зелен глас“ на Коалицијата на иднината (zelenglas.mk), увидуваме дека повеќето од нас ја замислуваат блиската иднина на многу сличен начин: достоинствен живот со достоинствени примања, квалитетна и здрава локална храна, квалитетно критично образование, квалитетно здравство за физичко и ментално здравје и работа за секој што може на кој било начин да придонесе во својата заедница. Гледаме дека повеќето од нас ја замислуваме социјално и политички праведната иднина во заедништво, со интелектуално и со физички ослободени луѓе, во соживот со природата и со екосистемите, со модели на директна партиципативна демократија, особено во донесувањето одлуки што нѐ засегаат нас и нашата заедница (одличен пример кај нас е платформата „Мој град“) и со слобода за критичко културно изразување.
Моделите, пак, за постигнување енергетска и економска правда веќе ги имаме. Тие не вклучуваат централизирана приватизирана фосилна енергија од фосилен гас или кои било други фосилни горива. Земјава има голем број сончеви денови и огромен потенцијал за децентрализирана сончева и ветерна енергија. Место инвестирање на милиони евра во фосилен гас, инвестициите би можеле да се насочат кон ова! Енергетската сиромаштија е на незавидно ниво:
„Во 2014 година повеќе од 40.000 домаќинства имале проблеми со плаќање на сметките за електрична енергија, а главниот дистрибутер на гас забележал пад и намалување на бројот на корисници од 30 проценти во периодот од 2007 година до 2014 година како резултат на зголемувањето на цените“, се вели во статијата „Северна Македонија ја губи борбата против енергетската сиромаштија“ на „Клајмат хералд“. Енергетска правда значи достоинствена количина обновлива енергија за секој, по достапна цена и ова би било возможно доколку приоритетите на власта се вистински насочени кон зачувувањето на здравјето на луѓето, екосистемите и ублажувањето на климатската криза.
Почитување на принципите на праведна транзиција
За да не ги репродуцираме неправдите што ни ги има нанесено капитализмот, процесот кон напојување на трансформираниот економски систем со обновливи извори на енергија мора да ги почитува принципите на праведната транзиција: заштитено вработување на луѓето што моментно работат во фосилната индустрија, вистинско вклучување на засегнатите заедници, демократска сопственост на енергетскиот систем, инвестиции и субвенции во оваа насока, регенерација на уништените екосистеми поради екстракција и употреба на фосилни горива и обновување и подобрување на ефикасноста на моментната енергетска мрежа. Ова е наведено во „Запирањето на употребата на јаглен не е доволно, потребна ни е праведна транзиција“ на „Клајмат хералд“.
Многу од овие модели и стратегии воопшто не ни се туѓи, тие се веќе реализирани низ европскиот континент и пошироко – во Тампере, Финска, во Палма Кампанија, Сан Џузепе Везувијано и Стријано во јужна Италија, па дури и во Крижевци, Хрватска (municipalpower.org). Моделите на енергетски задруги се светол пример за енергетска и економска правда на заедниците во кои се иницирани.
Колективна акција преку радикална солидарност
Најубавото чувство е тоа што сѐ од ова ни е на дофат. Иднината е возбудлива и на нас останува како ќе ја обликуваме. Идентификувањето и предизвикувањето на вистинските причинители на моментната испреплетена криза и радикалната солидарност еден кон друг и особено колективно кон засегнатата и маргинализирана заедница е неопходно како никогаш досега за зачувување и продолжување на животот на сите живи суштества на планетата. За градење на посакуваниот свет, на похуманото и одржливо општество во кое сакаме да живееме, мораме колективно, интерсекциски и визионерски да пристапиме на решенијата. Трансформацијата кон тој свет почнува со секој од нас – локално, во нашата заедница, и глобално, со транснационална солидарност кон сите угнетувани и погодени од климатската и социо-еколошката и политичка криза.
Упатете се на платформата „Зелен глас“ денес и придонесете за националниот зелен договор со вашата визија!
(Авторката е коосновачка на организацијата за климатска и социјална правда, „Kolektiv Z“, независна истражувачка и студентка на докторската програма за политички и социјални науки при Универзитетот „Помпеу Фабра“, Барселона)