Актуелно, Доза вести

Момент за промена: Со секоја честитка од „Лице в лице“ ја менуваме заедницата кон подобро

Секое „здраво“, секое „благодарам“ и секоја насмевка што ќе ги дочека нашите продавачи на улица е момент на споделување, радост, и промена.
Нова година е секогаш точка за рефлексија. Но, и момент на промена – да се потсетиме себе си и нашите блиски дека сме тука едни за други.

Со вашата одлука да купите честитка од „Лице в лице“, не купувате само парче уметност од Андреа Бојковска, Ване Костуранов, Варвара Николова (Ва Дот), Георги Равански, Зоран Инадески, Иван Петрушевски (Флим), Кокидо, Ружица Мандичевска (Руки Чуки). Вие и самите вие станувате дел од таа промена.
Луѓето кои се дел од нашата програма за работна интеграција се движат од пасивни и немоќни кон активни, зајакнати граѓани со важна улога во заедницата.

Инспирираат и поддржуваат, тие се пример во своето маало и пошироката заедница, градат свесност, гордост и самодоверба… и создаваат МOMЕНТИ ЗА ПРОМЕНА за себе. Потоа за својата околина. А понатаму, за целото општество, кое станува поинклузивно, посвесно и погрижливо. Mесто каде секој има шанса да придонесе, да се развива и да создаде вредност.

Верни на принципот пола-пола

Половина од продажната цена од секоја честитка која ќе ја купите од нашите продавачи на улица е директна заработка за нив. Тоа не е донација, туку фер заработка. Веќе 13 години, овој модел носи економско зајакнување, самодоверба и чувство на припадност. За многумина, тоа е првиот чекор кон стабилност, кон нов почеток, кон живот со перспектива. 

Ново: Веб-продавница со 100% влог во заедницата

Оваа година, целата колекција на дизајнерски честитки е достапна и онлајн.

Секој мотив е создаден од македонски уметници кои ја поддржуваат нашата мисија уште од самиот старт. Огромна гушка и благодарност до сите нив.

  Секој денар од онлајн продажбата го вложуваме назад во заедницата за:

  • Развој на нови производи кои овозможуваат работна интеграција
  • Унапредување на платформата „Лице в лице“
  • Социјално менторство за нашите продавачи
  • Развој на Мрежата на партнерски организации на „Лице в лице“
  • Креирање нови можности за вработување и ангажман

Кога ќе ја испратите честитката, испраќате и порака: дека верувате во инклузивно, праведно и солидарно општество.


Во делот од годината каде што споделуваме убави желби и подароци, вие правите инвестиција  во луѓе, во иднина, во промена.
Секоја честитка што носи радост кај вас и вашите блиски, се претвора во можност за „Лице в лице“ – за нашите продавачи и за заедница која вложува во себе.

#МоментЗаПромена
#ЛицеВЛицеЧеститки

Напишете коментар